Укинато електронското полагање на ловечки испит

Фото: pixabay.com

 

ВЕТУВАЊЕ: Ќе го укинеме полагањето на ловечкиот испит по електронски пат и ќе формираме комисија која експедитивно и навремено ќе ги организира полагањата на испитите.

[Извор: Изборна програма на СДСМ: „План за живот во Македонија“  (стр. 105) , датум: ноември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ дека „ќе го укине полагањето на ловечкиот испит по електронски пат и ќе формира комисија која експедитивно ќе ги организира полагањата на испитите“, дадено за време на парламентарните избори во 2016 година, е остварено.

Имено, СДСМ ова ветување го даде како одговор на проблемите кои ги имаа граѓаните кои сакаа да полагаат ловечки испит. Според, Законот за ловство, полагањето на испитот се одвиваше електронски и само во Скопје што беше проблем за граѓаните кои немаа познавање од работа со компјутер. Сето тоа доведе до потешкотии во организирањето на ловечкиот испит и создаде листа од 2.000 граѓани кои две години чекаат да го полагаат испитот.

На 6 ноември лани Министерството за земјоделство предложи измени на Законот за ловство со кои се укинува електронското полагање на испитот ги постави на Електронскиот национален систем за регулатива (ЕНЕР).  Владата на 28 март (2018) на 61 седница го разгледа предлог- законот за измени на Законот за ловство и на Законот за рибарство и аквакултура, со кои се укинува електронскиот начин на полагање на ловечкиот испит. Законските измени во април поминаа и на собраниските комисии , а на 02.05.2018 година беа усвоени на  41- та пленарна седница на Собранието .

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, на 8 јуни на средба со ловци од струмичко, информира дека од 9 јуни почнува полагање на ловечки испит во сите градови во земјата и полагањето ќе биде рачно, не електронски.

Со измените на законот овозможено е да се полага во внатрешноста на државата. Утре полагаат кандидатите од регионот на Пехчево. За неколку дена ловечки испитите ќе се полага во Кичево, Скопје, Струмица, Крива Паланка. До крајот на летото ќе им овозможиме на сите кандидати да полагаат ловечки испит. Сето ова го правиме за поорганизирано ловство и развој на ловниот туризам, бидејќи ќе има нови членови на ловните друштва но и повеќе пари. ( Николовски).

Николовски појасни дека постапката сега е поедноставена и ќе се спроведе во еден ден, што не беше случај досега кога кандидатите мораа да плаќаат и по над 150 евра за двата дела од испитот.

Министерството претходно  формира и стручна комисија за полагање на ловечки испит и најави дека секоја година ќе верификува база на прашања кои ќе бидат јавно објавени на веб-страницата на Министерството. До крајот на летото, како што најави министерот Николовски, ќе  им се овозможи  да полагаат на околу 2000 лица кои во изминатите две години аплицирале, но не им било овозможено да полагаат.

Имајќи ги предвид информациите изнесени погоре може да се заклучи дека ветувањето на СДСМ дадено за време на предверемените парламентарни иабори во 2016 година, дека ќе го укине електронското полагање на ловечки испит и ќе формира комисија, е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција