Пораките на претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол до ВМРО-ДПМНЕ

Од средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол, во јанурари (2018) во Брисел Фото: Принтскрин

Дол ѝпорача на ВМРО-ДПМНЕ дека очекува поддршка за реформските процеси, како и искрено да работи за побрза интеграција на Македонија во евроатланското семејство. Посочувајќи ги проблемите со (не)зависноиста на судството, кршењето на човекови права, борбата против корупцијата, (не) слободата на медиумите, кои кулминираа токму во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и порадои кои партијата ја изгуби власта, Дол ја повика ВМРО-ДПМНЕ да најде нова енергија (да се реформира) и да ја врати довербата на граѓаните

Дол ѝ порача на ВМРО-ДПМНЕ дека очекува поддршка за реформските процеси, како и искрено да работи за побрза интеграција на Македонија во евроатланското семејство. Посочувајќи ги проблемите со (не)зависноста на судството, кршењето на  човекови права, борбата против корупцијата,  (не) слободата на медиумите, кои кулминираа токму во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и поради кои партијата ја изгуби власта, Дол ја повика ВМРО-ДПМНЕ да најде нова енергија (да се реформира) и да ја врати довербата на граѓаните

 

Претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол во своето обраќање по повод митингот на ВМРО-ДПМНЕ (02.06.2018) пред македонската Влада, испрати многу значајни пораки до врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Ако се тргне настрана дипломатскиот речник и куртоазните зборови за „поддршка и пријателство“, упатени за овој прв голем митинг отако Христијан Мицкоски е на чело на партијата, во настапот на Дол јасно може да се забележат укажувања дека Македонија нема друга опција освен евроатланските интеграциски процеси, како и за спроведување на реформите, водење вистинска битка со криминалот и корупцијата.

Дол на самиот почеок ѝпорача на ВМРО-ДПМНЕ  дека местото на Македонија е во Европска унија:

Денеска имате шанса на вашите граѓани да им ги презентирате вашите идеи и вашата визија за иднината на земјата. Сите ние знаеме колку на народот на Македонија му е потребно сето ова. Мои пријатели, вашата земја се наоѓа во внатрешноста на границите на Европа. Нашите судбини се неодвоиво поврзани.

Тој со внимателно одбрани зборови, но, сепак, доволно јасно посочи дека ВМРО-ДПМНЕ треба искрено да работи за побрза интеграција на Македонија во евроатланското семејство.

Во Владата или во опозицијата, сите политички сили во земјата мора да ги подвиткаат ракавите и да покажат сериозна желба за напредување по Евроатлантскиот пат и да ги превземат неопходните мерки.

Што, несомнено,  подразбира дека ВМРО-ДПМНЕ треба  да заборави и да се дистанцира од заложбите за напуштање на евроатлнскиот курс и свртување кон Русија, искажани  отворено или полуотворено од политички и експертски кругови блиски до најголемата опозициска партија.

Истовремено, тој сосема отворено кажа дека очекува поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за реформските процеси:

Добро знаете за што зборувам: човекови права, борба против корупцијата, независност на судството и на медиумите, не заради тоа што ЕУ ви го бара тоа, туку заради тоа што вашите граѓани ви го бараат. И заради тоа што без ова горенаведеното, не е можно да се реактивира економијата, да се привлечат инвестиции и да се креираат работни места…

Вашиот народ бара промени и овие промени не можат да се спроведат без ваша партиципација, дури и во опозиција. ..

Кажано на поедноставен начин тоа значи дека најголемата опозициска партија треба да ги поддржи законските проекти врзани за исполнување на итните реформски приоритети поставени од ЕУ.

Надоврзувајќи се  на проблемите со (не)зависноста на судството, кршењето на  човековите права, борба против корупцијата,  (не) слободата на медиумите, кои кулминираа токму во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и поради кои партијата ја изгуби власта, Дол на крајот од настапот ја повика ВМРО-ДПМНЕ да најде нова енергија (да се реформира) и да ја врати довербата на граѓаните, а потоа и власта:

 Треба да се размислува различно, треба да се иновира. Јас сум сигурен дека со водството на претседателот Мицкоски, кој е динамичен, компетентен и мотивиран, ќе можете да дадете една нова енергија и нов елан на вашата партија. Да ја вратите довербата на луѓето, да ја најдете силата на партијата и наскоро да се вратите како владејачка партија со цел да можете поефикасно да донесете подобра иднина за сите жители во Македонија…

Така што, иако политичките пораки на претседателот на Европската народна партија до ВМРО-ДПМНЕ се убаво дипломатски спакувани, истовремено тие се многу суштински и имаат голема специфична тежина. Се разбира, за оние кои сакаат да ги слушнат и правилно да ги протолкуваат.

 

Пишува: Оливера Војновска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.