Не е точно дека лекарите убивале со ковид протоколи

Фото: pixabay.com

Постот што го рецензираме е клеветнички и невистинит. Во него погрешно се контекстуелизира немањето плата во здравствениот сектор во тековниот период, со ковид кризата. Двете работи воопшто не се поврзани,  платите  за медицинарите доцнеа поради сајбер напад врз Фондот за здравство. Исто така, постот неточно  и тенденциозно тврди дека за време на ковид пандемијата лекарите убиваа со ковид протоколи. Вистината е дека лекарите третираа и лекуваа симптоми од ковид болеста, поради којашто пациентите некогаш завршуваа фатално

Постот што го рецензираме е клеветнички и невистинит. Во него погрешно се контекстуелизира немањето плата во здравствениот сектор во тековниот период, со ковид кризата. Двете работи воопшто не се поврзани,  платите  за медицинарите доцнеа поради сајбер напад врз Фондот за здравство. Исто така, постот неточно  и тенденциозно тврди дека за време на ковид пандемијата лекарите убиваа со ковид протоколи. Вистината е дека лекарите третираа и лекуваа симптоми од ковид болеста, поради којашто пациентите некогаш завршуваа фатално

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

НЕМА ПЛАТА ЗА ПЛАТЕНИТЕ УБИЈЦИ ВО БЕЛИ МАНТИИ.
 СО КОВИД ПРОТОКОЛИТЕ НА ФИЛИПЧЕ МНОГУ НЕВИН НАРОД НЕПОТРЕБНО УБИЈА МНОГУ ПАРИ СЕ НАЛАПАА.
 КЛЕТВА МАКЕДОНСКА КЕ ГИ СЛЕДИ НИВНИТЕ ПОКОЛЕНИЈА.

Објавата е споделена во временски период на сајбер напад на Фондот за здравство кој предизвика доцнење на платите на здравствените работници, после што проблемот беше решен кога системите во Фондот беа вратени во функција и плаќањата кон здравствените работници се реализираа. Сепак, ваквата ситуација предизвика незадоволство и протести на здравствените работници, како и фактот дека Фондот за здравство бараше здравствените установи во земјава да им достават списоци за фирма рачно да ги внесува податоците за да се извршат исплатите.

Меѓутоа, во постот што го рецензираме изнесени се неколку невистини. Прво, дека лекарите се „платени убијци во бели мантии“, дека „многу невин народ непотребно убија многу пари се налапаа со ковид протоколите”.

Лекарите не убиваа со ковид протоколи, туку лекарите за време на ковид пандемијата третираа и лекуваа симптоми од ковид болеста, поради којашто пациентите некогаш завршуваа фатално. Болеста ковид-19 беше одговорна за низа компликации на пациенти од кои голем дел имаа и претходни коморбидитети, што доведе до смрт.

Нема докази за изнесеното обвинение во постот дека не ковид, туку самите лекари биле причинители на смртни случаи. Висока температура и треска, кашлица и отежнато дишење беа примарните симптоми кои кога се појави ковид-19 беа присутни кај повеќето пациенти. Со менувањето на вирусот односно неговата мутација во варијанти, се менуваа и симптомите, а со тоа и начините на лекување. Во текот на пандемијата целиот свет учеше како да се справи со непредвидливата болест, а особено помогна вакцинацијата.

Заразното заболување ковид-19 за првпат беше откриено во Кина во декември 2019 година. Болеста се шири преку капки на плунка или секрет од носот на заразената личност, поради што беа препорачувани маски, изолација и одржување на растојание, како и добра хигиена и дезинфицирање на рацете. Голем дел од луѓето заразени со ковид-19 почувствуваа лесна до средна респираторна болест и заздравија без каков било специјален третман и не им беше потребна хоспитализација. Постарите луѓе и оние со хронични заболувања како и срцеви проблеми, дијабетес, хронични белодробни заболувања и тумори, беа изложени на поголем ризик од потешки компликации од болеста.

Самата Светска здравствена организација посочуваше дека во дадениот период пред вакцините немаше специфичен начин на лекување на заболувањето. Следствено, лекарите третираа симптоми од болеста за секој пациент конкретно и специфично на неговата конкретна здравствена состојба и симптомите што кај него беа предизвикани од ковид-19.

Министерството за здравство имаше набавено антивирусен лек „ремдесивир“одобрен од ФДА, како и моноклоналната „коктел терапија“ со антитела од лековите „казиривимаб“ и „имдевимаб“, одобрена за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА), и тие беа достапни во нашите болници уште од 2020 година. Истовремено, имаше Протокол за лекување на ковид-19, Патека (протокол) за постапување на матичните лекари за тестирање и лекување на пациенти со ковид-19, Упатство за домашно лекување на пациенти, како и други упатства, препораки и протоколи за лекување на пациенти со коморбидитети, автоимуни заболувања и друго. Во овие документи конкретно се наведени постапките и лекарствата што треба да се даваат, а кои се ажурираат во согласност со препораките на СЗО и здравствените  регулатори.

Лекарите во земјава особено вработените во болниците коишто хоспитализираа потешки пациенти со ковид-19 во текот на пандемијата беа изложени на клевети, говор на омраза, обвинувања и непримерен говор за што Вистиномер веќе пишуваше.

Имаше и антивакцинални протести на кои лекарите беа нарекувани убијци, што беше осудено од Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој апелираше граѓаните да се информираат од релевантни извори, засновани на научни сознанија и препораки и да ги отфрлат информациите базирани на лаги и теории на заговор“, како ида не ги охрабруваат ваквите наративи, кои не само што се на штета на јавното здравје, туку водат и до понатамошна општествена поларизација, што е особено опасно при криза од вакви размери.

Во текот на антивакциналните ширења на теории на заговор, конкретни болници без никакви докази беа обвинувани за убиства, Вистиномер ја разобличи и оваа дезинформација.

Дополнително, во постот погрешно се контекстуелизира немањето плата во здравствениот сектор во тековниот период, со ковид кризата. Двете работи не се поврзани, туку платите доцнеа поради сајбер напад врз Фондот за здравство.

Постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит, но, исто така, забележуваме дека станува збор за клеветнички наратив кој внесува недоверба во македонскиот здравствен систем.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција