МВР (и ЈО) по 9 постапувања за малолетничка дозволија системот да остане „труден“

Од постапувањето, односно несоодветното постапување на МВР и на ЈО (другите задолжени не се исклучени од одговорноста), сите институции во државата останаа „трудни“, исто како и граѓаните кои мораат да се соочат со овој срам од нефункционирањето на правната држава

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Министерството за внатрешни работи во консултација со надлежно јавно обвинителство излегоа со сооопштение пред неколку дена околу случајот со малолетничката–штитеничка на државата во кое цениме дека има извртена вистна, т.е. спин:

Во врска со случајот со 12-годишното девојче штитеник на ЈУ за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми, од страна на МВР постапувано е од крајот на 2016 и во текот на 2017 година и 2018 година и според евидентираните оперативни сознанија и комуникација со надлежното ОЈО, ја информираме јавноста за следното:

Малолетното девојче во текот на споменатиот период е девет пати пријавувано за исчезнато лице од страна на вработени во социјално-згрижувачките установи, при што во сите девет случаи е постапувано од страна на соодветните полициски служби.

[Извор: МВР – Соопштение, датум: 16.02.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: МВР во соопштение за јавноста изнесе тврдење дека 9 пати е постапувано од страна на соодветни полициски служби по пријави дека е исчезнато лице од Јавна установа за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми, што го сметаме како своевидно извртување на вистината односно спин.

Во моментот додека се пишува овој текст, во јавноста е потврдено дека уште две малолетнички–штитетнички на соодветната ЈУ се или биле трудни, при што едната ја прекинала бременоста, додека другата одбива и сака да го роди дететото. Самото ова сознание, заедно со претходниот случај на 12-годишното девојче, кое неодамна абортираше, го отвора сомнежот дали МВР постапувало или „постапувало“.

Консултирајќи искусни полициски службеници кои биле и на високи функции во системот, може да се најде разбирање за нивната теза дека МВР е сведено во многу случаи како да станува збор за невладина организација, а не за институција задолжена за откривање и гонење на криминалот и заштита на безбедноста на граѓаните, пред сè, поради Законот за кривична постпка од 2013 година, кога главна улога во истрагата му е дадена на јавниот обвинител.

Но, тоа што може да се најде разбирање, секако не смее да значи амнестија за МВР и префрлање на вината само кај Јавното обвинителство, кое, пак, очигледно, според неколку тврдења, не сторило речиси ништо (досегашна истрага на Канцеларија на НП, изјава на Министерката за труд и Социјална политика Мила Царовска и веб страницата на Обвинителството, каде не може да се најдат активности за посочениот период).

Имено, додека топката се префрла од МВР кон ЈО, бидејќи МВР тврди дека се до почетокот на оваа година го известило ЈО во посебни извештаи, МВР треба да одговори зошто по 9 пријавувања за исчезнатото лице, реагирале експресно дури на 14.11.2017, кога од болницата во Велес добиле известување дека малолетничката е донесена кај нив во бессознание. Тогаш конечно системот профункционирал, девојчето го испитувале и од Институтот за судска медицина, па врз основа на наодот МВР, дури на 19-ти февруари поднела кривична пријава против некој си Е.Х, до ОЈО, а и натаму го испитувала случајот, односно истрагата продолжува и против други лица.

 

ПОЛИЦИЈАТА МОЖЕЛА И САМА ДА ПОСТАПУВА

Зошто речиси едногодишна полугрижа, кога полицијата, според сега веќе потврдените факти дека девојчето континуирано зборувало за тоа што му се случува, имала сознанија за сторување на кривични дела казниви по Кривичниот законик и дела за кои се гони по службена должност. Полицијата согласно два закона имала можност и должност и сама да постaпува во откривање на веќе сторени дела и превенција од повторување на истите. Еве што велат Законот за МВР и Законот за полиција:

Што се „внатрешни работи“ според Законот за внатрешни работи (ВР) , чл. 2 (делумен цитат)

  • заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните;
  • (…)
  • спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела;

Што е „Обврска на вработените во МВР“, чл.6, Закон за ВР

Работниците во Министерството се должни во вршењето на работите и задачите да го штитат и чуваат животот и имотот на граѓаните, да ги почитуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот и да ги применуваат на пропишан начин само мерките и средствата на присилба што со овој закон или друг пропис се утврдени.

Што се „Основни задачи на Полицијата“ според Законот за полиција, чл.3

Основна функција на Полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, како и одржување на јавниот ред и мир во општеството

Што се „Полициски работи“, според чл. 5 од истиот закон (меѓудругите се и следниве:)

Полициски работи, во смисла на овој закон, се дејствија на полициските службеници што се однесуваат на:

  • заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните;
  • заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори;
  • спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела;

Како полицискиот службеник треба да постапува согласно чл.14 од Законот за полиција

Полицискиот службеник по службена должност или по наредба на јавниот обвинител, суд или друг орган кога е тоа утврдено со закон, презема мерки и применува полициски овластувања што се однесуваат на откривање на казниво дело и гонење на неговиот сторител кога постојат основи за сомневање дека се подготвува, во тек е извршување или е извршено казниво дело….

И особено  според чл.14-а

Заради превентивно дејствување и спречување на казниви дела Полицијата може да воспостави зајакната оперативна контрола на лица и објекти

Законот навистина го упатува полицискиот службеник на соработка со јавниот обвинител во чл. 63, но во членот 63 –а му дава автономија:

  • Кога постојат основи на сомневање дека е сторено казниво дело Полицијата собира податоци за тоа казниво дело, неговиот сторител, учесниците во неговото извршување, трагите, доказите и другите околности корисни за откривање и пронаоѓање на сторителот на тоа казниво дело.
  • Кога Полицијата ќе ги собере информациите и податоците за кривичното дело за кое се гони по службена должност, составува кривична пријава и без одлагање ја доставува до надлежниот јавен обвинител, доколку со друг закон не е поинаку утврдено.

 

ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО, ИСТО ТАКА, НЕ ПОСТAПУВАЛО

Но, ајде сега да ги видиме и надлежностите на Обвинителството. Испитувањето што го покрена Канцеларијата на народниот правобранител (5 -та мин. од видеото), покажува дека во октомври, на 10.10.2017 година Центарот, Јавната установа, го известила Јавното обинителство за целата историја на случувања со девојчето, „на нивно барање“. Значи некој надлежен јавен обивнител по сознанија, дали од Полицијата, дали од МТСП, дали од ЈУ, побарал информација и ја добил. Тоа значи дека од почетокот на октомври ЈО имало доволно време да преземе нешто – од барање за предистрага, наредби до МВР, разговор со дететото, што било… Но, до 20.02.2018, никој па и Канцеларијата на НП нема информации за какво било дејство на ЈО до ноември 2017 г., кога дететото било донесено во бесознание во Велес и по барање од Полицијата наредиле спроведување на истрага, а потоа и добиле кривична пријава.

Законот за јавно обвинителство донесен во 2007 година, јасно посочува дека обвинителството требало и можело да постапи:

Закон за ЈО, член 5:

Јавниот обвинител функцијата ја врши законито, непристрасно и објективно, ги почитува и заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти и во рамките на своите надлежности, во име на општеството се грижи за ефикасност на кривично-правниот систем….

Закон за ЈО, член 30

Во остварувањето на функцијата на гонење на сторителите на кривични дела и прекршоци, јавниот обвинител:

– ги има овластувањата што ги имаат Министерството за внатрешни работи и другите државни органи за откривање на кривични дела и нивните сторители и на прибирање на докази заради кривично гонење на сторителите на кривични дела,

– во предистражна постапка има овластувања да издава наредби за примена на посебните истражни мерки,

– ја раководи предистражната постапка и ги има на располагање овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа во согласност со закон,

– може сам да го преземе секое дејствие потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа,

Ова заедно покажува дека целиот систем потфрлил, но дека најмногу потфрлиле Полицијата и Обвинителството. Зашто Полицијата има право и сама да спроведе дејства со цел превенција или, пак, откривање на кривични дела, а особено го има тоа право ако види дека ЈО е тромо или не реагира. Обвинителството, пак, треба да одговори зошто не реагирало и соодветно на тоа некој да си ја покрене одговорноста и во самото обвинителство.

Според погоре изнесените аргументи, сметаме дека тврдењето на полицијата дека имале 9 повици и 9 пати постапиле во случај на пронаоѓање на девојчето, иако е вистина, е своевиден спин, кој има за цел да ја изврти вистината, зошто како орган за заштита на безбедноста на луѓето не сториле нешто повеќе. Тие постапувале во пронаоѓање на девојчето, сега во номеври и во откривање на осомничен сторител на полов напад, но не сториле ништо повеќе, освен посебните извештаи до ЈО, за да се спречи голготата на девојчето и да се откријат веќе сторени или да се превенираат други кривични дела. Од МВР можеле и имале должност да сторат и многу повеќе, зашто имаат поткрепа и во сопствените закони а и во полициската заклетва.

* * *

Јавниот обвинител Спасенка Андонова, напишала посебна презентација за посетителите на Академијата за судии и јавни обвинители која се однесува за правата на децата жртви, вградени во Законот за правда на децата, донесен во 2013 г.. Во неа, во делот за правата на детето-жртва на кривично дело, меѓу другото, се вели:

Правото со детето да се постапува со почитување на неговото достоинство,

Да биде заштитетно од секаква дискриминација,

 Да биде известено за своите права на јазик разбирлив и соодветен на неговата возраст

Ова е супер. Уште да презело Јавното обвинителство нешто посериозно во врска со малолетничката, која на нецели или цели 12 години останала трудна, а на 12 и 3 месеци абортирала. Вака, од постапувањето, односно несоодветното постапување на МВР и на ЈО (другите задолжени не се исклучени од одговорноста), сите институции во државата останаа „трудни“, исто како и граѓаните кои мораат да се соочат со овој срам од нефункционирањето на правната држава.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

One thought on “МВР (и ЈО) по 9 постапувања за малолетничка дозволија системот да остане „труден“

  1. Ve molam prodolzete vaka, imam kerka koja e na priblizna vozrast i zgrozeni sme od koga slusnavme za devojcevo ova e grozno i necovecki ne mozam da veruvam deka mu se slucilo ova….prodolzete da gi gazite so fakti

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *