Каде исчезнаа странските служби на Груевски?

vmro-dpmne-logo

 

Година и половина по избивањето на политичката криза во Македонија, „странските служби“ исчезнаа од говорот на Груевски. Во ниту еден јавен настап подоцна (а, ги имаше многу), никогаш експлицитно веќе не се спомнаа деталите кои ги изнесе порнешниот премиер на последниот ден од минатогодишниот јануари

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Откако на 31.01.2015 година, тогашниот премиер, а сега претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најави дека врз државниот врв е направен обид за пуч и тоа преку странски служби, таквото сценарио, со конспирациски мотиви за уривање на државата однадвор со помош на „домашни“ предваници, го спомена само уште на 25.02.2015 година. Оттогаш, речиси година и половина подоцна, странските служби исчезнаа од говорот на Груевски. Во ниту еден јавен настап подоцна (а, ги имаше многу) никогаш експлицитно веќе не се спомнаа деталите кои на тој јануарски ден ги изнесе порнешниот премиер.

 

ДРАМАТИЧЕН ПРЕС

На драматичната прес-конференција, во траење од 6.49 минути,  на која со глас треперлив од возбуда и наросено чело ги пренесуваше детаљите, Груевски обелодени дека:

Во периодот помеѓу септември и ноември 2014 година остварив 4 средби со господинот Зоран Заев, претседател на партијата СДСМ. Првата средба беше иницирана на негово барање, а понатамошните беа поврзани со првата. На овие средби господинот Зоран Заев побара од мене итно формирање на техничка влада и притоа ме информираше дека во соработка со одредена странска разузнавачка служба прибавил снимени телефонски разговори речиси од целиот државен врв, тргнувајќи од претседателот на државата, парламентот, владата, медиумите и други политички јавни лица од власта и опозицијата. Го прашав неколку пати дали е сигурен во тоа што го говори и дали е сигурен дека навистина станува збор за странска разузнавачка служба, на што добив потврдни одговори, рече Груевски. (Видео: 0.30-1.56)

Сепак, на излагањето на тогашниот премиер јавноста не реагираше со едноставно прифаќање и може да се прочитаат ллегитимно поставени прашања во дел од текстовите во медиумите. Колку и да се сакаше да се издраматизира напад од надвор, само неколку месеци по објавувањето на „бомбите“ од страна на опозицијата, на 23.06.2015 година, во анкетното истражување „Еврометар 2015“, чиј автор беше Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), се покажа дека само 20 процент од граѓаните веруваат дека прислушуваните разговори со кои располага опозицијата, се направени од странски служби.

Наспроти oвие податоци, 41 отсто граѓани веруваат дека снимките се направени од страна на домашните полициски служби, а за 52 проценти најважна е содржината на снимките, а не нивното потекло.

 

ДЕТАЛИ ЗА СТРАНСКИ СЛУЖБИ

Истите „детали“, малку надградени Груевски ги повтори и на втората прес-конференција, посветена на странските служби, на 25.02.2015 година, која траеше речиси 47 минути.

Груевски изјави дека две лица според сознанијата кои ги добил, го признале делото пред истражните органи во кривичната постапка. Ѓ.Л., изјави Груевски, го признал делото, тврдејќи дека како познаник и повеќе годишен соработник на лицето З.В. по негово барање го врбувал лицето З.К. вработен во УБК од 1993. Наводно, рече тогашниот премиер, З.К. му кажал на Ѓ.Л. дека на З.В. му се потребни снимени матерјали со цел нивно давање на странска разузнавачка служба, а заради нејзини потреби за следење на политичките и општите состојби во Македонија.

Подоцна на Звонко Костовски, еден од осомничените во „Пуч“, експресно му беше понудена спогодба за делата незаконско прислушување и шпионажа, со што и експресно доби казна затвор од три години. (Костовски беше пуштен од затвор со аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов, но по нејзиното повлекување сега започнаа правните толкувања околу тоа дали тој треба да се врати во затвор и да ја „одлежи“ казната до крај).

Ова беше и првиот сигнал дека нема ништо да биде од најавената судската постапка, која, како што изјави Груевски, ќе биде „јавна и транспарентна и за домашната и меѓународната јавност“.

Дека тоа што го зборува Груевски, не е баш така, потврди и извештајот од експертската група, под раководство на Рајнхард Прибе, во делот кој се однесува на УБК, на петтата страна.

Причините за одолговлекувањето на скандалот во Република Македонија се во концентрацијата на моќта во националната безбедносна служба (УБК) и во злоупотребата на механизмот за надзор над УБК. Според надворешен набљудувач, УБК работи надвор од својот законски мандат во име на власта за да ги контролира носителите на високи функции во јавната администрација, обвинителството, судиите и политичките противници, како последица на што се вмешува во независноста на судството и на другите национални инситуции, стои во извештајот.

Во Извештајот, прифатен од Собранието и Владата, јасно се констатира дека „УБК работи надвор од својот законски мандат во име на власта“, а не во име на Верушевски и на СДСМ.

Понатаму, на шестата страна од Извештајот се наведува:

Фамилијарната поврзаност помеѓу високо позиционирани политичари и носители на високи фунцкии во УБК, како и во Јавното обвинителство, создаваат ризична средина за конфликт на интереси.

Оваа фамилијарна поврзаност се однесува на Сашо Мијалков како директор на УБК и прв братучед на премиерот Никола Груевски и на обвинителот за борба против организиран криминал, Јово Илиевски, кој му е баџанак на Мијалков.

 

ПОВТОРУВАЊЕ НА ПРИКАЗНАТА

Груевски, сепак, не се откажа од својата приказна и изјави дека снимањето почнало некаде во 2010 година.

Откако Зоран Заев започна да ги упатува заканите кон мене, МВР покани врвни експерти за оваа проблематика од позната странска компанија, која со своја опрема изврши проверка и утврди, дека повремено на различни локации главно во центарот на Скопје, непознат сторител врши нелегално прислушкување и снимање на телефонски разговори, користејки мобилна опрема, чија локација постојано се менува, а која функционира по принцип на клонирање на т.н. базни станици. Се правела промена на местоположбата, а во радиус од околу 2 километри од институциите, главно во центар, од каде се лоцирале токму и телефоните на државниот врв и носителите на јавни функции, и таа опрема ја приклучувале во одреден дел од денот, најчесто помеѓу 12 и 18 часот, изјави Груевски. (Видео: 17.15-18.11)

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак,  во интервјуто со главниот и одговорен уредник на телевизијата „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, го демантираше Груевски и рече дека во Обвинителниот акт, кој е потпишан од Јавниот обвинител, Марко Зврлевски, пишува дека прислушувањето е направено во Управата за безбедност и контраразузнавање и од опремата што ја поседува УБК.

Истиот тој Зврлевски во обвинителниот акт против Заев потврдува дека прислушувањето е направено во тајните служби и дека тоа е направено со опрема на петата управа – рече Заев во интервјуто. [Извор:Сител Видео: 8.20-9.4 Датум: 10.02.2016 ]

Адвокатот на Заев, Филип Медарски во телефонски разговор за „Вистиномер“ го потврди тврдењето на лидерот на опоцизијата во интервјуто кај Латас.

Да, точно е дека во Обвинителниот акт пишува дека прислушувањето е направено во просториите на тајната полиција – рече Медарски.

Од тогаш до денес, не излезе ниту еден документ кој ќе ги поткрепи овие тези за наводни комбиња, странски служби и слично. Напротив, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ги отфрли жалбите на обвинителите како неосновани и ја потврди одлуката на судијата на претходна постапка, со којашто прислушуваните материјали од предметите на ОЈО оформени по поднесена кривична пријава на СДСМ против Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Кирил Божиновски, Сашо Мијалков, Ирена Мишева, Мартин Протуѓер, Тони Трајковски и Коце Трајановски се издвојуваат како  незаконски прибавени докази.

Уваженото барањето на адвокатот на Премиерот Никола Груевски и неговите соработници, бомбите да не бидат доказ пред суд, сепак не им ги врза рацете на обвинителите (СЈО) и на судиите да се расправа за наводни кривични дела.

Во кривичната пријава до која дојде „Вистиномер“, пишува дека Мијалков и Груевски заедно со други непознати лица, спротивно на Законот за следење на комуникациите и Законот за кривична постапка, како службени лица повеќекратно и континуирано во периодот од 17.05.2011 до неутврден датум во 2014 година, неовластено ги прислушувале и тонски ги снимале разговорите на Заев. Според Заев, тој бил прислушуван во вкупно 311 наврати, а пријавените сториле кривично дело „неовластено прислушување и тонско снимање“, од членовите 151, 22 и 45 од Кривичен законик.

Потврда дека снимките се автентични стигна и од германска лабораторија ангажирана од телевизијата „Ал Џезира“.

Конкретно, „Ал Џезира“ потврди дека не е монтирана снимката со разговорот меѓу премиер Никола Груевски и бившиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Таа е една од низата снимки што наводно го инкриминираат премиерот Груевски, а за која „Ал џезира“ побарала анализа за автентичност од германската лабораторија „Тонамбуланк“.

Коалициониот партнер на Груевски и претседател на ДУИ, Али Ахмети, исто така потврди дека снимените телефонски разговори кои ги објавува опозицијата се автентични и оригинални. Тој ова ги изјави во емисијата „Opinion“, која се емитува на ТВ Клан.

Ахмети на прашањето на новинарот дали снимките се автентични одговори потврдно. Тој додаде дека што се однесува на функционерите од ДУИ кои се појавуваат на снимените материјали, секој ќе си одговара за тоа што го сторил.

 

ЗАБРАНА ЗА ОБЈАВУВАЊЕ – ДЕЛ ОД СПОГОДБАТА

Значи, на 25 февруари 2015, беше последната прес-конференција посветена на таа тема, а и последен настап на кој Груевски ги спомна странските служби. Евве уште некои датуми поврзани со настаните, од тој ран почеток на кризата:

  • На 09.02.2015 година лидерот на СДСМ, Зоран Заев, почна со објавување на прислушуваните материјали или т.н. „бомби“. Вкупно беа „испукани“ 38 „бомби“.
  • На 14.05.2015 година се случи и првата лидерска средба.
  • На 2 јуни 2015 година во Прижно беше постигнат начеле договор, а на 15 јули беше и финализиран.

Во Спогодбата стои:

Објавувањето на дополнителни материјали од прислушувањето ќе запре. По враќањето на СДСМ во парламентот, сите материјали кои ги поседува СДСМ или било кој друг чинител ќе бидат предадени на јавниот обвинител за негово итно постапување.

 

ЛИНКОВИ:

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *