Арбен Таравари злоупотребен во реклама за наводен лек против згрутчување на крвта

Ова е типична онлајн измама која неетички го користи страдањето на луѓето кои имаат здравствени проблеми, со цел да ги намамат да купат наводен лек и да потрошат еден куп пари. Притоа се злоупотребува името на доктор Арбен Таравари кој е актуелен министер за здравство

Ова е типична онлајн измама која неетички го користи страдањето на луѓето кои имаат здравствени проблеми, со цел да ги намамат да купат наводен лек и да потрошат еден куп пари. Притоа се злоупотребува името на доктор Арбен Таравари кој е актуелен министер за здравство

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која рекламира наводен лек против згрутчување на крвта, а на објавата се појаува и ликот на министерот за здравство, д-р Арбен Таравари.

Доктор Хајбер Таравари: „Овој лек ќе ги реши сите згрутчувања на крвта и ќе ви ги исчисти крвните садови за 2 дена Пијте 1 чаша вода со…“ пред јадење, стои во објавата.

Фејсбук страницата која го рекламира наводниот лек, нема никакви објави и има само 14 следбеници.

Кога ќе кликнете на објавата таа ве носи на посебна веб-страница на која ви нудат наводен лек Хипертеа (Hipertea) „за само 2 400 денари“.

Од напишаното на веб-страницата се забележува дека станува збор за сомнителна страница имајќи предвид дека користи лош гугл превод. Исто така и името на д-р Арбен Таравари во објавата е погрешно напишано – Хајбер Таравари.

Страницата ви нуди да добиете можност да го купите лекот за 2.400 денари, со тоа што ќе отворите сандаче. Кога ќе кликнете на него ви се отвора лекот кој сте го добиле при што бара ваши податоци за да ви биде доставен, како име и телефонски број.

Внесовме измислен телефонски број по што добивме порака дека ќе нè контактираат за сите детали за да ја завршиме нарачката.

Хипертеа не е лек. Тој не е официјален лек, не е одобрен од релевантни институции, ниту може да се најде на официјалниот регистар на лекови на Министерството за здравство, ниту во аптеките.

Овој чај, всушност, е суплемент (додаток) за чијашто ефикасност нема официјални истражувања, ниту какви било докази. Нема податоци за неговиот состав, ниту конкретни податоци за производителот.

Ова е типична онлајн измама која неетички го користи страдањето на луѓето кои имаат здравствени проблеми, со цел да ги намамат да купат наводен лек и да потрошат еден куп пари. Притоа се злоупотребува името на доктор Арбен Таравари кој е актуелен министер за здравство.

Не е првпат името на Таравари да биде злоупотребено за рекламирање лажен лек. Претходно неговиот лик се појавуваше на лажна реклама за наводен препарат за слабеење.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата е невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција