Наместо за „Титаник“, Јанкуловска со политички квалификативи за СЈО

 

Поранешната министерка за внатрешни работи во владата на експремиерот Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, на 06.02.2017 ја даде следната изјава за која цениме дека е невистина:

Очлигледно е дека во моментот на наближување на разрешницата на политичката криза на Зоран Заев му е потребна помош и секогаш кога на Зоран Заев му е потребна помош, тука е Специјалното јавно обвинителство да излезе со нешто што тие ценат дека оди во прилог на опозицијата, односно дека ги подобрува позициите на Зоран Заев. Меѓутоа, после сè – тие функционираат повеќе од една година – на граѓаните на РМ јасно им е дека ова е политчка пресметка со неистомислениците на СДСМ, на Зоран Заев, кој впрочем неодамна беше и фактички, повторно аболициран од СЈО…

[Извор – Телма ТВ/Вести, датум: 06.02.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Гордана Јанкуловска изјавата ја даде после посетата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) каде што била по повик во врска со истрагата за случајот „Титаник“. Според СЈО, таа и нејзиниот тим од одбраната побарале да ги видат доказите, за што ќе биде повикана уште еднаш во институцијата СЈО.

Дел од истрагата за Титаник се поврзуваат со следниве сериозни кривични дела:

Злосторничко здружување од чл.394 од КЗ, Повреда на избирачкото право од чл.159 од КЗ, Повреда на слободата на определување на избирачите од чл.160 од КЗ, Поткуп при избори и гласање од чл.162 од КЗ, Уништување на изборен материјал од чл.164 од КЗ и Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања од чл.165-а од КЗ. – (СЈО, ПРЕС, 12.02.2016)

Гордана Јанкуловска, според медиумите, е осомничена за кривични дела и во други истраги, и друг пат кога била повикана во надлежниот суд – Скопје 1, таа давала слични изјави околу СЈО.

Јанкуловска е висок функционер на ВМРО–ДПМНЕ и цели 9 години се наоѓаше на многу важна функција, министер за внатрешни работи. Нејзините изјави околу СЈО се непринципиелни од два аспекта. Прво, таа е инволвирана странка, осомничена, во настани кои се  окарактеризирани како кривични дела од легитимна институција за гонење сторители на кривични дела. Оттука, изјавата дека таа институција била политичка и без кредибилитет е недоследна и може да се разбере само како неаргументиран контранапад за оној што ја сомничи и ја гони.

Второ, ваквите изјави се идентични со ставот на партијата на која што припаѓа и на лидерот на таа партија, кои се залагаат за укинување на СЈО, а додека тоа не се случи во праксата, прават максимални напори за попречување на работата на оваа институција.

Покрај недоследноста и неконзистентноста, изјавата на Јанкуловска е и невистинита, затоа што таа не е поткрепена со ништо аргументирано.

Секогаш кога на Зоран Заев му треба помош…е целосно непоткрепено тврдење, зашто активностите на СЈО се одвиваат во динамика и план што си ги прави самото СЈО, а покрај тоа, СЈО има ограничен рок до мај-јуни годинава да ги ефектуира истрагите со обвиненија или да ги прекине и да соопшти дека не дошле до цврсти докази. Оттука, тврдењето на Јанкуловска дека одредени истраги или активности на СЈО се совпаѓаат со политичките агенди на Заев, е несериозно и непоткрепено со убедливи аргументи.

Невистинито е и тврдењето дека СЈО го аблицирал Зоран Заев. Повлекувањето од предметот „Пуч“ веќе го објаснивме како целосно право и надлежност на СЈО, за што институцијата приложи аргументи – постојат други сознанија, произлезени од други истраги и обвиненија, кои се во спротивност со доказите што се нуделе во „Пуч“. Покрај тоа, СЈО повтори дека не тврдат ништо друго околу нечија вина:

Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен – дел од соопштението на СЈО.

И конечно, невистина е и тврдењето за тоа дека „на народот му е јасно“ и дека станува збор за пресметка со „политички противници“.

Последното истражување во јавноста покажа рејтинг од над 60 отсто доверба за СЈО. За друго истражување нема достапни информации. Што се однесува до „пресметка со политички противници“, ќе потсетиме дека СЈО е формирано согласно „пржинскиот договор“, со цел да ги истражи феномените на прислушкувањето во Македонија (кој и зошто го правел), но и да ги истражи евентуалните кривични дела што произлегуваат, односно се индицирани од прислушкуваните телефонски разговори.

Бидејќи тие се однесуваат на претставници на власта од сите ешалони (такви за опозицијата не се презентирани) и со оглед дека власта, иако не е тоа само „привилегија“ на власта,  е секогаш во поголема можност да извршува кривични дела поврзани со избори или, пак, со јавни пари, сосема е нормално тоа што во истрагите на СЈО доминираат сегашни или поранешни претставници на власта или други лица во институциите кои евентуално правеле кривични дела по налог на преставниците на власта.

Но, тоа не е аргумент да се тврди дека станува збор за „политичка пресметка“….

Поради погоре изнесените аргументи изјавата на Гордана Јанкуловска ја оценуваме како невистина.

 

Оцени: Тео Блажевски

 

ИЗВОРИ:

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *