Видео од германскиот Бундестаг прикажано како да е од Европскиот парламент

Видеото во постот што го рецензираме не е од Европскиот парламент, туку од Бундестагот. Политичарот од видеот е  Јенс Мајер, поранешен пратеник на Бундестагот од десничарска партија во Германија којашто е блиска до Русија. На ова видео со подобра резолуција може да се види дека материјата што ја зема пратеникот е кафена и повеќе коментари се дека се работи за тутун којшто не се пуши (снаф тобако).

Видеото во постот што го рецензираме не е од Европскиот парламент, туку од Бундестагот. Политичарот од видеото е Јенс Мајер, поранешен пратеник на Бундестагот од десничарска партија во Германија којашто е блиска до Русија. На ова видео со подобра резолуција може да се види дека материјата што ја зема пратеникот е кафена и повеќе коментари се дека се работи за тутун којшто не се пуши (снаф тобако)

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Во ЕУ парламентот, земаат од 8.500 до 17.000 евра месечно плата за да имаат да шмркаат кокаин и да ги д**ат глупите Балканци. Во српскиот и северниот се гледаат порничи, сликаат танги на колешките а и еден дел и убаво си се отспија да може после приватен бизнис да си тераат. Ах бре овци! Гласајте ги пак полуписмените па децава ќе ви бегале во странство.

Но, видеото споделено во склоп на постот воопшто не е од Европскиот Парламент туку на него се гледа Јенс Мајер, поранешен пратеник на Бундестагот во Германија. Според биографијата објавена на сајтот на Бундестагот се работи за политичар кој од април 2013 година е член на партијата „Алтернатива за Германија“. Од 2014 година тој е судија во државниот суд за арбитража, од 2016 година лидер на групата Нортист во Дрезден, па потоа отишол во Бундестагот.

Од видеото на овој линк може со повисока резолуција да се виде дека поранешниот пратеник во Бундестагот регистриран на камера како вшмркува тутун и дека снимката покажува кафеав материјал, а не кокаин. Дополнително, станува збор за германски политичар од крајно десничарска партија, кој се соочуваше со најави за судски предмети за расистички твитови, откако му упатил твит на Ноа Бекер, синот на германската тениска ѕвезда Борис Бекер.

Најновите информации од 2023 година се дека пратеникот од АФД, Јенс Мајер не смее повеќе да работи како судија. Германските медиуми пишуваат дека процедурата за пензионирање на Мајер иницирана од саксонското министерство за правда нема карактер на санкција и не е со намера да се казни Мајер, туку да се избегне штета за спроведувањето на правото. Според истите медиуми, Мајер е класифициран како десничарски екстремист од страна на канцеларијата за заштита на уставот на Саксонија. Тој го изгуби мандатот во 2021 година на федералните избори и оттогаш сакаше да се врати во судството. Мајер претходно работел како судија во судот во Дрезден.

Според текст на Дојче Веле, домашното разузнавање на Саксонија го има Мајер на списокот на екстремисти.

Делови од Алтернатива за Германија од каде е и овој политичар ја поддржуваат Русија, нејзината надворешна политика и нејзините сојузници. Многу од членовите на АФД и активистите блиски на оваа партија се наведени како лица кои одржуваат блиски врски со руски политичари и примаат финансиски бенефит (според OCCRP ). Нивните политичари честопати се интервјуирани од страна на Раша Тудеј.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека видеото во постот што го рецензираме не е од Европскиот парламент, туку од Бундестагот. Политичарот презентиран на него е од десничарска партија во Германија којашто е блиска до Русија. На дел од видеата со подобра резолуција се гледа дека материјата што ја зема пратеникот е кафена и повеќе коментари во овие видеа се дека се работи за тутун кој не се пуши (снаф тобако).

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција