Проектот за развој на манастирски туризам сè уште во најава

vmro-dpmne-logo

Проект: Развој на манастирски туризам.

Ќе ја прошириме туристичката понуда во делот на верскиот и манастирскиот туризам, на тој начин што во соработка со МПЦ ќе се евидентираат и поврзат манастирите кои нудат услуги за сместување. Проектот предвидува изработка на веб-страница со електронски водич за манастирски туризам и изработка на печатен промотивен материјал. (Буџет: 1.600.000 денари, Рок: 2014 – 2015 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот Развој на манастирски туризам”, е најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 -2018 година во делот – Останати проекти за развој на туризмот (стр.148), со рок на имплементација до 2014- 2015 година. И покрај медиумските најави дека проектот е во завршна фаза, нема достапни информации дека истиот е завршен. Имајќи предвид и дека рокот за негова имплементација е изминат, ова ветување го оценуваме како неисполнето.

Во Македонија има вкупно 1726 цркви и манастири со преку 150.000 квадратни метри фреско-живопис како и 126 објекти од исламската архитектура. Македонската збирка на икони, а особено Охридската, е една од највредните во светот и после Синајската и Московската збирка на икони, таа е трета по значење во Православието. Ова уникатно културно наследство, изобилието и историската вредност на црквите и манастирите во Македонија се одличен предуслов за развој на манастирскиот туризам.

Во септември 2015 година, неколку медиуми пренесуваат дека Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот е во завршна фаза на спроведување на проектот за манастирски туризам. Се вели дека проектот вклучува изработка на веб – страна со електронски водич за верскиот и манастирскиот туризам и изработка на печатен промотивен материјал.

Кристијан Џамбазовски, Директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во контекст на имплементацијата на овој проект,  тогаш изјави:

Издвојуваме 16 манастири кои „задоволуваат барем по еден критериум” за стационарен облик во туристичкиот промет, односно имаат можност за прифаќање гости во своите конаци. Во манастирите посебно се значајни конаците кои даваат солидна гаранција за добро сместување и квалитетен престој. Тие располагаат со вкупно 148 соби во кои се наоѓаат 694 легла (Кристијан Џамбазовски, изјава од 05.09.2015)

И покрај оваа најава во медиумите, електронското пребарување не дава резултати за подготвена веб-страница со електронски водич за манастирски туризам или за подготвен промотивен материјал. Подетални информации околу завршувањето на овој проект нема ниту на веб – страницата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, иако активностите за спроведување на истиот се споменуваат во програмата на Агенцијата за 2015 година.

Во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” (стр.126) се наведува дека проектот е спроведен, но пребарувањата не даваат достапност на ветената веб – страница, ниту, пак, водат до информација  дека проектот е завршен.

Имајќи ја предвид оваа анализа, ветувањето „Развој на манастирски туризам” се оценува како неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Mилена Јосифовска


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *