Не се објавени листите со вработени во сите институции и податоците за сите исплати на субвенции

Фото: pxhere/pexels/pixabay

Многу институции објавија детални листи со вработени, а надлежната агенција по двегодишна пауза повторно почна да објавува податоци за корисниците на земјоделски субвенции. Но, тоа не го сториле сите институции и не е направено за цел период по политичките промени, поради што може да констатираме дека станува збор за делумно исполнето ветување

 

Ќе објавуваме детални месечни листи за сите вработени во јавната администрација и за корисниците на земјоделските субвенции, со цел граѓаните самите да бидат „контролори“ доколку се прават злоупотреби.

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр. 24]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Заради поголема отчетност и транспарентност при управувањето со институциите и јавните средства, СДСМ во предизборната програма наречена „План за живот“ вети дека ќе бидат објавувани детални месечни листи за сите вработени во јавната администрација и за корисниците на земјоделски субвенции.

Согласно ова ветување, многу институции објавија детални листи со вработени, а надлежната агенција по двегодишна пауза повторно почна да објавува податоци за корисниците на земјоделски субвенции. Но, тоа не го сториле сите институции и не е направено за цел период по политичките промени, поради што може да констатираме дека станува збор за делумно исполнето ветување.

Практично, со ова ветување, чија цел беше граѓаните да добијат појасна слика каде завршуваат нивните пари, социјалдемократите се обврзаа дека покрај веќе вообичаените податоци што ги објавува Министерството за информатичко општество и администрација за бројот на вработени во институциите на јавниот сектор, како и за половата, етничката и образовната структура на вработените на буџетски товар, како идна власт ќе споделуваат и податоци за сите вработени поединечно во институциите и нивната работна позиција и тоа на месечно ниво.

Па, доколку се изврши проверка на  официјалните сајтови на владата и министерствата, може да се заклучи дека листи со име, презиме и контакт на вработените објавиле владиниот генерален секретаријат, како и министерствата за информатичко општество и администрација, за финансии, за образование, за економија, за транспорт и врски, за труд и социјала, за здравство, за култура.

Наспроти тоа, податоци за сите вработени не може да се пронајдат на интернет-страните на министерствата за внатрешни работи и за одбрана, чие делување е поврзано со безбедноста на државата, поради што и во регистарот за вработените во јавниот сектор не се објавуваат податоци за структурата на вработените. Арно ама, листи со вработени не може да се сретнат ниту на сајтовите и на други министерствата – за надворешни работи, за животна средина, за локална самоуправа, за правда.

Имајќи предвид дека ветувањето не се однесуваше само на министерствата, туку на цел јавен сектор и многу општини објавиле детален список со вработени во локалната самоуправа, како на пример општините Кратово, Јегуновце, Куманово и др. Сепак, меѓу нив не е Град Скопје, кој во листата на јавни документи навел и ставка за вработени во Градот, меѓутоа линкот носи до податоци за организирањето на општинската администрација, ама не и до вработени лица.

Што се однесува до исплатата на земјоделските субвенции, пак, надлежната платежна Агенција за финансиска поддршка до земјоделството и руралниот развој од 2010 година наваму редовно ги објавува програмите за финансиска поддршка за земјоделството, рурален развој и аквакултура, додека листа со исплатените лица се објавени само за 2013, 2014  и 2015 година.

Односно, Агенцијата не ги објавила корисници во 2016 и 2017 година, додека за актуелната 2018 година објави списоци за реализирани исплати согласно Програмата за финансиска поддршка и согласно Програмата за рурален развој за првиот квартал од годината, односно од почетокот на годината заклучно со крајот на март. Иако заврши вториот квартал од годинава, сепак, нема податоци за периодот од април до јуни и покрај тоа што и во овој период се исплатени средства, ако се знае дека во првото полугодие е реализиран повеќе од двојно поголем буџет во рамки на споменатите програми отколку во првиот квартал.

Врз основа на сето тоа, ова предизборно ветување на СДСМ како опозициска партија засега е само делумно исполнето, бидејќи ако дел од министерствата и општините не објавиле список со вработени, тогаш уште е полоша состојбата со дузина други институции од јавниот сектор. Покрај тоа, досега објавени се корисниците на земјоделски субвенции за само 3 месеци во периодот од повеќе од една година по промената на власта.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко Стојановски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.