Смеат ли министрите да присуствуваат на камен – темелници во предизборен период?

Анлитичарите различно гледааат на присуството на вицепремиерот за економски прашања и на министерот без ресор на поставувањето камен – темелник на  турската компанија „Чагатај Кабло“ во зоната во Бунарџик. За едни е спорно, а за други – не

 

Пишува: Рада Исовска – Маневска

 

„Не фрлив лопата, а не сум ни партиски определен“, вака вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев се правдаше дека не е проблематично неговото присуство на поставувањето камен – темелник на турската компанија „Чагатај Кабло“ во зоната во Бунарџик, кое се случи на 27 септември – два дена по официјалниот старт на изборната кампања (25.09.2017).

Не дојдовме овде да им помогнеме во фрлањето лопати, туку само да ги поддржиме во нивната активност. Бев присутен на отворањето на сите фабрики откако сум вицепремиер, и ова не го сметам како активност во предизборие, особено што, вие знаете, јас немам партиска припадност, вели Анѓушев во изјавата  која ја  пренесе тв 24 Вести.

lOK-IZB

На свеченоста него го придружуваше и министерот без ресор во Владата  Аднан Ќахил и директорот на ТИРЗ Александар Младеновски.
На 21 септември – само неколку дена пред почетокот кампањата, заменик – претседателот на Владата задолжен за економски прашања Анѓушев, беше  и во ТИРЗ „ Алинци“ во Прилеп, каде присуствуваше на свеченото отворање на фабриката „Injection Moulding Prilep“, инвестиција на германската компанија Accomplast.

 

 

ШТО ВЕЛИ ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК

Во врска со организирањето свечености по повод пуштање во работа или камен – темелник на објекти, во членот 8- а став 2 од Изборниот законик е наведено:

Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите и до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје не може:

  • да се исплаќаат субвенции кои не се редовни месечни исплати;
  • да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, особено: давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.

ЕКСПРЕТИТЕ СО ПОДЕЛЕНИ МИСЛЕЊА

Анлитичарите различно гледааат на присуството на вицепремиерот за економски прашања и министерот без ресор на поставувањето камен – темелник на турскиот инвестиор во Бунарџик.
Професорот Осман Кадриу, вели доколку се гледаат работите според правните норми, присуството на висок владин функционер на ваквов настан во период на изборна кампања за локални избори е спорно, меѓутоа во конкретниот случај може да се најде оправдување бидејќи се работи за странски инвеститор.

Нашата правна регулатива не дозволува организирање на вакви настани на кои ќе присуствуваат високи владини функционери. Што значи присуството на министрите е спорно, но со оглед дека станува забор за активност на странски инвеститор, кој е значаен за економијата и кој однапред го планирал овој настан може да се оправда присуството на министрите, вели Кадриу.

Законските одредби, вели Кадриу, секогаш не треба стриктно да се разбираат, туку се гледа и интересот на граѓаните.

Политичкиот аналитичар Мерсел Билали не гледа негативно на присуството на министрите на поставување камен – темелник на странскиот инвеститор во Бунарџик бидејќи настанот не е поврзан со локалниот избор на градоначалник.

Кога оваа инвестиција би била лажна Фиктивна, само за да се прикаже активност, како тоа што го правеше претходната власт, да се фрлат лопати , а потоа да нема ништо од тоа, тогаш можеме да кажеме дека имаме изборен маркетинг, но ако инвеститорот е сериозен и ќе продолжи да гради таму тогаш и присуствтоо на министрите не е спорно, вели Билали.

Тој смета дека разликата со претходната власт е очигледна, бидејќи како што вели,  тогаш бевме сведоци дека се фрлаа лопати на сè и сешто, а по изборите немаше ништо од таа активност. Дополнително се поткупуваа одредени категории на граѓани со згоолемување на пензии и палти со исплата на субвенции само во период на изборни активности, додава Биљали.

Според  професорот Јове Кекеновски,  пак, ваквото однесување на министрите е во спротивност со членот 8 – а од Изборниот законик.

Иако едниот од министрите не е политички определен, како што изјавува, сепак тој е дел од една партиска влада која има интерес да обезбеди што поголем број на градоначалнички места. Затоа е обврзан да ги почитува законите. Дополнително видовме дека по една од свеченостите која беше организирана од странските инвеститори, тој се среќава со еден градоначалник, што пак, дополнитлено го нарушува неговото непартиско однесување. Доколку се сретнеше со сите кандидати за градоначалници тогаш тоа би можело и да се третира поинаку, односно како грижа за реализирање на целиот изборен процес, вели Кекеновски.

Претходанта влада користеше голем број настани за промоција на својата програма пред избори, што беше критикувано од експерти, невладин сектор и граѓаните.

 

СО ИСТИТЕ ФАБРИКИ СЕ ПОФАЛИ И ГРУЕВСКИ

Во екот на кампањата за локалните избори, инаку,  со истите фабрики во Бунарџик и во ТИРЗ Прилеп, се пофали и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој за изградбата на фабриката  за производство на кабли „Чагатај Кабло“   на Фејсбук напиша дека  се работи за  една од инвестициите на која претходната влада (предводена од ВМРО-ДПМНЕ) работела  подолго време.

Од компанијата објавија дека ќе инвестираат во месец декември минатата година, а на 17-ти мај оваа година потпишавме и договор за инвестирање. Иако беше предвидено фабриката да почне да се гради во месец јули, денес почнува градбата на капацитет кој ќе обезбеди работа на 200 луѓе.

За фабриката во индустриската зона во Прилеп, Груевски на својот Фејсбук – профил напиша:

На почетокот на минатата година се постави камен темелник, а еве денес почнува со работа инвестицијата на германската компанија Акомпласт во зоната во Прилеп. Разговорите ги започна и потоа ги водеше Бил Павлевски, а јас се приклучив во финишот, по што ја донесоа финалната одлука која се преточи во дело, градба на модерна фабрика во Прилеп која се протега на над 1000 м2 површина

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *