Не е формиран нов државен институт за енергетика

vmro-dpmne-logo

 

Имајќи ја во предвид потребата од сериозни анализи, студии и проекти кои што треба да бидат подготвени во насока на реализација на проектите од областа на енергетиката, ќе дефинираме правна рамка и ќе формираме нов државен Институт за енергетика. Институтот ќе ги собере најдобрите кадри од оваа област во државата, ќе ги вклучи во својата работа докажаните научни кадри од соодветните факултети, а ќе се вклучат и младите стручни кадри од оваа област. Државните компании ЕЛЕМ и МЕПСО ќе бидат основачи на овој институт, но ис- тиот ќе се финансира и од други државни програми, донации и самостојни приходи од реализација на проекти. По почетниот период од три години, Институтот ќе прерасне во самостојна организација која ќе се финансира од сопствени проекти. Буџет: 1.000.000 евра ( Рок: 2014-континуирано)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за формирање „нов државен институт за енергетика“,  дадено во  Изборната програма за 2014 -2018 година, во делот – Енергетски сектор (стр. 128), досега (05.05.2016) е неисполнето.

Истиот проект  го најави и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ,  Александар Николовски,  за време на изборната кампања во Охрид:

Нов државен Институт за енергетика и стипендирање на студентите на насоките за енергетика. Институтот ќе ги собере најдобрите кадри од оваа област во државата, ќе ги вклучи во својата работа докажаните научни кадри од соодветните факултети, а ќе се вклучат и младите стручни кадри од оваа област. Во двете државни енергетски компании АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО отпочнавме процес на поттикнување на младите да се образуваат и усовршуваат во областа на енергетиката. Кон оваа иницијатива се приклучи и ЕВН Македонија, така што трите компании секоја година ќе доделуваат вкупно 15 стипендии. (Николовски , 16 април 2014 година)

При проверката на веб-страницата на факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ може да се заклучи дека во оваа научна инстуција не постои Институт за енергетика.

Институти кои работата на овој факултет се:

  • Автоматика и системско инжинерство

  • Електроника

  • Електрични мерења и електротехнички материјали

  • Електрични машини, трансформатори и апарати

  • Електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај

  • Електрични централи и разводни постројки

  • Компјутерски технологии и инженерство

  • Математика и Физика

  • Преносни електроенергетски системи

  • Институт за телекомуникации

  • Оддел за настава по странски јазици на нематичните факултети

Ваков институт нема ниту на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“. Информација за тоа дека ваква институција е отворена, или се планира нејзино формирање, не може да се најде ниту со пребарување  низ интернет.

Инаку, кај нас од 2005 година постои Агенција за енергетика , која има цел да го поддржува спроведувањето на енергетската политика на Владата, преку подготовка на енергетски стратегии , развојни планови и програми, со особен акцент на енергетската ефикасност (ЕЕ) и користењето на обновливи извори на енергија(ОИЕ).

Од сето ова може да се заклучи дека изборното ветување на владејачката партија  „нов државен институт за енергетика“, е неисполнето.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *