Исполнети мерките од „Планот 3-6-9“ во делот за реформа на јавната администрација

sdsm-logo

 

  1. Владата ќе донесе Одлука за декласификација на сите документи од интерес на јавноста

  2. Укинување на одлуката за утврдување на надоместок за материјални трошоци за дадена информација, од имателите на информации

  3. Ревидирање на Регистарот на иматели на информации од јавен карактер и лица надлежни за слободен пристап до информации од јавен карактер во сите институции и задолжување на институциите да ги објават на веб страните документите од јавен карактер

  4. Објавување на дневните редови за седниците на Владата на веб страната

  5. Формирање на тематски работни групи и започнување со ревизија на нацрт Стратегијата за реформа на јавната администрација и нацрт Акцискиот план, со претставници од институциите и граѓанскиот сектор и согласно коментарите на СИГМА

  6. Продолжување со процесот на ажурирање на Регистарот на вработени во јавниот сектор со цел да се објави вкупната бројка на вработени по сектори

  7. Започнување на сеопфатен дијалог за нацрт Програмата за управување со јавните финансии 2018-2021

 

 ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во реформскиот План „3-6-9“, што го објави Владата на  5. јули 2017 година,  предвидено е во  првите три месеци, односно до локалните избори, да бидат спроведени седум мерки  од делот за реформа во јавната администрација.  Ова ветување дадено во споменатиот реформски план на Владата е исполнето.

На крајот на август 2017 година  Владата донесе Одлука  за декласификација на сите договори за државна помош за странските инвеститори. Со Одлуката на Владата, согласно Законот за класифицирани информации и согласно препораките на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, покрената е постапка според која стануваат јавни сите информации и договори за доделување на државна помош со странските инвеститори. Медиумите информираа дека Владата ги задолжи Агенцијата за странски инвестиции и Техничко-развојните индустриски зони, како и сите останати министерства и државни органи, кои поседуваат класифицирани информации и договори за државна помош, и тие да ги покренат постапките за достапност на овие информации и договори.  Декласификација на информациите и договорите за државна помош за странските компании, всушност, е  првата мерка од пакетот за реформа на администрацијата содржан во  „Планот 3-6-9“. На 13 септември 2017  портпаролот на Владата Биле Бошњаковски на прес-конференција соопштувајќи го  сумираниот резултат од декласификацијата на договорите склучени во затворен круг и кои биле затворени за јавноста, информираше дека над 225 милиони евра од државниот буџет биле потрошени за влез на 25 компании на странски инвеститори кои вработиле 20.000 лица.

На 05.09.2017 година Владата донесе мерка со која медиумите ќе може бесплатно да ги користат услугите на Централниот регистар и на Агенцијата за недвижности, што ќе овозможи непречено истражување. Со ова фактички е реализирана втората точка предвидена во делот за реформи во јавната администрација – (2) Укинување на одлуката за утврдување на надоместок за материјални трошоци за дадена информација, од имателите на информации.  ССНМ и ЗНМ го поздравија ваквиот потег на Владата оценувајќи го  како чекор напред во процесот за ослободување и подобрување на состојбите на медиумските и новинарските права.

На 31 октомври министерот за Министерот за информатичко општество и администрација (МИОА),  Дамјан Манчевски, информира дека е подготвена листа на документи што министерствата имаат законска обврска јавно да ги објавуваат. А токму тоа е прдвидено во третата точка од  делот за реформи на администарцијата – (3) Ревидирање на Регистарот на иматели на информации од јавен карактер и лица надлежни за слободен пристап до информации од јавен карактер во сите институции и задолжување на институциите да ги објават на веб страниците документите од јавен карактер

Владата на денешната седница (31.10.2017) ја разгледа и усвои информацијата подготвена од Министерството за информатичко општество и администрација, што се однесува на листата на акти и материјали што министерствата во согласност со законот се обврзани да ги објават на своите веб-страници. Станува збор за листа од 21 документ, кои треба да бидат објавени на веб-страниците на министерствата и другите органи на државната управа. (Манчевски)

Во врска со четвртата точка: „Објавување на дневните редови за седниците на Владата“, на интернет – страницата на Владата во секцијата „Седници на Влада“, може да се најде детален преглед за сите владини седници,  почнувајќи од првата седница одржана на 05.06.2017 година. Тука ги има дневните редови, записниците и  соопштенијата од седниците.

Што се однесува до петтата точка  –  (5)Формирање на тематски работни групи и започнување со ревизија на нацрт Стратегијата за реформа на јавната администрација и нацрт Акцискиот план, со претставници од институциите и граѓанскиот сектор и согласно коментарите на СИГМА, на 26 септември  министерот за информатичко општество и администрација Манчевски на прес-конференцијата посветена на првите 100 дена  соопшти дека ги прифатиле сите забелешки од СИГМА и во дебатата за Стратегијата ги вклучивле сите засегнати страни.

На   веб-страницата на МИОА може да забележат повеќе информации кои говорат  дека се организирани состаноци, средби, консултации  и други активности поврзани со финализација на Стратегијата за реформи на администрацијата и вклучувањето на граѓанското општество.

На прес-конференцијата за „првите  100 дена“,  министерот Манчевски, исто така,  информираше дека  се прават проверки на  податоците за  вработените во државнниот сектор, што е всушност шестата точка  која  се однесува на „продолжување на процесот на ажурирање на Регистарот на вработени во јавниот сектор со цел да се објави вкупната бројка на вработени по сектори“(6). Манчевски тогаш соопшти:

Регистарот на јавна администрација што треба да даде одговор на ова прашање го затеков непополнет, нецелосен, недостапен, со јавно необјавен број на постојани и привремени вработувања. Регистарот на јавната администрација не смее и нема да дозволам да биде тајна за оние кои го финансираат, односно за граѓаните. Затоа, во овие 100 дена почнавме со анализа и поединечна проверка на податоците во него, како и на изнаоѓање начин со кој граѓаните ќе имаат увид во податоци за сите вработени во јавната администрација, по институции.  За целите за поединечна проверка се креираше и дополнителна улога во системот чии привилегии се само преглед на органограмите на институциите, со цел повеќе луѓе да можат да се вклучат во проверката

Манчевски, еден месец претходно (на 13 август) ја информираше јавноста дека  Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) почна со поединечна проверка на бројот на вработени во сите институции откако било утврдено дека Регистарот на вработените во јавниот сектор не ја дава реалната бројка

Тој соопшти дека во Македонија постојат 1.302 институции, а од нив 197 не побарале согласност за систематизација од МИОА и за нив нема никакви податоци.

150 институции имаат одобрена систематизација од МИОА, но систематизацијата не е активна, односно немаат никогаш внесено податоци. 918 институции имаат одобрена систематизација, и имаат внесувано податоци. Сепак, постојат сериозни индиции дека и кај овие институции голем број на податоци не се уредно пополнети. 37 институции, во кои што спаѓаат судовите, имаат активна систематизација, иако според закон не им треба согласност од МИОА Поради овие проблеми, во моментов МИОА прави проверка на сите институции поединечно. (Манчевски)

На 19 октомври беше претставена Нацрт-програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018–2021 беше претсвавена пред  претставници на граѓанското општество и други засегнати страни. Со тоа е реализирана и седмата точка од делот за реформа на јавната администрација – (7) Започнување на сеопфатен дијалог за нацрт Програмата за управување со јавните финансии 2018-2021.  Програмата, инаку,  има за цел да го рационализира финансиското работење на јавните институции, како и да го зајакне надзорот и транспарентноста во однос на трошењето на парите на граѓаните.

Во минатоднеделната анализа на „Вистиномер“  за тоа до каде е спроведувањето на предложените мерки од првата група содржани во „Планот 3-6-9“,  кои требаше да се реализираат до локалните избори,  од Владата  посочија дека  реализацијата на  делот посветен на реформата на администрацијата е стопроцентна, односно дека се исполнети сите седум мерки предвидени во овој реформски сегмент. Проверката на „Вистиномер“ покажа дека ова тврдење е точно.

Сепак, формалното исполнување на обврските е една работа, а сосема друга е каков ќе биде нивниот ефект во практиката. Па,  гледано од тој аспект, под голем прашалник е како овие реформски мерки ќе бидат спроведувани во јавниот сектор и  дали тие на подолг рок ќе доведат до целосна деполитизација и професионализација на администрацијата.

 

 ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *