Антиваксерска објава со куп невистини обвинува за сатанизам
Вакцините не содржат графен оксид, чипови, антифриз, не ја менуваат ДНК на личноста, ниту пак, некој ги условува граѓаните да примат вакцина, туку тоа е резултат на добра волја на граѓанинот кој сака да се вакцинира. Во објавата се изнесува и невистина дека МРП вакцините предизвикуваат аутизам, што е отфрлено од медицинската и научната заедница како лага. Наспроти изнесеното во објавата, Велика Британија, Шведска и Холандија ги вакцинираат децата и за тоа има посебни вакцинални програми. Вакцинацијата е најголемата придобивка на современата медицина, благодарение на која бројни болести се искоренети, или барем, не предизвикуваат девастирачки последици
Вакцините не содржат графен оксид, чипови, антифриз, не ја менуваат ДНК на личноста, ниту пак, некој ги условува граѓаните да примат вакцина, туку тоа е резултат на добра волја на граѓанинот кој сака да се вакцинира. Во објавата се изнесува и невистина дека МРП вакцините предизвикуваат аутизам, што е отфрлено од медицинската и научната заедница како лага. Наспроти изнесеното во објавата, Велика Британија, Шведска и Холандија ги вакцинираат децата и за тоа има посебни вакцинални програми. Вакцинацијата е најголемата придобивка на современата медицина, благодарение на која бројни болести се искоренети, или барем, не предизвикуваат девастирачки последици
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Ма**чето сатанистичко на тебе и на сите кои што агитираат ,,вакцинирање” од Европската Комисија. А воедно и на Бил и Мелинда Гејтс, Ентони Фаучи и сите државници, медицински лица и новинари, кои што агитираат и го условуваат човештвото на ,,вакцинирање”.
Сатанисти, вие самите со вашите најмили ,,вакцинирајте се” по колку пати сакате, во глава, очи, врат, раце, газ, низ цело тело!
Потоа во објавата се додаваат три видео материјали, на првиот од Хрватската радиотелевизија ХРТ, жена препорачува вакцинација со бустер откако таква препорака произлегла и од состанок на Европската комисија. На второто видео се наоѓа човек кој тврди дека МРП вакцината предизвикува аутизам и дека Велика Британија, Шведска и Холандија не ги вакцинираат децата со ниедна вакцина. Тој додава дека постојат студии што докажуваат корелација меѓу МРП вакцините и аутизмот, но не посочува ниедна. На третиот видеоматеријал се наоѓа човек кој тврди дека во вакцините има антифриз и глицерин од автомобилите и дека нема да се вакцинира.
Во склоп на објавата што ја рецензираме, има и два линка кои водат до постари објави во кои се тврди, дека вакцинацијата е злосторство против човештвото, каде ковид се нарекува наводен, вакцините наводни вакцини, се кажува дека тие ја менуваат ДНК на личноста. Се додава дека вакцините содржеле графен оксид, вируси, наночипови, антифриз и отрови.
Првата од бројните невистини во објавата што е предмет на нашата рецензија, е дека човештвото е условено со вакцинирање. Вакцинацијата за ковид е доброволна, а лицето пред да ја прими, потпишува изјава за согласност, со којашто потврдува дека сака да се вакцинира. Понатаму, луѓето коишто агитираат за вакцинација против ковид, следат здравствени препораки на домашни и меѓународни експерти, следат истражувања за безбедноста и ефикасноста на вакцините, нивниот поволен безбедносен профил споредено со нивниот ризик и ја препорачуваат во интерес на заштита на јавното здравје. Тоа не може да биде сатанизам, туку хуманизам. Вакцините се најголемото достигнување на современата медицина, благодарение на кое бројни болести меѓу кои и ковид, се со помал интензитет поради колективниот создаден имунитет. Други болести, пак, благодарение на вакцините се сосема искоренети, или, пак, не доведуваат до смртни последици.
Наспроти изнесеното во едното од видеата од објавата што ја рецензираме, МРП вакцината не предизвикува аутизам. УНИЦЕФ наведува дека децата што не примиле МРП вакцина на 12 месеци имаат ист ризик од аутизам, како и вакцинираните деца. Во светски рамки постои една несреќна и неточна и веќе повлечена студија, според која МРП вакцините предизвикуваат аутизам. Таа е објавена во 1998 година од доктор Ендру Вејкфилд и 12 негови колеги во престижниот медицински журнал „Лансет“. Во неа се сугерира дека МРП вакцината може да предизвика аутизам. И покрај малиот број деца што учествувале во истражувањето во оваа студија, вкупно 12, поради шпекулативната природа, трудот доби широк публицитет, а стапката на вакцинација со МРП вакцината опадна, зашто родителите загрижени за ризикот од аутизам одбиваа да ги вакцинираат своите деца.
Доктор Вејкфилд направил етички злоупотреби Спровел инвазивни истражувања на децата што биле дел од студијата без да има етичка дозвола, погрешно ги презентирал податоците до кои дошол и скрил дека начинот на кој ги одбирал децата бил селективен. Завршна епизода од овој случај беше откритието дека доктор Вејкфилд е виновен за намерна измама, дека селектирал податоци што му одговарале, фалсификувал факти. Бритиш медикал џрнал објави серија написи во кои ја обелоденува измамата мотивирана од парите. Дополнително, 10 од 12-те коавтори на студијата ги повлекоа тврдењата и се изјаснија дека нема каузална врска меѓу оваа вакцина и аутизмот поради тоа што податоците се недоволни. На ова се приклучи и „Лансет“, со тврдење дека докторот Вејкфилд со изготвување на спорната студија имал сомнителни финансиски интереси. Тој бил финансиран од адвокати ангажирани во судски спорови против компании што произведуваат вакцини.
Македонија има неодамнешен добар пример кој исто така потврдува дека нема поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот. Имено, во првите 6 месеци на 2019 година, дадени се 41.600 дози МРП вакцина на популација до 14 години во Македонија.
Во овие изминати 5 години, кај овие повеќе од 40 илјади деца не видовме појава на ваква асоцирана болест. Ние сме мала држава и доколку нешто се појавеше, ќе се детектираше. Тоа е извонреден пример што на нашите простори потврдил дека вакцината е безбедна. Имавме повеќе од 40 илјади семејства што потоа беа спокојни бидејќи ја донесоа правилната одлука да ги вакцинираат своите деца. Благодарение на тоа, пет години подоцна имаме мирна ситуација и не се појавија нови епидемии со морбили“, изјави проф. д-р Александра Грозданова.
Доктор Лилјана Којиќ, педијатар, изјави дека во нејзината медицинска пракса имала 11 случаи на деца кои се на аутистичниот спектар, а не се воопшто вакцинирани со МРП вакцина. Едноставно, не постојат докази за поврзаност меѓу аутизмот и вакцинацијата.
Следната невистина во објавата е дека Велика Британија, Шведска и Холандија не ги вакцинирале децата. Овде е целиот календар за вакцинација во Британија, во Шведска, и во Холандија.
Од тоа произлегува дека вакцините за децата таму се препорачани и дека се дел од националните календари и програми за имунизација.
Последниот дел на рецензијата се однесува на различните наведени состојки во вакцините за кои се тврди дека се постоечки, а кои всушност не постојат во ковид вакцините, ниту пак, во некоја друга вакцина. На пример, во објавата се тврди дека во вакцините има антифриз и глицерин од автомобилите, што е измислица.
Вакцините против ковид, наспроти наведеното во објавата, не ја менуваат ДНК на личноста.
Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината. Вакцината не содржи графен оксид, наночипови, ниту пак, во нив има отрови или вируси.
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар