Ако капсули од рибино масло топат стиропор, не значи дека истото ќе го направат и со човековиот желудник

Фото: Принтскрин видео

Оваа објава што се споделува на Фејсбук инсинуира дека суплементите од рибино масло кои го топат стиропорот, истото би го направиле и со човековиот желудник. Но, со постот се покажува непознавање на хемиските процеси и реакции. Како што тврдат и производителите на суплементи од рибино масло и хемичари, такво нешто  воопшто не се случува во човековиот организам 

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е споделен и видеоматеријал на кој се гледа како човек зема капсули „омега 3“ од кутивче, ги сече на половина и ги истура врз стиропор, по што, како што се наведува во видеото, за еден час во стиропорот се појавува дупка.

18.05.2022 Омега 3 капсули. За 5 мин го топат стиропорот. А што би направиле со вашиот желудник, пишува во описот на постот  што го рецензираме.
Точно е дека етил естер од рибиното масло може да разложи стиропор, за само неколку минути. Но, како што пишува „Консумер Лаб“, овој ефект не е здравствена закана.
Всушност, секое масло, вклучително и рибиното, маслиновото, како и маслото од канола, може да разложи стиропор ако му се даде доволно време. Некои видови на рибино масло можат да го топат стиропорот многу брзо, а други многу поспоро. Оваа интеракција и брзината со која таа се случува, е поради хемиската способност позната како поларност.
Маслото и стиропорот имаат интеракција и реагираат поради поларноста. Поларност е начин на кој се објааснува електричното полнење на молекулите. Водата е поларна молекула. Има два атоми на водород кои креираат позитивен полнеж на едниот крај на молекулата. Атомот на кислород пак, креира негативен полнеж на другиот крај од молекулата на водата. Спротивно наполнетите краеви на молекулата, се она кое ја прави водата поларна. Маслото е неполарно. За разлика од водата, маслото нема различни полнежи на секој крај од молекулата.
Токму овие разлики во поларноста, објаснуваат многу од хемиските интеракции. Генерално, слични состојки ќе се измешаат, а спротивните ќе се одделат. Во светот на хемијата, ова е познато како „сличните соединенија ги раствараат сличните соединенија“.

Ова објаснува зошто маслото (кое е неполарно), се одделува од водата (поларна), а солта (поларна) се раствора во вода. Ова објаснува и како отстранувачот за лак за нокти (неполарен) го отстранува лакот (неполарен) од ноктите. Ова исто така објаснува зошто маслото го раствора стиропорот. Двете се неполарни состојки.

Различни видови на рибино масло растворуваат стиропор со различна брзина. Поларноста може да варира во силина. Молекулите може да бидат многу поларни, малку поларни, благо неполарни, многу неполарни или нешто помеѓу. Сите видови рибино масло се неполарни, но некои се понеполарни од другите. Рибиното масло во форма на етил естер е многу неполарно. Во форма на триглицериди е многу помалку неполарно. Што понеполарно е рибиното масло, толку побрзо тоа ќе раствори друга неполарна супстанца како стиропорот, на пример.

Дали различни видови на рибино масло имаат различни придобивки за здравјето? Двата типа на рибино масло може да имаат разлики во нивната можност да растворат стиропор, ама нивните здравствени придобивки се исти. Двата типа на рибино масло добро се апсорбираат и се користат добро од страна на организмот. И двата типа ги обезбедуваат истите омега три масни киселини ЕПА и ДХА. И двата типа имаат голем обем на клинички тестирања за да се потврдат нивните здравствени придобивки.

Основната разлика меѓу нив е концентрацијата на омега три. Етил естер формата на рибино масло (која го раствора стиропорот побрзо), може да е поконцентрирана отколку триглицеридната форма. Ова значи дека ќе биде потребна поголема доза од триглицеридното рибино масло за да се прими истото количество на омега 3 масни киселини.

Кога избирате суплемент рибино масло, неговата способност да раствори стиропор треба да биде вашата последна грижа. Наместо тоа, чистината на производот и неговата доза на омега три треба да биде вашиот одлучувачки фактор, пишува „Ask The Scientists“.

Компанијата „УСАНА“ која произведува суплементи, официјално се има изјаснето за контроверзата која кружи на социјалните мрежи, во која корисниците на рибино масло се прашуваат дали капсулите од рибино масло кои можат да растворат стиропор, се безбедни за долгорочна употреба во телото на човекот.

Свесни сме за новата контроверза во медиумите дека некои видови на рибино масло и нивните суплементи може да разложат стиропор. Тоа природно ги тера луѓето да се прашуваат дали овие суплементи што го разложуваат стиропорот, се безбедни за долгорочна употреба. Одговорот е едноставен ако не и здодевен. По природа, стиропорот се разложува во некои видови на масни киселини што може да се најдат во природните масла. Ова не е ни хемиска реакција. Исто како што шеќерот се разложува во водата, така стиропорот се разложува во некои масни киселини. Високо прочистените концентрирани омега три масни киселини се оние кои го растворуваат стиропорот. Само затоа што омега три може да направи дупка во стиропор, не значи дека земањето на рибино масло и апчиња суплементи од тој вид ќе го кородираат нашиот стомак и ќе предизвикаат штета по нашето здравје. Има опсежжнни научни студии што покажуваат дека омега три е многу корисна за нашето здравје. За среќа нашето тело не е од стиропор, инаку и стомачните киселини ќе го разложеа нашето тело!, пишува УСАНА.

Оттаму додаваат:
Размислетте, само зашто јагодите и малините може да предизвикаат трајни дамки на нашата бела памучна облека, не значи дека нашите црева се извалкани или оштетени кога јадеме од нив. За среќа цревата не се создадени од памук. Можеби се прашувате зошто не сите рибини масла односно нивните суплементи, предизвикуваат дупки во стиропорот. Одговорот лежи во процесот со кој маслото било дестилирано, концентрирано и прочистувано. Висококвалитетните и концентрирани рибини масла односно нивните суплементи, кои ги препорачуваат докторите, поминуваат низ втор процес на дестилација. Ова ги отстранува заситените масти и другите масти кои не се омега 3. Ова дополнително го прочистува маслото, ги отстранува дури и загадувачите од природата како меркур и тешките метали присутни во рибата. Затоа, суплементите од рибино масло кои поминуваат двојномолекуларна дестилација, не само што се почисти туку и содржат многу поголема концентрација од омега 3 масни киселини. Токму оваа форма на почиста омега 3 масна киселина го разложува стиропорот толку брзо и визуелно!
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во постот што го рецензираме е пропуштен контекст. Оваа објава што се споделува на Фејсбук инсинуира дека суплементите од рибино масло кои го топат стиропорот, истото би го направиле и со човековиот желудник. Но, со постот се покажува непознавање на хемиските процеси и реакции. Како што тврдат и производителите на суплементи од рибино масло и хемичари, такво нешто  воопшто не се случува во човековиот организам.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција