Контраспин: Разрешувањето на Зендели од собраниската комисија е поради Деловникот

Никола Мицевски. Фото: скриншот

Ставовите на пратеникот Никола Мицевски во кои препознаваме спин се однесуваат на суштината на потребата за разрешување на пратеникот Фадил Зендели од член на Собраниската Комисија за избори и именувања. Самата процедура можеби може да се спори, но Зендели е разрешен затоа што работните тела на Собранието, според Деловникот, треба да се одраз на состојбата со мнозинството и опозицијата во парламентот, а тоа беше нарушено по локалните избори и измените во коалициите и во власта и во опозицијата

Ставовите на пратеникот Никола Мицевски, во кои се препознава спин, се однесуваат на суштината од потребата за разрешување на пратеникот Фадил Зендели како член на Собраниската Комисија за избори и именувања. Самата процедура можеби може да се спори, но Зендели е разрешен затоа што работните тела на Собранието, според Деловникот, треба да се одраз на состојбата со мнозинството и опозицијата во парламентот, а тоа беше нарушено по локалните избори и измените во коалициите и во власта и во опозицијата

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Пратеникот Никола Мицевски во телевизиска дебата на ТВ 24 изрече ставови околу разрешувањето на пратеникот Фадил Зендели од собраниско тело, во кои се препознава спин:

Три дена имаше едно чудно толкување дека ВМРО-ДПМНЕ го брани колегата Фадил Зендели од БЕСА или дека ВМРО ДПМНЕ ја брани БЕСА. Апсолутно не е точно, изминативе три дена ВМРО-ДПМНЕ ја бранеше процедурата која СДСМ и ДУИ ја злоупотребија и максимално го прекршија Деловникот. (Мицевски понатаму појаснува околу членовите врз кои точката била ставена на дневен ред)

[Извор: 24 Анализа – ТВ дебата (од 10.40 мин.) – датум: 03.03.2022]

 

Контраспин: Пратеникот Никола Мицевски, кој е и шеф на парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РСМ, околу разрешувањето на пратеникот Фадил Зендели од БЕСА од членување во Комисијата за избори и именувања при Собранието користеше спин, т.е.извртување на вистината.

Користејќи зборови на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој во јавноста кажа, прво, дека не може да биде разрешен било кој пратеник од Комисијата, ако претходно таа не изгласа таква одлука, па потоа на пленарна седница, сепак, точката за разрешување беше ставена на дневен ред, Мицевски се повикуваше на точки од Деловникот врз кои била ставена точката на дневен ред и тоа го образложи со бранење на процедурата и го нарече кршење на Деловникот.

Мицевски е делумно во право. Навистина Џафери даде таква изјава неодамна, па потоа постапи поинаку деновиве и навистина може да се разбере дека оние членови од Деловникот што биле наведени како причина за ставање на точката на дневен ред во Собранието на предлог на група пратеници можат да бидат проблематични и/или оспорувани. Но, суштински гледано, Мицевски искажува спин, бидејќи причините за разрешување на Зендели, сепак, се деловнички.

Суштината на барањето за разрешување на Зендели е многу јасна, разбирлива и деловничка. Имено, според праксата на работа на Собранието и според Деловникот, собраниските комисии, кои се помошни тела на пленумот, секогаш ја отсликувале состојбата на мнозинство и опозиција во Собранието. Отсекогаш важело правилото дека мнозинството во собраниските комисии има повеќе гласови од опозицијата, освен ако тоа не е договорено поинаку меѓу пратеничките групи или во анкетните комисии и тела што ги формира Собранието, кога треба да извршува функција на јавна парламентарна истрага, таканаречено сослушување.

Тоа е запишано доволно јасно и во сегашниот Деловник, кој е донесен релативно скоро во согласност со сите пратенички групи. Во член 20 од Деловникот, каде се појаснува како се избира Комисијата за прашања на избори и именувања, се наведува:

Член 20

 (1) Собранието на конститутивната седница, по предлог од најмалку десет пратеници, избира Комисија за прашања на изборите и именувањата.

(2) Во Комисијата се обезбедува соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието.

Оваа одредба е важна и овој челен е ставен погоре во Деловникот, затоа што самата комисија е важна и потоа по нејзин предлог се именуваат и раководните тела во Собранието и се формираат и другите работни тела, а се избираат и именуваат носители на јавни функции во сите институции на централната власт за кои е надлежно Собранието.

Важноста на пресликување на мнозинството во телата е образложено и во уште еден член – 108 од Деловникот:

Член 108

(1) Изборот на претседател и членови на работните тела и нивните заменици, на шефови, членови и  заменици на членовите на  постојаните делегации на Собранието во меѓународните парламентарни собранија и претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието за соработка со други парламенти, се врши од редот на пратениците во Собранието, по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а врз основа на листата што ја предлагаат пратеничките групи.

(2) Во предлогот од Комисијата се обезбедува соодветна застапеност на пратениците од пратеничките групи и од пратеници кои не се организирани во пратенички групи.

Е сега, проблемот настана кога во оваа Комисија за избори и именувања, каде, меѓу другите, се предлагаат за избор и уставни судии или членови на Судски совет и Совет на Јавни обвинители, се наруши застапеноста на мнозинството од последните парламентари избори во 2020 година, од две причини. Дотогашниот пратеник на СДСМ, кој претседаваше со комисијата, беше избран за градоначалник на Струмица во ноември 2021, а пратеникот од БЕСА, Фадил Зендели, стана дел од опозицијата, бидејќи неговата партија ја напушти владејачката коалиција со СДСМ, чие место, пак, го зазеде Алтернатива.

Паритетот е нарушен и во десетина други комисии, па оттаму, сосема логично беше дека тој треба да се врати, но договарањата за тоа по локалните избори не вродија со плод повеќе месеци, по што СДСМ и ДУИ, заедно со другите партии од владејачкото мнозинство, тој паритет го вратија директно на пленарна седница. За тоа зборува и пратеникот од СДСМ што учествуваше во дебатата Јован Митрески:

За ова прашање сме зборувале долго време…Фактички за ова прашање зборуваме од денот на завршување на локалните избори, зборуваме од моментот кога има прекројување на мнозинството, не само затоа што Алтернатива станала дел од мнозинството, туку имало прекројување и во опозицијата од тогаш кога БЕСА соопшти дека има намера да биде дел од опозицијата и фактички она што е пракса тресет години и она што е пропишано во Деловникот – бидејќи никогаш не се доведувало во прашање мнозинството да биде пресликано во комисиите – баравме начин да функционира Собранието. Во спротивно ќе се доведевме во ситуација фактички Собранието да не биде функционално во својата работа. (од 9.20 минута во видеото).

Дека опозицијата не го доведува прашањето на пресликување на бројот на пратеничките групи и во работните тела, не зборува само Мицевски во дебатата, кој тоа не го спори, зборуваше и неговата колешка пратеничката Дафина Стојаноска во дебата на друга телевизија, на Топ Тема на ТВ Телма два дена претходно, на 02.03.

Затоа, Мицевски можеби формално има право кога спори одредени процедури за свикување на седницата или, поточно, врз кои членови од Деловникот била ставена точката за разрешување на Зендели, но суштината е дека Зендели е разрешен токму поради непочитување на Деловникот и кршење на членовите 20 и 108 со новонастанатата состојба на промени на партиите во коалицијата на мнозинството и во опозициската партија.

Оттаму го препознаваме спинот во исказите не само на Мицевски, туку генерално на опозицијата во нивната комуникација со јавноста.

 

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција