Не е покачен курсот на еврото

Фото: Принтскрин колаж pixabay.com - commons.wikimedia.org

Одлука за намалување на вредноста на домашната валута во однос на странските валути – еврото,  нема донесено ниту Владата, ниту Народната банка на  Република Северна Македонија. Од Народната банка  демантираа дека е покачен курсот на еврото. Оттаму соопштија дека се погрешни информациите кои излегоа на некои од порталите и на социјалните мрежи дека е покачен курсот на еврото. Според НМБ, девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Средниот курс на еврото според курсната листа на Народната банка изнесува 61,69 денари и истиот е непроменет во однос на лани

Одлука за намалување на вредноста на домашната валута во однос на странските валути – еврото, нема донесено ниту Владата, ниту Народната банка на  Република Северна Македонија. Од Народната банка  демантираа дека е покачен курсот на еврото. Оттаму соопштија дека се погрешни информациите кои излегоа на некои од порталите и на социјалните мрежи дека е покачен курсот на еврото. Според НМБ, девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Средниот курс на еврото според курсната листа на Народната банка изнесува 61,69 денари и истиот е непроменет во однос на лани

 

 

На социјалната мрежа Фејсбук деновиве почнаа да се шират шпекулации дека е покачен курсот на еврото, дека ќе дојде до девалвација на денарот, односно ќе падне неговата вредност. Постот што го анализираме е само еден од низата такви постови со кои во јавноста шири загриженост за наводен пад на вредноста на денарот во однос на еврото. Според постот, вредноста на еврото на 08.12. 2022 година била 62.06 денари. Постот како извор го користи интернет пребарувачот Гугл и не е објаснето за што точно станува збор, односно што точно покажува овој графикон. Тоа едноставно значи дека на овој Фејсбук статус, што е предмет на рецензија, му недостига контекст (missing context). Може да станува збор за продажниот курс на денарот, кој знае да се искачи и на 62 денари за едно евро. Но, од друга страна, таквото ниво се нивелира со куповниот курс, кој по правило е понизок што прави и средниот дневен курс во конкретниов случај да биде понизок од 62 денари за едно евро.

Она што треба да се знае тоа е дека дневниот среден курс на Народната банка е реален, односно тој претставува средна вредност од сите купопродажни зделки во период на еден ден. Тој курс не е нешто што Народната банка арбитрарно, самостојно и кабинетски го измислува, туку е резултат на фактички извршени и спроведени тргувања. Ништо од ова не е објаснето во овој пост.

 

Што е девалвација?

Девалвацијата претставува официјален акт на економската политика со кој се намалува надворешната вредност на домашната валута. Девалвацијата се спроведува така што со посебна одлука на владата или централната банка (или заедничка одлука на владата и централната банка) се намалува вредноста на домашната валута во однос на странските валути. Според тоа, девалвацијата се разликува од депрецијацијата (depreciation), каде што домашната валута ја губи својата вредност во однос на странските валути на девизниот пазар, под влијание на понудата и побарувачката.

Одлука за намалување на вредноста на домашната валута во однос на странските валути нема донесено ниту Владата, ниту Народната банка на Македонија.

 

Народната банка демантира дека има девалвација

Со реакција за ваквите шпекулации веднаш се огласија од Народната банка од каде демантираа дека е покачен курсот на еврото.

Погрешни се информациите кои излегоа на некои од порталите и на социјалните мрежи дека е покачен курсот на еврото. Во објавите се прави забуна помеѓу курсната листа за вршење на платен промет со странство за потребите на државните органи, со средниот курс кој е релевантен податок за вредноста на валутите.

Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Средниот курс на еврото според курсната листа на Народната банка изнесува 61,69 денари и истиот е непроменет во однос на лани, соопштија од НБРМ.

Оттаму јасно укажуваат дека курсот на странските валути треба да се следи на нивната официјална веб страница каде секој ден се објавуваат овие податоци https://www.nbrm.mk

Доколку се погледне извештајот за курсната листа за ден 08.12. 2021 година ќе се види дека курсот на еврото бил 61.69 денари, што не соодветствува со курсот на еврото наведен во постот кој го рецензираме (62.06 денари).

Народната банка е единствен релевантен извор на информации според којшто населението и фирмите може да го следат девизниот курс на домашната валута. Таа ги отсликува цените на валутите од реалните тргувања на домашниот девизен пазар.

Народната банка располага со низа инструменти со коишто ја гарантира стабилноста на денарот во однос на еврото. Девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво – двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година, додадоа од НБРМ.

Вакви шпекулации од типот дека паѓа вредноста на денарот се ширеа и во 2020 година. И тогаш Народната банка реагираше, а гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска им порача на граѓаните да бидат спокојни, дека нема да има девалвација и денарот ќе остане стабилен.

Граѓаните треба да бидат спокојни во врска со стабилноста на денарот – не постои простор за загриженост. Гарантираме дека денарот е и ќе остане стабилен. Нема да има девалвација. Граѓаните треба и понатаму да ги чуваат своите заштеди во денари – и економски тоа е порационално, во услови на различни каматни стапки кај денарското и девизното штедење и кога стабилноста на домашната валута е загарантирана, изјави тогаш Ангеловска-Бежоска.

Споделувањето на вакви и слични постови можат да создадат збунетост и страв во јавноста и поради тоа треба многу да се внимава кога се шират информации во врска со суштински податоци и да се користат релевантни извори. Курсот на еврото не е покачен и тоа го покажуваат официјалните податоци на Народната банка. Оттука сметаме дека на овој пост му недостига контекст, односно тој има капацитет да сее забуни заради фактот што се испуштени редица неопходни објаснувања за тој да биде правилно и точно разбран од страна на јавноста.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција