Лажниот приказ за Холандија во дезинформациите што кружат во С. Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора

Протести на земјоделците во Холандија од 2020 г. Фото: Википедија/Министерство за одбрана на Холандија

Анализата што „Вистиномер“ ја спроведе за штетните странски влијанија чиј таргет е Холандија на социјалните мрежи во Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, покажува преплетување на исти или слични дезинформации кои се појавуваат во сите држави или истовремено или со мало задоцнување.

Анализата што „Вистиномер“ ја спроведе за штетните странски влијанија чиј таргет е Холандија на социјалните мрежи во Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, покажува преплетување на исти или слични дезинформации кои се појавуваат во сите држави или истовремено или со мало задоцнување. Сепак станува збор за спорадични објави, без огромна фреквентност или интензитет, меѓутоа со конзистентно слични тонови. Профилите на социјалните мрежи што ги шират овие конструкции, многу често се изразуваат позитивно за политиките на Кремљ, но дел, исто така, се претставуваат и како приврзаници на движењето и теоријата на заговор Кју Анон

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Штетните странски наративи на Балканот ја таргетираат Европската Унија  во целина, но и држави членки за кои однапред се подготвени различни критички дезинформации. Холандија не е исклучок од ова правило, кое се остварува преку портретирање на оваа држава со различни омаловажувачки тонови. Тие се насочени кон понижување на холандското општество и неговите либерални вредности, со цел да се претстави Холандија како „апсурдна и морално нестабилна“ и како „лош играч во меѓународната заедница“. Истовремено, Кралството се портретира како „чудно општество“, а тоа е многу слично со планот на Кремљ да се портретира Европската Унија во целина како декадентно, девијантно место со дегенерирани норми, за разлика од, нели, традиционалните вредности што се почитувале во Русија.

Во овој контекст во Северна Македонија се забележуваат и лица што манипулираат со изјави на холандски политичари, за на граѓаните да им претстават извртена верзија од она што навистина холандските политичари го изјавиле. Таа извртена верзија што доаѓа до македонската публика, многу често ѝ оди во полза на Русија.

Извртената изјава на Кајса Олонгрен е во полза на Русија

На пример, таков беше случајот кога беше извртена изјавата што ја даде поранешната министерка за одбрана на Холандија Кајса Олонгрен. Таа зборувајќи на Форумот за безбедност во Варшава, кој се одржа на 3 и 4 октомври 2023 година, истакна дека е потребно Холандија да продолжи со поддршка на Украина.

Многу е во наш интерес да ја поддржиме Украина, бидејќи тие ја водат оваа војна а не ние. Мислам дека треба да влеземе во дијалог со нашите американски колеги и пријатели, бидејќи и тие имаат ист интерес. Во смисла, да се поддржи Украина е многу евтин начин да се осигура дека Русија со овој режим нема да претставува закана за НАТО алијансата. И витално е да ја продолжиме таа поддршка, рече Олонгрен.

Но, на дел од профилите кои имаат аспирации кон промовирање на Кју Анон теориите на заговор, ваквата изјава беше испревртена, а потоа се манипулираше со чувствата на граѓаните во контекст на жртвите што ги зеде воената инвазија на Русија врз Украина. Изјавата на Олонгрен беше вулгаризирана на начин што авторот на објавата додаде свој заклучок дека „гробиштата во Украина се преполни со евтини жртви на неразумната политика на колективниот запад“.

Меѓутоа, кога ќе се земе предвид целосната изјава на поранешната министерка за одбрана на Холандија, евидентно е дека таа е извадена од контекст и не зборува за поттикнување на војната, туку за продолжување на поддршката кон Украина која се соочува со територијалните претензии на Русија, а што е загрижувачко и за целата НАТО алијанса. Извртувањето на тезите е во тоа што „колективниот запад“ не се бори против Русија, ниту пак, ја нападна Русија, туку Русија ја нападна Украина. Впрочем, тоа е забележано и појаснето и од проверувачите на факти од Вистиномер, кaде што е рецензирана дезинформацијата токму на оваа тема. Патем, забележлив лајт-мотив на про-Кремљ пропагандата е да го обвинува противникот за она што го прави Русија, со цел да дефокусира и да се оправда, како што е направено и во овој случај, врз „грбот“ на изјавата на поранешната министерка за одбрана на Холандија.

Холандски десничари присутни на Спутник, цитирани и на социјалните мрежи на македонски јазик

Темата со мигрантите одамна е посочена како контроверзна и погодна за руската пропаганда да се потруди да ја претстави Холандија како „земја на либералниот хаос“. Во С. Македонија преку Фејсбук групата „Дали крајот вака мириса“ без познат автор, но со политички содржини, беше споделен говор на холандската коментаторка Ева Влардингербрук, кој предизвика евроскептични коментари. Во говорот Влардингербрук ја споделува теоријата на заговор за замена на европското со африканско население преку миграција и како една од последиците на тоа Холандија се претставува како земја во која расте криминалот. Но, на рускиот државен медиум „Спутник“ нејзините толкувања уште во 2022 година се презентираат под наслов: „Несопрената миграција е виновна за муслиманските бунтувања околу запалениот Куран во Шведска“.

Спутник, впрочем, често ја цитира и кога таа го величи претседателот на Русија, Владимир Путин, неговите говори и историска поткрепеност, за сметка на навредите и понижувањето кои таа ги дели за Западот и Европа, а била присутна и на интервју кај американскиот новинар Такер Карлсон уште од времето кога тој работеше за десничарскиот информативен канал Фокс Њуз. За невладината организација „Кризен медиумски центар од Украина“, пак, Ева Влардингербрук не е ништо друго туку затскриен важен пропагандист на Кремљ и токму така ја портретира оваа личност:

Станува збор за активистка на десното крило која е контроверзна со своите јавни излагања. Многу од нејзините излагања презентираат популистички тенденции, карактеризирани со симплификација и поларизација. Таа силно ја критикува миграцијата во Холандија, „ерозијата на националниот идентитет“, „трансферот на суверенитетот на неизбрани политички фигури во Брисел“, ковид вакцинацијата. Во последно време таа е особено гласна за протестите на фармерите во ЕУ, каде се обидува да воспостави типична популистичка поделба меѓу нашите (холандските граѓани) и вашите – имигрантите и ЕУ политичарите кои ги обвинува дека го поткопуваат холандскиот национален идентитет, пишува невладината организација.

Говорот во кој се споменува Холандија, го најде својот пат до македонската јавност преку споменатата Фејсбук група „Дали крајот вака мириса“, иако во него се изнесени бројни невистини, меѓу кои најголемата е „теоријата за големата замена“. Станува збор за теорија на заговор честопати користена од крајно десничарските групи за да сугерираат дека белата популација во Европа намерно се заменува со неевропски имигранти. Оваа теорија го поттикнува верувањето дека левичарската и еврејската елита проектираат етничка и културна замена на белото население со небели имигранти што ќе доведе до „бел геноцид“. Но, официјалните податоци покажуваат дека наспроти она што го кажува Влардингербрук во говорот (дека мигрантите се во поголем број отколку домашното население во Брисел, Амстердам и два други поголеми градови во Холандија, како и во Лондон), е дека мигрантите не се повеќе отколку домашното население во ниеден од европските градови што ги споменува таа. Во Амстердам луѓето што живеат во градот ама се родени надвор или се мигранти, сочинуваат 37,1 процент од популацијата на Амстердам во 2023 година според Агенцијата за статистика на Холандија. Во Хаг, процентот на истите е 37,3, а во Ротердам 32,3 проценти.

 

Десничарите и антиваксерите на Балканот ја пренесуваат Влардингербрук

Забележливо е и дека во Словенија говорот на Влардингербрук го споделуваа политичари, меѓу кои претседателот на Словенечка национална странка (СНС), Змаго Јелинчич, оценуван во јавноста како ултранационалист и кој одамна е противник на миграцијата и генерално на ЕУ.  (Од 17 до 18.30 минута од разговорот).

Во регионот, познатиот сајт што во текот на ковид пандемијата ширеше бројни дезинформации, хрватска „Епоха“, исто така, побрза да го сподели говорот на Влардингербрук.)

Соодветно, говорот го наоѓаше својот пат до балканската публика и преку Фејсбук групи каде се промовира антиваксерски движења и ставови.

Еколошките прашања како тема за дезинформации

Уште еден наратив кој беше користен против Холандија во земјава, а го споделуваа приватни Фејсбук профили, беа мерките кон кои се стреми државата за намалување на емисијата на штетни гасови предизвикани од сточното ѓубриво. Споменатата Влардингербрук преку „Раша Тудеј“ пред две години тврдеше дека левичарите и антиглобалистите преку „климатската транзиција“ и инсистирањето на обновливи енергии сакаат да ги замрзнат и изгладнат до смрт Европејците. Влардингербрук на левичарите им ја припишуваше и кампањата холандските деца да јадат инсекти, бидејќи на тој начин би се справиле соклиматските промени: инсектите емитуваат многу помали количества јаглерод диоксид во атмосферата од животните кои традиционално се одгледуваат за прехрамбената индустрија.

Дезинформациите за истата тема се присутни и во Србија и во Босна и Херцеговина, со цел да се претстави холандското општество како некохезивно и поделено, во „војна со самото себе“.

Во С. Македонија на Фејсбук се споделувааа статуси каде тривијално се критикуваа заложбите на Холандија за животната средина и законите на кои се обврза Холандија пред ЕУ. Така, се злоупотребуваа протестите на фармерите во Холандија за да се дезинформира дека земјата „го забранила краварството“. Во една од објавите се поврзува целата состојба со Русија:

Холандија:

Кравите многу прделе и го загадувале воздухот и ПРДИ(преди)звикувале глобално затоплување, па затоа се откажуваат од краварство!?

Ами тогаш што правиме со веганите? Иста храна јадат и ги тера да испуштаат гасови?

Па некои дошле до сознание дека и луѓето со дишењето создавале многу гасови и предизвикувале глобално затоплување!

Е ај да не дишиме! Барем пола саат. Сите луѓе. Наеднаш да го застаниме здивот за 30 минути. И ќе го решиме проблемот. За стално.

Но, се сеќавам дека во врска со Крим, Холандија стави ембарго, санкции за Русија, а Русија беше најголем и тоа огромен увозник на млеко и млечни производи од Холандија. Тогаш иако млекото не беше на листа на санкции, Русија се откажа од купување на млеко и млечни производи од Холандија, најде друг извор на тие продукти во 2014-та, дури Лавров им укажа на западните дебили дека некои производи повеќе никогаш нема да можат да ги продаваат во Русија, и до 2018-та за три и нешто години направи комплетно свое производство на млеко и млечни производи, дури и извезува. Исто од увозник стана голем извозник и на свинско месо. Кина се’ повеќе купува свинско од Русија, а намалува со купување од САД.

Е СЕГА ХОЛАНЃАНИТЕ МАЛКУ ГИ БОЛИ, АМА ТОА Е ТОА. Е АКО ДЕ, АКО, НЕКА БОЛИ. ЌЕ ИМ ПОМИНЕ. Сега кравите прделе. Кисело е грозјето.

Ум за друг пат, пишува во објавата на извесен корисник кој се декларира како дипл. машински инженер и уметник.

Сепак, ова е само една манипулација, бидејќи мерките кон кои се стреми Холандија се насочени кон намалување на емисиите на штетни гасови предизвикани од сточното ѓубриво. Ембаргото на Русија кон Холандија за прехранбени производи од млечната индустрија во 2014 година предизвика проблеми, но не помина без помош од ЕУ. Но, ембаргото воопшто не може да се доведува во корелација со вистинската причина за намалувањето на бројот на грла во  Холандија, а тоа е животната средина и законите на кои се има обврзано Холандија пред ЕУ. Холандија не се откажува од краварството, но емисиите на штетни гасови мора да се намалат.

Во Србија, исто така, протестите на земјоделците во Холандија беа тема што разгори дезинформациски кампањи. Медиумите таму беа обвинувани дека ги кријат протестите и не известуваат за нив, стратегија што се користи и во С. Македонија кога се прави обид да се изманипулира јавноста дека на одреден Фејсбук статус ќе прочита нешто „ексклузивно“, „скриено од мејнстрим медиумите“, a, всушност, е стратегија за да се протнат невистини преку теорија на заговор дека медиумите кријат нешто.

Кога се споменуваат дезинформациите за протестите на фармерите, не смее да се заборави дека во анализа на текстовите од Раша Тудеј, објавена во декември 2021 година, се наведува дека еден од наративите забележани кога се прави обид да се деградира Холандија е токму оној „за холандското општество кое е во војна со самото себе“. Овој наратив содржи медиумски објави дека Холандија е исполнета со внатрешни поделби, фрагментирана по сите линии: фармери лути на националните политики за климата, негатори на ковид-19 и против мерките за заштита, анти-исламистички движења…

Честопати, овие поделби беа прикажани како вриење кое само што не се претворило во насилство и протести, при што се користеа графички обработни видеа и фотографии. Една од политиките за кои се дискутираше, а која требаше да дозволи евтаназија за деца, е претставена од РТ како политика што предизвикува поделба во владата, и тоа меѓу прогресивците и конзервативците.

Злоупотреба на евтаназијата за да се оцрни Холандија

Во Србија и на говорното подрачје што го разбира српскиот и хрватскиот јазик, протестите на земјоделците не се единствената тема за ширење дезинформации за Холандија. Постојат примери каде порталите Нулта тачка од Србија и Епоха од Хрватска пренесуваат текстови првично објавени на сајтот The People`s Voice во кои се наведува дека „Холандија врши евтаназија на луѓе со инвалидитет за да ја спаси планетата“.

На лекарите во Холандија им е наредено да почнат да евтанизираат граѓани со аутизам и други помали инвалидитети без страв од кривично гонење, дури и ако пациентот повеќе не изразува некоја желба да умре. Според истрагата за холанските случаи на евтаназија на Универзитетот Кингстон, околу 40 лица кои се идентификувани како лица со аутизам или со интелектуални пречки, насилно се евтанизирани во Холандија меѓу 2012 и 2021 година, се наведува во спорните текстови.

Меѓутоа, медицински потпомогнатата евтаназија во Холандија се изведува исклучиво на барање на пациентите и се следат строги законски процедури. Ништо во јавно достапните документи не укажува на тоа дека луѓе во Холандија се убивани наспроти нивната волја, или пак, дека „холандската влада им наредувала на лекарите да евтанизираат присилно“. Ниту една посериозна медиумска куќа нема известено дека холандските лекари постапувале против желбата на своите пациенти или дека прекршиле било какви постоечки правила.

Евтаназијата е легална само ако во целост се испочитувани критериумите утврдени со холандскиот Закон за престанок на животот на барање. Дури тогаш лекарот е имун од кривично гонење, се наведува на веб-страницата на владата на Холандија.

Во Србија дел од насловите кои известуваат за евтаназија на бебиња во Холандија, се крајно сензационалистички. На пример, на сајтот „Србин инфо“ е објавен текст пишуван уште во 2015 година со наслов: „Годишно успиваат 650 бебиња, Холандија станува долина на смртта“.

Но, не се известува дека она што е објавено на сајтот на холандската влада, дека условите за да се евтанизира бебе се многу строги и се наведени тука.

На пример дека „страдањето на бебето мора да е неиздржливо и без прогноза за закрепнување“, дека „не смее да има сомнеж за дијагнозата и прогнозата, и докторот и родителите мора да се уверени дека нема решение за состојбата на бебето“, дека „родителите мора и двајцата да се согласат да се заврши животот на бебето“, дека „барем уште еден независен доктор мора да го прегледа детето и да даде писмено мислење“ и дека „завршувањето на животот мора да е со целосен респект и грижа“.

Дезинформациите за „лесно достапната“ евтаназија во Холандија се присутни во регионот. Факт чекерите од „Раскринкавање“ веќе ги дебанкираа сличните дезинфромации во Црна Гора.

Во анализа на текстовите што Раша Тудеј ги објавувала пред почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина, (анализата од 2021 година спомената и погоре во текстов), нотирани се неколку клучни наративи кои имаат за цел, меѓу другото, да го претстават холандското општество како „општество кое е поделено и во војна со себе,“ како и „чудно општество“. Текстовите со наводно присилната евтаназија одат во тој правец да се претстави Холандија како девијантно место со дегенерирани норми.

Таква репрезентација служи како споредбена точка што Русија може да ја инструментализира кога ја проектира својата слика на „глобален бранител на традиционалните вредности“. Веруваме дека наративот за „чудното холандско општество“ е најевидентен пример на супресија. Со омаловажување на холандското општество и култура, создавање патологија од прогресивните аспекти на холандската култура и напаѓање на либералните групи кои се залагаат за тие политики, гледаме јасен напор да се урниса сликата за Холандија како почитувана и земја со углед. Наместо тоа, целта е да се претстави како „апсурдна“, „земја – прекршител на моралот“ и „незаслужна за почитта од меѓународната заедница“, пишува во анализата.

Пример за горенаведеното е што на македонски Фејсбук профили се споделуваа фотографии кои требаше да ја портретираат Русија како „мајчинска земја“ а Холандија „како земја на развратот“.

Но, освен тоа што овој наратив е лажен и антагонистички, и фотографијата што се користи за да се наслика тој наратив е, исто така, со лажен опис. Станува збор за фотографија за која се вели дека е „мајката на пропаднатата Западна цивилизација односно споменик во Хаг, Холандија“.

Скулптурата на биполовото суштество не е „Споменик на европската мајка“. Скулптурата на човечка фигура со различни полови карактеристики и животно на неговата глава се нарекува „И животот е на другата страна“ и се однесува на стих од песна на Емили Дикинсон. Според авторката Феми Отен скулптурата не е поврзана со мајчинството, туку е симбол на слободата на мислата, различноста, испреплетувањето на сите живи суштества.

Факт чекерите од „Раскринкавање“ во Србија неодамна убаво забележаа дека на „антиглобалистите“ од социјалните мрежи им биле потребни цели пет години да ја откријат оваа „безбожна“ скулптура, поставена во своевидната уметничка галерија на отворено во една пешачка зона во Хаг во 2017 година. Тие се фиксирале на скуптурата затоа што претставува човечко суштество со горен дел на жена а долен на маж (женски гради и машки полов орган), „не забележувајќи“ дека истата има три раце (две женски и една машка) и додаток од некое животинско суштество на главата. Скулптурата е инспирирана од класичната уметност, поточно од фигурата на грчкото двополово божество Хермафродит.

Теории на заговор, екологија, евтаназија темите за дезинформации за Холандија и во БиХ

Состојбата во Босна и Херцеговина поврзана со ширење дезинформации и штетни странски влијанија во врска со Холандија, најдобро се согледува од искуството на тамошниот сервис за проверка на факти „Раскринкавање“.

Ние на „Раскринкавање“ од почетокот на нашата работа во 2017 година до денес, објавивме 11 анализи за проверка на фактите во кои се споменува Холандија. Најголемиот број текстови се однесуваат на различните невистинити тврдења поврзани со причините, текот и позадината на протестите на земјоделците поради владиниот предлог-план за намалување на емисијата на азотни гасови од 2022 година. Најголемиот број невистинити тврдења за протестите, беа поврзани со различни теории на заговор кои го вклучуваат Бил Гејтс, теоријата за депопулација, како и теоријата за јадење инсекти. Останатите текстови во кои се споменуваше Холандија, во најголемиот дел беа за различни теории на заговори поврзани со ковид 19 и вакцинацијата, 5Г технологијата, депопулацијата и слично, вели за „Вистиномер“ Емир Зулејхиќ од здружението на граѓани „Зошто не?“.

Слично како во С. Македонија и во Србија, мејнстрим медиумите и во Босна и Херцеговина не се главниот извор и канал за нивното пласирање.

Во секоја од нашите анализи како и под секој текст, наведени се и линкувани се изворите кои го објавиле секое од тврдењето што сме го оценувале. Со брз преглед на списокот на извори кои објавувале дезинформации во кои се споменуваше Холандија, може да се заклучи дека тоа се главно приватни профили на социјалните мрежи. Одреден број на дезинформации беа објавувани и од заверолошки портали, како и некои помалку познати анонимни портали. Не забележавме појава на такви дезинформации во мејнстрим медиумите, додава Зулејхиќ за „Вистиномер“.

Кога ќе се погледнат некои од изворите што ги пренесувале дезинформациите што се однесуваат на Холандија во Босна и Херцеговина, може да се види дека станува збор за портали кои и во времето на пандемијата со коронавирусот беа активни. На пример, сајтот „Info Wars, чии видеа за теории на заговор, меѓу кои и за Холандија се шират на социјалните мрежи во БиХ, пишува „Раскринкавање“.

Овој сајт е американски крајно десничарски сајт кој шири теории на заговор и е во сопственост на Алекс Џонс. Формиран е во 1999 година, а годинава, во 2024 година со судска пресуда беше одлучено дека Џонс треба да плати отштети кон оштетени странки, во износ од 1.5 милијарди долари. Што повеќе пари Џонс заработува со емитување на неговите лаги и теории на заговор на Info Wars, толку полесно ќе биде да се платат 1.5 милијарди долари кои што тој им ги должи на семејствата, пишува Си-Ен-Ен.

Причината поради која тој треба да им плати отштети на овие семејства, е тоа што ширел теории на заговор дека пукањето, кое се случи во основното училиште „Сенди Хук“ во Конектикат во 2012 година и каде имаше жртви – било дел од наместена сцена со цел да се одземе оружјето во САД. За оваа го тужеа семејствата на загинатите.

Во Босна и Херцеговина, преку различни извори што ги споделувале видеоматеријалите на Џонс, се тврдело дека „сепак, не сите фармери во Холандија полуделе и не се предале на глобалистичката агенда“. Тој во видеоматеријалите пренесувани на босанското тло на социјалните мрежи, додавал дека „овие протести во Холандија се поврзани со планот за депопулација и затворање на фармите“.

Секако дека фармерите во Холандија не протестираат поради „масовни убивања“ или поради измислените „планови на глобалистите за депопулација“, туку поради тоа што живеат од земјоделството, а во плановите на владата гледаа опасност за својата егзистенција. Холандската влада, исто така, нема креирано никакви планови за намалување на емисиите на јаглерод диоксид поради депопулација, туку поради тоа што климатските пормени ќе станат огромен проблем за постоечката и идната популација ако не се преземат никакви мерки.

 

Руски наратив: „Холандија e претерано либерална“

Во анализата од декември 2021 година, за тоа какви содржини за Холандија објавувале руските државно спонзорирани медиуми, се истакнува еден особен наратив кој се турка од овие медиуми на глобално ниво, а кој е специјално дизајниран за Холандија: наративот за Холандија како „претерано либерално“ општество. Тој наратив, според анализата што ја споменуваме, понекогаш се меша со наративот за „опасно место за живеење“, па така и во Босна е споделена дезинформацијата дека таму се случило „колективно венчавање на девојчиња и педофили“. Во дезинформациите од овој тип не се наведува дека во Холандија педофилијата е кривично дело.

Прогресивните идеали на Холандија се постојана мета на странските штетни влијанија и одат во полза на намерата што ја има Русија – да ја претстави Европа како декадентно, девијантно место каде нормите се изместени. Во С. Македонија, во Србија, во Црна Гора и во Босна и Херцеговина, исто така, беа изнесувани лажни тврдења дека децата во Холандија „не се вакцинираат зашто вакцините предизвикуваат аутизам“. Понекогаш, како што може да се види, Холандија служи и како референтна точка на чиј грб во балканските земји се изнесуваат лаги кои може да имаат сериозни здравствени последици за колективното здравје.

 

***

Анализата што „Вистиномер“ ја спроведе за штетните странски влијанија, чиј таргет е Холандија на социјалните мрежи во Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, покажува преплетување на исти или слични дезинформации кои се појавуваат во сите држави или истовремено или со мало задоцнување. Се работи за спорадични објави, без огромна фреквентност или интензитет, меѓутоа со конзистентно слични тонови.

Ваквите објави се фокусирани кон претставување на холандското општество и неговите либерални вредности како хаотична средина во која сè е дозволено. На тој попис од дезинформации се неконтролираната евтаназија, дури и на мали деца; енормниот наплив на мигранти – спонзориран од левичарската и еврејската елита – кои многу скоро ќе господарат со земјата; климатската транзиција која преку инсистирањето на еколошки и обновливи извори на енергија сака да го изгладни населението; злоупотребата на украинскиот народ како „топовско месо“ во конфликтот со Русија; теориите на заговори поврзани со ковид 19 и вакцинацијата, која наводно не била спроведувана во Холандија…

Целта е да се претстави Холандија како „апсурдна и морално нестабилна“ и како „лош играч во меѓународната заедница“. Истовремено, Кралството се портретира како „чудно општество“, а тоа е многу слично со планот на Кремљ да се портретира Европската Унија во целина како декадентно, девијантно место со дегенерирани норми, за разлика од, нели, традиционалните вредности што се почитувале во Русија.

Профилите на социјалните мрежи што ги шират овие конструкции, многу често се изразуваат позитивно за политиките на Кремљ, но, исто така, се претставуваат и како приврзаници на движењето и теоријата на заговор Кју Анон.

 

 


 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција