Обновен патот што ги поврзува Горно и Долно Лисиче

Наместо 21,4 милиони денари, реконструкцијата чинеше 24 милиони денари Фото: Принтскрин Отчет Конески (Општина Аеродром)

Проект: Реконструкција на локален пат с. Долно Лисиче – с. Горно Лисиче

Опис на проектот: Со поддршка од Владата на Република Македонија, преку Агенцијата за државни патишта ќе се изврши реконструкција на локалниот пат с. Долно Лисиче – с. Горно Лисиче, во должина од 3.580 метри, со вредност од 21.400.000 денари. (Рок: 2013-2014 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Локалниот пат што ги поврзува  Долно  и  Горно Лисиче е реконструиран  во септември 2013 година. Ова е исполнето ветување на градоначалникот на Аеродром  Ивица Коневски, дадено во неговата Изборна програма (2013-2017), Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Аеродром!  (Транспорт и инфраструктура, стр. 55). За реконструкцијата се потрошени 24 милиони денари, што е за 2,6 милиони денари (околу 42.000 евра) повеќе од планираните средства во Изборната програма на Коневски – 21,4 милиони денари.

Реконструкцијата и проширувањето на патот Горно-Долно Лисиче започна  на самиот почеток на мандатот на градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски. На официјалниот старт на градежните работи (25 април 2013 година)  Коневски посочи дека станува збор за капитален проект, најавуван и како еден од приоритетните проекти во неговата предизборна програма, а кој се реализира во соработка со Фондот за регионални и магистрални патишта и Министерството за транспорт и врски и се очекува  да биде целосно реализиран до крајот на 2013 година.

Овој проект има исклучително значење за жителите на Горно и Долно Лисиче, бидејќи со изградбата на овој со години оштетен и тесен пат, ќе им се овозможи побрза сообраќајна комуникација со другите делови од општината и Центарот на градот. (Коневски)

На 26 септември 2013 година свечено беше пуштен во употреба санираниот пат меѓу  Горно и Долно Лисиче.

По патот претходно не можеше  да се движат автомобили кога имаше поголема количина вода, а имаше и големи дупки. Во еден период имаше и забрана за движење на автобуси. Станува збор за инвестиција од 400 илјади евра. Овој пат е само еден од стотината што се реализирани во последниот период, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој заедно со градоначалникот на Општина Аеродром,  Коневски се појави на официјалното пуштање во употреба на патот.

Овој локален пат  се споменува и во Отчетот на Коневски за 2013 година (стр.4), каде, меѓу другото, е напишано дека „должината на патот од Горно до Долно Лисиче изнесува 3,5 километри, а широчината 6 метри“.  Во Отчетот, исто така, е наведено дека „реконструкцијата на патот Горно – Долно Лисиче што се изведе во рамки на Програмата за рехабилитација и подобрување на локалната патна мрежа во Република Македонија, чини 24 милиони денари обезбедени од Европската банка за обнова и развој“. Сума што за 2,6 милиони денари  ја надминува изборната проекција за овој проет – 21,4 милиони денари.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција