Не е решен проблемот со дивата депонија во Струга

Дивата депонија во Струга Фото: akvastruga.mk

 

Ветување: Решавање на проблемот со дивата депонија во Струга. Граѓаните ќе имаат чист град, отпадоците ќе се собираат и ќе се носат во регионалната депонија 

[Изборна програма за локалните избори 2017 г. на градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко, датум: октомври 2017 ]

OБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Bo изборната програма на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко со која тој настапи на последните локални избори (15 октомври 2017),  во делот Животна средина (стр. 27) е  ветено „решавање на проблемот со дивата депонија  со носење на отпадоците во регионалната депонија“. Ова изборно ветување на градоначалникот  Мерко досега (06.06.2018),   не е исполнето.

На 14 јули 2017,  Рамиз Мерко, сегашниот градоначалник на Струга, тогаш како министер без ресор,  прашан од медиумите за решавање на проблемот со депонијата,  изјави:

Ние имаме помош и од сегашната Влада, со што пред една недела почнавме со тендерирање за набавка на машините за балирање, со кои се предвидени и четири контејнери во кои ќе се товари истиот и ќе се транспортира до Дрисла во Скопје. За транспортот  се обезбедени средства и верувам дека до мај ќе имаме собирно место од каде ќе се товари истиот.

После победата на локалните избори,  на 19.12.2017 година прашан од „Порталб“ за ветувањата во неговиот мандат, во врска со депонијата како градоначалник на Општина Струга изјави:

Еден од главните проблеми на ова Општина во изминатиот период е депонијата што беше запалена и предизвика вознемирување кај жителите. Загадувањето на воздухот од палењето на депонијата предизвика голем револт кај граѓаните кои побараа и одговорност од локалната власт и решавање на овој проблем.

На 22.05.2018 година  во неговото второ интервју за Порталб, прашан во врска со депонијата тој повторна  кажа дека е отворен тендер за изградба на пункт од каде отпадоците ќе се носат во „Дрисла”. Но, иако прашан, тој не одговори што е со изградбата на новата регионална депонија.

На 02.06.2018 Алсат-М извести дека последниот даден рок – крајот на месец мај, е пречекорен од градоначалникот и досега нема решение за овој проблем:

Нема решение за големата депонија во градот Струга, и покрај ветувањата дека нешто такво ќе се направи до крајот на мај месец. Првиот човек на Општината сега дава ново ветување, според него овој проблем ќе се реши во јули.

Сепак, и покрај можноста за  привремено решение на проблемот со депонијата, најбитен момент од кој ќе зависи дали во иднина ќе се реши проблемот на депонијата во Општина Струга и околината, останува ветувањето за изградбата на новата регионална депонија. Таа е планирана да се гради во соседната Општина Дебарца, но тамошната локална власт вели дека нема да дозволи такво нешто.

Затоа, имајќи ги предвид сите информации, според методологијата на  „Вистиномер“, ветувањето на градоначалникот Мерко „за решение на проблемот со дивата депонија во Струга со носење на сметот во регионалната депонија“,  го оценуваме како неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Oцени: Дрилон Салиу


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.