Невистинито е тврдењето дека Русија и Украина постигнале мировен договор и дека војната престанува

Фото: Фејсбук страница на Генералштабот на вооружените сили на Украина

Иако од насловот од текстот што го рецензираме се подразбира како војната да прекинува и мировниот договор да е завршена работа, понатаму тоа се демантира, велеќи дека всушност станува збор за нацрт план „кој би требало да доведе до крај на војната”. Текстот инаку би требало да биде превод, односно пренесување на објавен текст во Фајненшл Тајмс, меѓутоа фактите во македонската верзија се пренагласени, со оглед на тоа што официјално не е постигнат никаков договор, а воените дејствија на украинска територија продолжуваат 

Иако од насловот од текстот што го рецензираме се подразбира како војната да прекинува и мировниот договор да е завршена работа, понатаму тоа се демантира, велеќи дека всушност станува збор за нацрт план „кој би требало да доведе до крај на војната”. Текстот инаку би требало да биде превод, односно пренесување на објавен текст во Фајненшл Тајмс, меѓутоа фактите во македонската верзија се пренагласени, со оглед на тоа што официјално не е постигнат никаков договор, а воените дејствија на украинска територија продолжуваат 

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е споделен медиумски напис со наслов:

КОНЕЧНО ВОЈНАТА ПРЕКИНУВА: Договорен мировен договор во 15 точки – еве што е предвидено

Иако во насловот од текстот децидно се тврди дека Украина и Русија постигнале договор за прекин на руската инвазија во Украина, сепак веќе во првиот пасус станува јасно дека насловот не соодветствува со фактите, бидејќи не е постигнат никаков договор, а воените дејствија на украинска територија продолжуваат со жртви и со материјални штети.

Иако од насловот се подразбира како војната да прекинува и мировниот договор да е завршена работа, понатаму во текстот тоа се демантира, велеќи дека всушност станува збор за нацрт план кој „би требало да доведе до крај на војната”.

Планот не е постигнат во неговата финална верзија, не е познато официјално што содржи и нема крај на војната во моментот кога е пишуван текстот што го рецензираме.

Текстот инаку би требало да биде превод, односно пренесување на објавен текст во Фајненшл Тајмс, меѓутоа фактите во македонската верзија односно во преводот во написот се пренагласени. На пример, договорот што во насловот од македонскиот текст е претставен како завршена работа, во текстот на Фајненшал Тајмс се тврди дека е драфт во 15 точки кој би вклучувал Киев да се откаже од амбициите кон НАТО. Во текстот на Фајненшл Тајмс не се вели дека договорот е постигнат, наспроти тврдењето во насловот од текстот што го рецензираме.

Фајненшл Тајмс во своето известување не наведува дека е постигнат мировен договор и користи многу претпазливи прецизни формулации, за разлика од насловот на текстот што го рецензираме кој дезинформира дека дошол крајот на војната и дека договорот е завршена работа.

Природата на западните гаранции за украинската безбедност и прашањето дали тие ќе бидат прифатливи за Москва, може да се покаже како голема пречка на било каков договор, исто како што може да биде пречка и статусот за териториите преземени од Русија и оние од 2014 година. Иако Москва и Киев кажаа дека има прогрес во насока на договор, украинските власти се скептични дека Владимир Путин е целосно посветен на мир и се грижат дека Москва можеби купува време за да ги екипира своите сили и да ја продолжи офанзивата, пишува во текстот на Фајненшл Тајмс.

Има можност дека ова е илузија. Тие лажат за се, за Крим, за поставувањето на трупите на границата и хистеријата за инвазијата. Мора да ставиме притисок на нив додека немаат друг избор освен да се согласат на мировен договор, изјавил украински извор брифирајќи за разговорите, пренесува Фајненшл Тајмс.

Според текстот на Фајненшл тајмс, Путин не покажал сигнали за компромис, ветувајќи дека Москва ќе ги постигне сите воени цели во Украина.

Никогаш нема да дозволиме Украина да стане упориште на агресорски акции против нашата држава, изјавил Путин.

Но, руски извор брифирајќи за Фајненшл Тајмс рекол дека ако предлог драфтот биде договорен, може да биде кредибилен начин и двете страни да прогласат победа во војната.

Во текстот на Фајненшл тајмс исто така се споменува дека една од главните точки каде има разидување поради кое не може да се постигне договор е барањето на Русија Украина да го признае присоединувањето на Крим од 2014 година, како и независноста на двете територии во Донбас регионот.

Сите овие факти говорат дека договор не е постигнат. Медиумите веќе пишуваа во однос на тоа за што е постигнат договор меѓу Русија и Украина, а тоа беа главно хуманитарни коридори за извлекување цивилно население.

Дополнително на 18 март, во разговор на Путин со Шолц, Путин се пожалил дека Украина ги одолговлекува разговорите. Доколку договор беше постигнат, како што се тврди во текстот што го рецензираме, немаше да има воени дејствија во Украина, ниту пак Путин би се жалел дека има одолговлекување на преговорите и дека Украина излегува со нереалистични предлози.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека Русија и Украина постигнале договор и дека војната престанува.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција