Нема докази дека Тајланд ќе ги поништи договорите со „Фајзер“

Фото: Mike Ramírez Mx auf Pixabay

Видеото споделено во постот што го рецензираме е скратено и тоа во клучни делови, а со тоа е променет и контекстот. Вистиномер го пронајде целосното интервју со професорот Бакди може да се види на следниот линк, во видеото тој вели дека разговарал со тајландски активисти, а не со официјални лица на Тајланд. Тврдењето дека вакцината на „Фајзер“ никогаш не била тестирана е неточно. Првите учесници во клиничкото тестирање земаа учество на 5 мај 2020 година, а податоците беа објавени на 20 август 2020. Исто така, нема докази дека состојбата на принцезата на Тајланд е последица од ковид вакцини. Официјални извештаи на кредибилни медиуми не споменуваат корелација со вакцината. Фактички, вакциналниот статус на принцезата не е познат. Ниту таа, ниту кралското семејство или владата на Тајланд, никогаш јавно не го соопштија својот вакцинален статус

Видеото споделено во постот што го рецензираме е скратено и тоа во клучни делови, а со тоа е променет и контекстот. Вистиномер го пронајде целосното интервју со професорот Бакди може да се види на следниот линк, во видеото тој вели дека разговарал со тајландски активисти, а не со официјални лица на Тајланд. Тврдењето дека вакцината на „Фајзер“ никогаш не била тестирана е неточно. Првите учесници во клиничкото тестирање земаа учество на 5 мај 2020 година, а податоците беа објавени на 20 август 2020. Исто така, нема докази дека состојбата на принцезата на Тајланд е последица од ковид вакцини. Официјални извештаи на кредибилни медиуми не споменуваат корелација со вакцината. Фактички, вакциналниот статус на принцезата не е познат. Ниту таа, ниту кралското семејство или владата на Тајланд, никогаш јавно не го соопштија својот вакцинален статус

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека „врвни тајландски власти, вклучително и кралски советници разговарале со професорот Сухарит Бакди“ и се подготвени да ги поништат договорите со „Фајзер“. Потоа во постот се додава дека кралското семејство во Тајланд е предупредено дека принцезата најверојатно е жртва на вакцинацијата и дека нејзината дијагноза бактериска инфекција е смешна.

Како поткрепа за тврдењето во постот е споделен линк до интервју со професорот Бакди. Меѓутоа, ова е само исечок од интервјуто, коешто кога ќе се погледне во целост, воопшто не кореспондира со тврдењето дека  „тајландските власти биле подготвени да ги поништат договорите со ‘Фајзер’ “, ниту пак, дека тие сметаат дека состојбата на принцезата е поврзана со вакцинацијата.

Вистиномер го пронајде целосното интервју со професорот Бакди коешто може да го видите на следниот линк. 

Нема никакви докази дека Талјанд се обврзале да бидат првата земја во светот која ќе ги поништи договорите со „Фајзер“. Видеото споделено во постот што го рецензираме е скратено и тоа во клучни делови,  а со тоа е променет и контекстот.

Според сајтот за проверка на факти Техарп, во видеото Бакди вели дека разговарал со тајландски активисти, а не со официјални лица на Тајланд. Од целосното интервју може да се виде дека од 18,45 минута до 20,27 минута Бакди вели:

Има активисти во Тајланд со кои бев во контакт минатата година и рекоа ако доаѓаш во Тајланд ќе те поврземе со институции и советници на највисоките институции во Тајланд. И тоа се случи. Имав прва можност после години, да зборувам со главните советници на власта. Беше многу импресивно зашто им посочив дека целата ковид-19 агенда е лага и зашто можев да им изложам доказ дека ковид вакцините се базирани на измама. Мислам дека тајландските советници на кралското семејство беа првите во светот да добијат доказ до кој што патем, сите имаат пристап.

Но, тој не наведува на кои советници им презентирал наводни докази.

А за тоа дека Бакди говори за активисти (со кои разговарал), а не за власти или кралското семејство, потврдува и делот од видеото каде тој вели (од 29,20 минута до 33,23 минута):

И кога им кажав во Тајланд знаете, тие скокнаа до плафон. И рекоа дека Тајланд ќе ѝ се приклучи на Швајцарија и ќе му покаже на светот како треба, зашто договорите се да купат милиони дози од проклетата вакцина која е смртoносна. Не поради мРНК туку поради тоа што липидите во кои е спакувана мРНК се доволни да се убијат луѓе. И тогаш рекоа, во ред и почнаа да гуглаат и рекоа дека договорот е потпишан во Тајланд со „Фајзер“ и „Бионтек“ и во таков случај, бил базиран на измама зашто нема безбедносни студии, а сега е познато дека пакувањето е небезбедно. Така што, ми рекоа ќе видиме, Тајланд да стане првата земја во светот која ќе ги анулира договорите. Што значи дека „Фајзер“ ќе мора да им плати компензација на тие луѓе што го загубија постоењето поради вакцината. Оди во Тајланд, луѓето се сиромашни и ги изгубија и животите. Им реков и дека во декември се случи нешто, една од ќерките на кралот колабираше и е во кома после 23 дена од третата вакцина. Има 44 години и никогаш не била сериозно болна. Дијагнозата која им е дадена од универзитетот и авторитетите, е толку бесмислена дека имала бактериска инфекција која никогаш не би предизвикала тоа од кое таа страда. Така што ние решивме, активистите во Тајланд кои се на случајов со месеци, супер луѓе, професор од универзитетот Банког, стапивме во контакт со кралското семејство и им испраќаме информации за да ги предупредиме дека најверојатно принцезата е жртва на оваа вакцина како и толку многу луѓе ширум светот, вели Бакди.

Сајтот Техарп посочува дека видеото е исечено во клучни сегменти. Нема докази дека Бакди зборувал со членови на кралското семејство, а самиот кажува дека разговарал со активисти.

Не е наведено со кои претставници на власти се сретнал ако тоа навистина се случило. Следствено, нема докази дека Тајланд планира да го поништи договорот со „Фајзер“ за вакцините. Самиот Бакди ги повикува луѓето да почнат движење за да се почне судски процес против „Фајзер“. Тоа не би било неопходно ако тајландските власти веќе планираат да го поништат договорот со „Фајзер“ за вакцините.

Сајтот Техарп пишува дека употребата на вакцината на „Фајзер“ во Тајланд е минимална зашто најголем дел од вакцините таму се на АстраЗенека. Поради недостиг, увезени беа и дози на Синовак, Коронавак и Синофарм. Во Тајланд само 5,7 проценти од сите вакцини се на „Фајзер“.

Тврдењето дека вакцината на „Фајзер“ никогаш не била тестирана е неточно. Првите учесници во клиничкото тестирање земаа учество на 5 мај 2020 година, а податоците беа објавени на 20 август 2020. После тоа следуваше огромно клиничко испитување во третата фаза, а студијата беше прегледана од медицинската заедница и објавена во Њу Ингланд Медикал Џрнал во декември 2020.

Исто така, не можевме да пронајдеме податоци на интернет дали принцезата Баџракитијабха, воопшто е вакцинирана. Ниту таа, ниту кралското семејство или владата на Тајланд никогаш јавно не го соопштија својот вакцинален статус.

Според соопштението објавено на Блумберг на 18 декември 2022 година, принцезата била хоспитализирана поради проблем со срцето.

Официјалните извештаи на кредибилните медиуми не споменуваат корелација со вакцината, ниту пак, е откриен вакциналниот статус на принцезата. Се знае дека таа има 44 години и дека паднала во бесознание додека го тренирала своето куче за натпревар. Според извештајот на Блумберг, прегледот покажал дека нејзиното срце нема правилни контракции, но нејзиното срцебиење било контролабилно со лекарства. Коронарната ангиографија била регуларна.

Според некои медиуми, таа е уште во бесознание.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека нема докази дека Тајланд ќе ги поништи договорите со „Фајзер“ за вакцините, ниту дека состојбата на принцезата е последица од ковид вакцини.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција