Целта на тестовите за ковид-19 не е да соберат од луѓето ДНК материјал

Фото: freepik.com

Иако во примерокот од плунката има ДНК, целта на земањето брис не е таа. Примерокот исклучиво се користи за тестирање на вирален РНК. Потоа, примероците од плунката се уништуваат за една до четири недели откако ќе пристигнат во лабораторијата, велат за Ју Ес Еј Тудеј претставници на фирми што ги произведуваат тестовите за детекција на ковид-19. И доктор Линда Јанси објаснува дека не е точно дека со ПЦР тестот се зема ДНК материјал од луѓето, и дека не ѝ е јасно ни како впрочем би се извело тоа

Иако во примерокот од плунката има ДНК, целта на земањето брис не е таа. Примерокот исклучиво се користи за тестирање на вирален РНК. Потоа, примероците од плунката се уништуваат за една до четири недели откако ќе пристигнат во лабораторијата, велат за Ју Ес Еј Тудеј претставници на фирми што ги произведуваат тестовите за детекција на ковид-19. И доктор Линда Јанси објаснува дека не е точно дека со ПЦР тестот се зема ДНК материјал од луѓето, и дека не ѝ е јасно ни како впрочем би се извело тоа

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека ПЦР тестот за детекција на коронавирусот е всушност тест за ДНК.

Во сoстав на постот споделено е видео каде жена, на која ѝ се слуша само гласот, пристапува до пункт за тестирање каде што ѝ е кажано дека тестот може да биде направен или преку плунка или преку брис од нос. Жената инсистира дека станува збор за ДНК тест. Жената го прашува лицето што зема брис за што служи тестот од плунка, на што тој одговара дека станува збор за ковид тест. Потоа, таа прашува како е можно кога се врши тестирање за грип, тоа да не се прави тоа со тест преку плунка, а кога се тестира ковид тоа да се прави на овој начин. Медицинското лице ѝ одговара дека може да се тестира за што сака преку плунка. Потоа жената иронично прашува дали ги имаат и аналните тестови за детекција на ковид кои се користат во Кина, на што тој одговара дека се наоѓаат во Америка и дека тоа не се прави во државата. Видеото завршува со тоа што жената му кажува на медицинското лице дека ПЦР тестот е собирање на ДНК материјал и дека го жали што се вакцинирал против ковид-19.

Како што може да се види од официјалната страница на Центарот за контрола и превенција на болести на САД, има повеќе начини да се детектира инфлуенца, односно грип, а земање примерок од грло е еден од начините, наспроти она што го тврди жената во видеото, дека тоа е неможно.

Постојат и медицински студии кои покажуваат дека плунката е ефективен начин за детекција на инфлуенцата.

Според она што го објавува Клиниката Кливленд, ПЦР тестот се користи за да се детектира генетски материјал, ама од вирусот. При ПЦР тестирањето, лаборантот преку брис зема респираторен материјал од носот на пациентот. Тој примерок се тестира за генетскиот материјал на Сарс Ков 2, вирусот кој предизвикува ковид-19. Потоа, мал процент од овие примероци се испраќаат до Центарот за контрола и превенција на болести, кој спроведува генетско секвенционирање на овие примероци за да идентификува варијанти на ковид-19, да мониторира како се шири вирусот и да провери дали варијантата го избегнува имунитетот или вакцините.

Минатата година, ЦДЦ со генетското секвенционирање успеа да процени колкав процент од заразените со ковид-19 се заразени со делта, а колкав процент со омикрон варијантата.

Иако брисевите содржат човечка ДНК, еден од првите чекори во секвенционирањето е да се изолира генетскиот материјал на коронавирусот од останатиот дел од примерокот.

Според Центарот за контрола и превенција на болести, генетското секвенционирање може да биде изведено на ДНК, но ковид -19 има РНК.

Вирусната РНК особено се таргетира, а човечките гени не се копираат и не се секвенционираат. Крајниот резултат е само секвенционирање на гените на ковид-19, што им овозможува на научниците да видат која варијанта е во примерокот, вели Синди Принс, професорка по епидемиологија на Универзитетот во Флорида.

Иако има ДНК во примерокот од плунката, целта на земањето брис не е таа.

Примерокот исклучиво се користи за тестирање на вирален РНК. Потоа, примероците од плунката се уништуваат за една до четири недели откако ќе пристигнат во лабораторијата, велат за Ју Ес Еј Тудеј претставници на фирми што ги произведуваат овие тестови.

РНК е рибонуклеинска киселина во клетките од телото, користена за да се создадат протеини. Коронавирусот исто така има РНК. Ако се инфицирате со коронавирус, тогаш РНК на вирусот влегува во клетките и ги принудува да прават реплики на вирусот и да се шират во други клетки. Од почетокот на пандемијата со ковид-19, научниците развија тестови кои ја бараат РНК во плунката на луѓето. Ова е алтернатива на тестовите што се земаат од носот.

Доктор Линда Јанси објаснува дека не е точно дека со ПЦР тестот се зема ДНК материјал од луѓето.

Тоа не е точно и тестовите не функционираат така. Не знам дури ни како би собирале ДНК, вели таа.

Од почетокот на ковид пандемијата, разни теории на заговор кои немаат допирна точка со реалноста, имаа за цел да ги обесхрабрат луѓето да се тестираат за ковид, да се вакцинираат и да го третираат ковид како болест, а не како светски заговор за контрола на населението и депопулација. Овој пост е само еден од таквите.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека целта на ПЦР тестирањето не е да се собира ДНК материјал од луѓето.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција