Рецензија: Тинејџерка се самоуби поради Фејсбук

Тинејџерка-се-самоуби-поради-Фејсбук-think-crop-resize

Самоубиството за кое се работи во текстот се случило во Индија, но фактот што земјата е далеку не ја намалува одговорноста за него да се известува со голема внимателност.

Вниманието во случај на самоубиство мора да биде златното правило зашто постои ризик на имитирање на чинот. Во овој случај веќе во самиот наслов “Тинејџерка се самоуби поради Фејсбук” покажува неодговорност со оглед на големиот број тинејџери кои користат Фејсбук.

Опасноста поврзана со улогата на медиумите во однос на самоубиството е дека може да бидат еден вид „олеснувач“ за лицата, особено младите и ментално почувствителните лица, кои веќе размислувале да му стават крај на својот живот.

Тинејџерка се самоуби поради Фејсбук – think.mk - 2013-10-28_12.34.47

Линк до оригиналниот написТинејџерка се самоуби поради Фејсбук

Датум и време на објавување: 25.10.2013

 Датум на рецензирање: 29.10.2013

Рецензент: Светлана Јовановска

Вистинитост: Текстот е пренесен од странски медиум, бидејќи настанот се случува во Индија. Настанот бил објавен во повеќе странски медиуми, па бидејќи на македонскиот медиум е пренесен, претпоставка е дека е вистинит.

Извори на информации: Во странските медиуми текстот се базира врз податоци добиени од полицијата на индиската провинција каде се случило самоубиството.

Содржајност: Текстот не е сеопфатен. Информациите што тој ги дава не даваат комплетна слика на настанот. Останува празнина за причината на самоубиството на индиската тинејџерка. Текстот вели дека таа се обесила откако родителите ѝ забраниле да користи Фејсбук и да разменува пораки со своите пријатели.

Не добиваме сознанија за менталната состојба на тинејџерката, ниту, пак, нејзините проблеми кои одвеле до трагичен чин како самобиството.

Пристрасност: Текстот не е пристрасен, но за него може да се каже дека допира сензационализам поради тоа што не дава доволно информации кои би ја комплетирале информацијата за самоубиство на млад човек.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е пренесен од странски медиуми, пред сè англиските изданија на индискиот печат.

Квалитет на насловот: Голем проблем во овој текст е неговиот наслов. Со зборовите “Тинејџерка се самоуби поради Фејсбук” се става акцент на социјалната мрежа која, според насловот, е причината за самоубиството. Самиот текст дава повеќе информации, но тие се несеопфатни.

Фотографија: Фотографијата го покажува логото на Фејсбк и со самото тоа ја фрла вината врз оваа социјална мрежа.

Заклучок:   Пред сè, правилата налагаат дека самоубиството не треба да биде покриено во медиумите, бидејќи станува збор за приватен живот.

Во анализата на м-р Жарко Трајаноски, објавена на овој портал на тема „Како (не) треба да се известува за самоубиството“ се вели дека

“…наведување на социјалните причини, како што е невработеноста, проблеми со училиштето или крај на романтична врска, може да биде разбрано како порака до сите кои имаат слични проблеми дека самоубиството е едно од можните решенија”.

На ова би го додале и овој текст и неговиот наслов кои можат да ја наведат, пред сѐ, младата публика дека социјалната мрежа Фејсбук е причина за нечие самоубиство.

Овој чин не смее да биде начин да се привлече внимание. Секоја алузија на смрт или самоубиство мора многу сериозно да биде сфатена од медиумите.

Самоубиството речиси редовно е проследено со цела низа проблеми кои водат до него. Медумите треба сериозно да се задлабочат врз овој проблем.

При известување за нечие самоубиство, ако медиумот се реши да известува и без разлика дали тоа се случува на друга страна на светот, добро би било редовно да му се даде збор на професионалец кој има начин да ги објасни околностите и да даде добри совети.

SOS_linija_3136-400

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција