Конфузиите во случајот „Пуч“ како средство за манипулација на јавноста

Ветар и магла - одлични за креирање конфузија од која не можа да се види суштината. Фото:
Ветар и магла – одлични за креирање конфузија од која потоа не можe да се види суштината. Фото: Jordan Woods, 2012

 

Многу е тешко во услови на конфузија, создадена од страна на власта, медиумите да ја адресираат секоја информација, полуинформација и лажна информација. Меѓутоа, тие имаат на располагање моќна алатка: да поставуваат прашања и да бараат сведување на одговорите до многу елементарно ниво, кога едноставно станува многу тесен и просторот за дезинформирање и за затскривање во намерно создаден облак од прав.

 

Пишува: проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Во една претходна анализа (Барањето објаснување е една од алатките за контрола на власта) истакнав дека:

„Новинарот по функција треба да биде упорен, до ниво на здодевна мува. Новинарот мора да бара објаснувања, да лови грешки, да посочува противречности. Одново и одново, сè додека не дојде до сржта на една изјава, сè додека сосема не се разголи прашањето дали тој што ја дал изјавата има суштински аргументи или останува без одбрана. Само така новинарското перо може да зададе вистински удар. Сè останато е само скокоткање на власта.“

Ова особено се однесува на ситуации кога владејачките структури се обидуваат да го свртат негативното внимание од себе, односно, кога се обидуваат да ја отфрлат одговорноста за одредени свои активности и да постигнат impunity (неказнивост) на високи функционери во власта.

Еден од начините на кои се остварува ваков ефект е внесувањето конфузија во информирањето. Кога власта ја употребува конфузијата во информирањето за да ја манипулира јавноста, на прв поглед се чини дека граѓаните имаат огромно количество информации и дека добиваат можност да ја согледаат ситуацијата во целина, меѓутоа, со прецизна анализа, може да се утврди специфичен начин на саботирање на информирањето.

Тоа, вообичаено, се постигнува со затрупување на граѓаните се информации, со пружање огромно количество нецелосни, половични/парцијални информации извадени од контекстот (кои можат да бидат толкувани на многу различни начини) и со давање контрадикторни информации, кои ја замаглуваат вистинската ситуација.

За да ја остварат својата улога на контролори на власта, медиумите треба да се обидат да ја расчистат конфузијата од информации. Еден од најдобрите начини за ова е поставувањето прашања. Многу прашања. Сè до сведување на нештата на разбирливо и конзистентно ниво.

 

КОНФУЗИИ СОЗДАДЕНИ ОД ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ

Првиот елемент на конфузијата е внесен со говорот на претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски. Во говорот се спомнуваат: закани, уцени, местенки, тајни служби, насилно рушење на уставниот поредок… Говорот на премиерот е пренесен во сите медиуми, анализиран е и на многу различни начини е толкуван.

Купишта фајлови од странска служба во рацете на СДСМ и Заев.

„Премиерот уште додаде дека по средбите Заев почнал јавно да говори дека поседува таков материјал, што ја засили заканата дека ако не прифатат формирање на техничка влада ќе го објави материјалот.“

На кого му се заканува Груевски: Ние не сме Македончиња, туку сме Македонци.

Груевски си нарача судски процес против Заев.

За расчистување на конфузијата што е направена со говорот на премиерот, медиумите пропуштија да добијат јасен и конечен одговор (кој би го пренеле на граѓаните) на неколку прашања:

  • Од кога добивањето информација од странска служба претставува прекршување на законот?
  • Зошто Груевски не реагирал уште по првата средба кога смета дека врз него е извршено насилство?
  • Зошто Груевски не се заинтересирал за евентуалните прекршувања на законот за кои зборува Заев и не презел соодветна постапка кон органите што се надлежни да ги чуваат овие податоци?
  • Зошто Груевски не се обратил со своите сомнежи и не ги алармирал Собранието на Република Македонија и Претседателот на Република Македонија?
  • Зошто Груевски не се заинтересирал како странските служби дошле до сознанијата што сега ги споделуваат со Заев?
  • Од кога барањето (извршено во форма на политички притисок направен од страна на лидер на опозициска партија) за формирање техничка влада (која не е забранета со закон) и оза држување предвремени избори претставува казниво дело?

Без добивање одговор на овие прашања, останува само подигнатиот прав околу шпионажа, насилство, уцена, загрозување на интересите на државата. Недобивањето, пак, одговор на вака поставените прашања е исто толку „гласен одговор“.

 

КОНФУЗИИ СОЗДАДЕНИ ОД КОРИСТЕЊЕТО НА ТЕРМИНОТ „ПУЧ“ (ПУЧ Е ИЛИ НЕ Е)

Вториот елемент на конфузијата е внесен од Министерството за внатрешни работи и од министерката Гордана Јанкуловска преку дадените изјави во медиумите и  официјалното известување дадено на интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи.

Во соопштението на Министерството за внатрешни работи се спомнува: акција водена под назив „Пуч“, реализиран случај во кој е сузбиен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта, прецизно идентификувани луѓе кои се сомничат за „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“, собирање податоци од 2012 година со намера да бидат предадени на странски држави, сериозни закани за поседување компромитирачки материјал …

Во дневниот весник „Дневник“, направена е анализа со која се адресираат термините „насилство“ и „пуч“ во согласност со Кривичниот законик. Слична анализа е дадена на порталот „Призма“, но со сосема спротивни заклучоци.

За расчистување на конфузијата што е направена со официјалната изјава дадена од Министерството за внатрешни работи, медиумите пропуштија да добијат јасен и конечен одговор (кој би го пренеле на граѓаните) на неколку прашања:

  • Дали терминот „Пуч“ се користи само како назив за акција која е изведена од страна на Министерството за внатрешни работи или, пак, станува збор за насилен преврат во државата.
  • Ако станува збор за пуч, зошто не е инволвирана ниту една друга државна структура (Претседателот на државата, Советот за безбедност, Собранието, Комисијата за одбрана и безбедност…)?
  • Доколку станува збор за вообичаена полициска акција, тогаш зошто не еден, туку двајца клучни министри (министерот за надворешни работи, Попоски, и министерката за внатрешни работи, Јанкулоска) повикаа странски амбасадори и ги информираа за акцијата „Пуч“. Доколку станува збор за полициска акција, многу чудно е вакво постапување, а доколку станува збор за државен удар, тогаш останува прашањето зошто сѐ уште не се активирани сите органи на државата, туку само правосудните органи како за обична полициска акција?

 

КОНФИЗИИ СОЗДАДЕНИ ОД НЕЈАСНИТЕ КРИВИЧНИ ОБВИНУВАЊА НА ОСОМНИЧЕНИТЕ

Третиот елемент на конфузија се однесува на кривичните дела што се спомнуваат, односно, за кои се лишени од слобода/осомничени/обвинети неколку луѓе.

Според некои медиуми, првоосомничениот е испрашуван единствено за недозволено поседување оружје (Фокус).

Според други (Вечер):

„Според информациите од полицијата, првоосомничен е ексдиректорот на ДБК, Зоран Верушевски, кого полицијата го терети за шпионажа и помагање на насилство врз државни функционери.“

Според „А1 он“, „МВР со кривична за Заев за насилство, шпионажа и недемократско преземање на власта“.

Според „Телеграф“:

„Целата група ќе одговара за насилство кон државни органи, загрозување на уставниот поредок и демократските институции, дело кое прв пат се покренува во Македонија.“

Во „Фокус“ е дадена експертска анализа на можноста за кривично гонење на Заев која е многу интересна од аспект на поентирање на дел од недоследностите што ги пласира власта во однос на кривичната пријава и на кривичните дела за кои се товарат дел од осомничените, додека, пак, во „Дневник“ е дадена анализа на можните кривични обвинувања од аспект на нивната издржаност и соодветност.

За расчистување на конфузијата што е направена со различните информации за видот на делото за кое се осоничени четворица луѓе, медиумите пропуштија да добијат јасен и конечен одговор (кој би го пренеле на граѓаните) за што луѓето, против кои се поднесени пријави во рамките на акцијата „Пуч“, вистински се сомничат:

  • За обид за рушење на уставниот и на правниот поредок со закана за изнесување податоци за направени криминални дела (прекршувања на Уставот и законите) од страна на високи функционери во власта? На кој начин може да се заштити уставниот и правниот поредок доколку е забрането изнесување податоци за прекршувања на Уставот и на законите од високи функционери во власта?
  • Заради добивање тајни податоци од странски служби кога вакво кривично дело не е ни предвидено во Кривичниот законик?
  • Дали може да биде подведена под одредбата за државна тајна информација чие затскривање го поткопува/загрозува уставниот и правниот поредок во Македонија, односно дали се кумулативно исполнети двата елементи на државната тајна дадени во Кривичниот законик: решението од надлежен орган некоја информација да биде прогласена за државна тајна и опасноста за граѓаните и земјата доколку таа информација биде изнесена пред јавноста?
  • Заради политичка присила направена од страна на претседател на една политичка партија врз претседател на друга политичка партија? Во што се состои политичката борба доколку нема политичка присила како оружје кое се употребува во оваа борба?

 

Уште ветар и магла - овојпат креирани од Јавното обвинителство за уште поголема конфузија. Фото: vhines200, 2014
Уште ветар и магла – овојпат креирани од Јавното обвинителство за уште поголема конфузија. Фото: vhines200, 2014

 

КОНФУЗИИ СОЗДАДЕНИ ОД ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ

Четвртиот елемент на конфузија е внесен од страна на Јавниот обвинител.

Постојано присутен проблем на медиумското известување е што не ги користи предностите на електронските изданија и можноста да биде поставен  линк кон официјалната страница на Јавното обвинителство.

На официјалната веб-страница на ЈО  стои крајно непрофесионално, нецелосно и неточно известување:

„Јавното обвинителство на Република Македонија цени дека е неопходно да нагласи дека објавувањето на материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон.“

Медиумите треба прво да се заинтересираат токму за високото ниво на непрофесионалност и на лапидарност на официјалното соопштените на Јавниот обвинител, за отсуството на наведени членови од закони на кои се повикува Јавниот обвинител и објаснување за релевантноста на овие членови во конкретниот случај.

Либертас“ го пренесува соопштението на Хелсиншкиот комитет, „24Вести“ дава еден од членовите, но не нуди објаснувања и не ја проблематизира неговата релевантност за конкретниот случај.

Фокус“ го поставува прашањето на членовите на кои се повикува Јавниот обвинител и понатаму ги цитира спомнатите членови, меѓутоа повторно не го проблематизира фактот дека тие членови воопшто не се однесуваат на конкретнава ситуација. Имено, и во членот 289 (за тајноста на предистражната постапка) и во членот 299 (за тајноста на истражната постапка) станува збор за материјали што се продуцираат во текот на самата постапка и тоа како дел од дејствата на истражните, односно, на правосудните органи, а не за материјали кои некогаш, во некоја ситуација, би можеле да станат дел од кривична постапка.

Добро објаснување на целата ситуација поврзана со постапката и на објавата на Јавниот обвинител е дадена во новинарската лекција објавена од „Сервис за проверка на факти во медиумите“ и, во нешто пократок обем, во „Слободен печат“, а и новинарите се обратија со свое соопштение во врска со овој настап на Јавниот обвинител (Глас на Америка).

Од друга страна, само еден ден по оваа изјава, на ТВ „Сител“ се појавуваат податоци кои се очигледно дел од самите истражни дејства:

„Според информациите на Сител, во домашниот лап топ на прво осомничениот се криеле целосни анализи на предмети поткрепени со нелегално прибавени аудио записи, начин на работа кој бил спротивен од постапувањето на дома

Истрагата има докази и за поврзаноста на екс директорот на УБК и лидерот на СДСМ. Една од нивните редовни средби во Струмица била закажана дента кога Верушевски беше приведен. Соработник на лидерот на опозицијата неколку часа го чекал на влезот во Струмица, но се откажеле откако од медиумите дознале дека е во полициска станица.“

Истото ова се повторува и во дневниот весник „Вечер

И„страгата има докази и за поврзаноста на екс директорот на УБК и лидерот на СДСМ. Една од нивните редовни средби во Струмица била закажана дента кога Верушевски беше приведен. Соработник на лидерот на опозицијата неколку часа го чекал на влезот во Струмица, но се откажеле откако од медиумите дознале дека е во полициска станица.“  

Значи, не претпоставени, туку веќе утврдени делови од истрагата се оние кои не смеат да се изнесуваат (а токму такви се изнесените примери од ТВ „Сител“ и од дневниот весник „Вечер“).

Многу е тешко во услови на конфузија создадена од страна на власта, медиумите да ја адресираат секоја информација, полуинформација и лажна информација. Меѓутоа, тие имаат на располагање моќна алатка: да поставуваат прашања и да бараат сведување на одговорите до многу елементарно ниво, кога едноставно станува многу тесен и просторот за дезинформирање и за затскривање во намерно создаден облак од прав. А правот се разбива и со добри прашања што ќе останат неодговорени, зар не?

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција