Претседателот не може да поништува закони и меѓународни договори, ниту пак, да распишува избори

Фото: facebook.com/filip.t. petrovski

Сите овие четири темелни определби се надвор од ингеренциите кои според Уставот го има претседателот на државата, така што тој нема механизми да интервенира онака како што Филип Петровски се залага во прогласот

 

Филип Петровски неодамна упати  проглас со кој ги повикува граѓаните да ја поддржат неговата претседателска кандидатура и да го дадат својот потпис во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија. Во оваа јавна објава тој ги наведува неговите темелни определби за кои ќе се залага доколку ги собере неопходните 10.000 потписи и ја добие довербата за иден претседател на државата, а во кои е искажана невистина.

  1. Поништување на Преспанскиот договор за промена на името
  2. Поништување на двојазичноста
  3. Враќање на државното уредување на Илинденските и Асномските принципи
  4. Распишување на вонредни парламентарни избори

[Извор: Проглас на Филип Петровски, датум: февруари-март 2019]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Сите овие четири темелни определби се надвор од ингеренциите, кои според Уставот го има претседателот на државата, така што тој нема механизми да интервенира онака како што Филип Петровски се залага во прогласот.

Преспанскиот договор, врз основа на кој се направени уставните измени и се смени името на државата е меѓународен договор, и претседателот на државата нема ингеренции да го менува или поништува. Согласно Член 118 од Уставот

Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Исто така, претседателот нема надлежност да го измени или поништи Законот за употреба на јазиците со кој албанскиот јазик станува втор службен јазик во државата, да го менува државното уредување, ниту пак,  може  да распише парламентарни избори. Измената на уставот и законите, како и распишувањето избори, се во исклучива надлежност на Собранието.

Сето ова може да се провери доколку се погледнат Правата и должности на Претседателот утврдени со Уставот. Така, на пример, прецизирано е дека Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили (член 79). Тој е и претседател на Советот за безбедност на Републиката и именува тројца од членовите на Советот (член 86). Во  членот 84, пак, е наведено дека :

Претседателот на Република Македонија:

  • го определува мандатот за состав на Владата на Република Македонија;
  • ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство;
  • ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;
  • предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија;
  • предлага двајца членови на Судскиот совет на Република Македонија;
  • именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија;
  • именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
  • доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
  • дава помилување во согласност со закон и
  • врши други функции утврдени со Уставот.

Така што, очигледно е дека четирите заложби на Петровски во пракса не е возможно да се спроведат, што, пак, води кон тоа тие да бидат неостарливи, односно невистинити.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.