(Видео) Бочварски: Ветените капитални проекти планирам да ги спроведам

 

Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски е веќе половина година на чело на Општината. Во кампањата влезе со ветување на неколку капитални проекти, вклучувајќи го и проектот на брана на реката Отиња. Браната е децениски проект на многу локални власти и сите без исклучок подоцна се откажувале од нејзината реализација. Бочварски овој проект го употреби како илустрација за неговата упорност.

 

Интервјуто го правеше: Весна Коловска

Снимател, монтажа и тон: Кире Андонов

 

Во интервјуто, направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED ( National Endowment for Democracy), Бочварски вели:

Кога гледате дека не сум се откажал од браната на Отиња, од која се откажале многу градоначалници пред мене, тогаш треба да им биде јасно на сите дека нема да се откажам од ниту еден крупен проект којшто е важен за граѓаните на Штип

Во моментот се работи на ревизија на стариот проект и со изработка на студија, Општината очекува добивање на градежна дозвола и почеток на градежните работи. Градоначалникот на Штип не прецизира рокови за конкретна реализација.

Првото остварено предизборно ветување беше намалувањето на цената на водата за десет отсто. Од 2018 година со одлука на Регултароната комисија штипјани плаќаат пет отсто пониска цена за кубик вода, а како што вели Бочварски, во 2019 година цената ќе биде намалена за дополнителни пет отсто. Со тоа, за две години ќе биде остварено неговото ветување за цена пониска за 10 отсто.

Од капиталните инвестиции беше ветена гасификација во должина од 20 километри, за што преку јавна набавка веќе е избрана компанија за проектирање. Од 2019 година се очекува почеток на работите на терен.

Почнати се работите на детската градинка во населбата Сењак,  првата којашто се гради по триесет години во Штип. Обезбедени се 45 отсто од парите од Бирото за рамномерен развој и 55 отсто од Буџетот на Општина Штип.

Засега не се почнати проектот за изградба на жичара до тврдината Исарот и спортско – рекреативниот центар во Суитлакот. За жичарата, според објаснувањето на градоначалникот, се бара соодветна компанија за проектирање, која може да изработи ваков специфичен проект.

Спортско – рекреативниот центар, во кој е вклучен аква парк во еден дел ќе зависи од плановите на приватен инвеститор, кој има купено парцели за ваква намена. Бочварски вели дека е во разговори со инвестиорите, по што ќе се знае како понатаму со овој проект, но, извесно е дека Суитлакот ќе остане зелена зона и зона за спорт и рекреација.

Триесет и четири годишниот градоначалник на Штип, Благој Бочварски е архитект по професија. Во градоначалничкиот кабинет дојде од Собранието на Република Македонија, каде беше пратеник од редовите на СДСМ. Бочварски  е актуелен потпретседател на владејачката партија(СДСМ).

 

ТЕСТ ПРАШАЊА:  СЕ ЈАВУВАМ КОГА ГО БАРААТ НА МОБИЛЕН

Дали имате портпарол, дали се јавни неговите/нејзините контакт детали?

Да, информирани се медиумите по мејл за новиот портпарол и неговиот контакт.

*** Но, на интернет – страницата на Општина Штип  нема ваква информација.

Дали се јавувате на телефон кога ве бараат новинарите и цивилното општество?

Да, ако не можам во моментот, се јавувам подоцна.

Дали ги објавувате сите одлуки на градоначалникот и на општинскиот Совет?

Да, во Службен гласник

Дали сте ја објавиле административната структура на Општината: секторите и раководителите на секторите, листата на вработените во општината и нивните контакт детали?

Да.

*** Но, без имиња на новите раководители и нивен контакт (органограм). Образволжение: се чека одобрување од МИОА на новата општинска систематизација.

Дали сте го објавиле општинскиот буџет?

Да, на интернет и во Службен гласник

Дали сте ги објавиле проектите и трошоците за истите?

Да, во извештаите во Службен гласник.

Дали ги објавувате трошоците на Општината: што купувате, што јадете, колку трошите за бензин/нафта и колку трошите за телефон?

Не..

***Образложение: нема таква алатка за Општините

Дали ги објавувате записниците од седниците на Советот?

Немаме законска обврска за јавно објавување на записниците.

***Општината води аудио записник, но може да биде достапен само по барање на граѓаните.

Дали имате објавено име на одговорно лице и листа на документи кои претставуваат информации и обрасци за поднесување барања за добивање информации од јавен карактер кои ги поседува општината?

Да.

Дали се објавува годишната програма и план за работа и последично на тоа дали се објавува Годишен извештај за работењето и трошењето на општината?

Да.

 

Целото интервју  може да го проследите подолу во следниот видео запис:

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *