Не е точно дека илјадници говеда угинале во Индија откако биле вакцинирани

Фото: Принтскрин

Според последните извештаи, болеста на чвореста кожа предизвикала смрт кај 49.628 животни во Индија. Смртта на животните не е поради вакцината, туку поради болеста, а умираат најголем број невакцинирани крави. Индијан експрес пишува дека во Гуџарат болеста се проширила во 20 делови од државата, а има и забрана животните да се преместуваат во афектираните делови. Вакцината против оваа болест моментално е во фаза на создавање

Според последните извештаи, болеста на чвореста кожа предизвикала смрт кај 49.628 животни во Индија. Смртта на животните не е поради вакцината, туку поради болеста, а умираат најголем број невакцинирани крави. Индијан експрес пишува дека во Гуџарат болеста се проширила во 20 делови од државата, а има и забрана животните да се преместуваат во афектираните делови. Вакцината против оваа болест моментално е во фаза на создавање

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е објавено видео од изумрена стока (во постот се наведува дека се работи за говеда), а во описот на видеото пишува дека настанот се случил во државата Гуџарат во Индија и дека таму, „десетици илјади говеда одеднаш почнале да умираат откако индиската влада им дала вакцини“.

Ова е државата Гуџарат во Индија, каде што десетици илјади говеда одеднаш почнаа да умираат откако индиската влада им даде вакцина, стои во објавата. 

Меѓутоа, информацијата дека десетици илјади говеда одеднаш почнале да умираат откако индиската влада им дала вакцини, не е вистинита.

Видеото е објавено и на други места на Фејсбук, а и во медиумите се известува за појавата која што не е поврзана со никакви вакцини.

Имено, во државата Гуџарат се шири болест која ја напаѓа стоката предизвикана од вирус на болеста на чвореста кожа (lumpy skin disease, LSD). Како што објави Трибјун Индија, инфицирани се 65 илјади животни. Дел од животните биле и вакцинирани со постоечките вакцини, меѓутоа тие биле здрави во моментот на вакцинацијата. Смртта на животните не е поради вакцините, туку поради болеста, а умирале најголем број невакцинирани крави. Тоа го покажува и фактот што болеста и нејзините смртни последици се причина да започне вакцинацијата. Болеста на чвореста кожа многу брзо се шири, примарно кај кравите, поради што директорот на одделот за сточарство, доктор Рам Пал Митал изјавил дека масовно се обезбедуваат вакцини. 

Министрите на дневно ниво ја надгледуваат ситуацијата. Одделот, исто така, работи на отфрлање на невистините кои се шират. Болеста на чвореста кожа не се шири меѓу луѓето. Млекото од заразените крави, исто така, е безбедно да се консумира откако ќе се зоврие. Во првата фаза од вакцинацијата, само здравите крави се вакцинирани, изјавува доктор Митал.

Индијан експрес пишува дека болеста се проширила во 20 делови од државата Гуџарат, поради што почнала вакцинација, а има и забрана животните да се преместуваат во афектираните делови. Говедата се вакцинираат против козји и овчи сипаници, но овие вакцини не нудат стопроцентна заштита против болеста.

Според истиот медиум, болеста на чвореста кожа е пријавена кај 54.161 животни во 1.935 села од 20 области. На животните, според медиумски извештаи од 1 август, им бил даден и третман по насоки на државниот министер за земјоделство, Рагхавји Пател.

Министерот рече дека Владата примила 21.026 повици на бесплатната телефонска линија 1962 во изминатите осум наведени во врска со LSD, пренесува Индијан Експрес.

На 26 јули годинава, Владата на Индија испратила официјално соопштение за забрана на саеми за животни и движење на стадата во афектираните области. На 31 јули годинава медиумот „Мангалореан“ објави фотографија од видеото кое се наоѓа во постот што го рецензираме.

Во текстот се вели дека над 1.200 грла угинале поради оваа болест во државата Гуџарат, Индија, а постојат и обвинувања од опозицијата дека бројката е повисока за 25 до 30 пати и дека вистинските бројки се кријат од јавноста.

Болеста предизвикува грутки во телото на животното и кога телото ќе дојде во допир со муви или комарци, тие ја трансферираат инфекцијата на други здрави животни, вели доктор Рави Исрани, ветеринар во државата Раџастхан, додавајќи дека ширењето на болеста се влошила поради силните дождови.

Болеста може да предизвика треска и стерилитет и намалена продукција на млеко, што претставува удар за многу рурални домаќинства.

Би-Би-Си пишува за болеста на чвореста кожа, односно за нејзината појава во Индија, односно дека уште во јуни месец годинава имало добиток кој угинал.

Повеќе од 2.600 крави во Гуџарат угинале досега од болеста, според официјални проценки, но бројката може да е повисока. Околу 6 илјади животни угинале во соседната држава Раџастхан, пишува Би-Би-Си.

Вакцината против оваа болест моментално е во фаза на создавање во Индија.

Вакцината е хомогена, обезбедува стопроцентна заштита против болеста во стадо. Моментално администрираме само вакцини против козји и овчи сипаници. Тие вакцини нудат заштита од само 60 до 70 проценти против болеста на чвореста кожа, објаснуваат експерти за индиските медиуми.

Според последните извештаи, болеста на чвореста кожа предизвикала смрт кај 49.628 животни во Индија.

Таков е случајот и со животните од видеото од објавата што е предмет на оваа рецензија.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина оти десетици илјади говеда одеднаш почнале да умираат, откако индиската влада им дала вакцини. Станува збор за заразени говеда со болест на чвореста кожа, која предизвикува смрт кај добитокот.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција