Владата усвои измени на клучни судски закони, на ред е Собранието

фото: Википедија

Во рамките на Планот за итни реформски приоритети, Владата на Република Македонија во делот Наративен план „6-9“, во областа Реформи во правосудството, вети и донесување на две многу важни измени на постоечки закони, за кои оценуваме дека се во тек. Станува збор за измени во Законот за Судски совет и во Законот за судови. Поточно, измените на двата закона се ветени во насока на засилување на критериумите за избор, награди и разрешувања на судии

 

Владата на Република Македонија во рамките на Планот за итните реформски приоритети „3-6-9“ го вети следното, за кое оценуваме дека е во тек:

Ветување: Донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите во делот на основите на дисциплинска одговорност и дисциплински мерки за судиите, како и Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, со цел подобрување на процесот на оценување на судиите и условите за избор на судии.

 [Извор: Влада на РМ – Наративен план 6-9, датум: крај на 2017 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во рамките на Планот за итни реформски приоритети, Владата на Република Македонија во делот Наративен план „6-9“, во областа Реформи во правосудството, вети и донесување на две многу важни измени на постоечки закони, за кои оценуваме дека се во тек.

Станува збор за измени во Законот за Судски совет и во Законот за судови. Поточно, измените на двата закона се ветени во насока на засилување на критериумите за избор, награди и разрешувања на судии.

По проверката од два извора, медиуми и од сајтот на Владата, констатиравме дека текстовите на измените на законите се усвоени од страна на Владата, со објаснување дека веднаш ќе бидат препратени во Собранието на Република Македонија.

Во соопштението од 58-та седница на Владата на Република Македонија одржана на 12.03.2018 година се наведува следното:

Владата денеска го разгледа и утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет на Република Македонија. 

Основна цел на Законот е внесување мерливи квалитативни (веројатно е печатна грешка и треба да стои квантитавни – н.з.) и квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и претседателите на судот на секои две години. Воедно се внимаваше на целосна избалансираност на критериумите во системот на оценувањето. Истовремено се интервенира и во однос на одребите за член на Совет со право на глас, рангирање на кандидати за избор на судии во повисок суд, се зајакнува одговорноста во работата на Советот и слично.

Со измените што се предлагаат се зајакнува квалитативниот критериум во оценувањето на судиите и претседателите на судовите во однос на квантитативниот. Истовремено се направени и вградување на препораките од Венецијанската комисија дадени во последните изменувања и дополнувања на Законот за Судски совет на Република Македонија, во однос на транспарентното работење на Советот. Се внесуваат и измените предвидени согласно Стратегијата за реформа на правосудниот сектор.

Владата го разгледа и утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, чие донесување произлегува од потребата за реформа на судството во Република Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот систем, стратегиската цел на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО и потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди.

Двата предлог-закони, за Судскиот совет и за судовите, ќе бидат доставени до Собранието на Република Македонија согласно член 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија на натамошна постапка за усвојување.

Бидејќи станува збор за ветување во децидна форма „Донесување на Закон за измени на закон….ветувањето дадено во Планот на Владата „3-6-9“ во делот „6-9“, оценуваме дека е само делумно исполнето или во тек, бидејќи Владата својата работа ја има завршено, но ќе се смета за целосно исполнето кога измените на законите ќе бидат усвоени и во Собранието на РМ.

Вистиномер“ е должен и да додаде две забелешки во врска со ова ветување на Владата. Прво, по проверка на собранискиот сајт на 22.03.2017, усвоените текстови од Владата, веќе се во Собранието на РМ. Предлогот за измени на Законот за судовите во РМ е во статус на примен материјал, додека Предлгот за измени на Законот за Судски совет на РМ е во фаза на прво читање.

И втората забелешка – во исполнувањето на ова ветување самата Влада доцнела месец и половина во однос на самозададениот рок, бидејќи измените требало да го исполни уште со крајот на јануари 2018 година.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.