Рецензија: Куќите во Центар ќе останат само на семејните фотографии

www_novamakedonija_com_mk_NewsDeta-crop-resize

 Текстот помалку или повеќе ни го кажува она што го знаеме, дека полека ги губиме од сеќавање убавите стари градски квартови и маала. Во Дебар маало, Кисела Вода и Карпош старата градска архитектура исчезнува, а на нивни места никнуваат нови деловно станбени објекти, шопинг центри и мега проекти на надежните архитекти и инвеститори. Интересно е што текстот открива дека со нивното рушење и со маркичките за нови згради за колективно живеење на тие места, градежното земјиште на овие локации достига астрономски цени.
Тоа е само еден аспект со кој се занимава авторот. Темата која што се отвора има и сериозни архитектонско урбани и социолошки проблеми, кои не се опфатени и поради тоа ја рецензираме.

Линк до оригиналниот напис: Куќите во Центар ќе останат само на семејните фотографии

FireShot Screen Capture #048 - 'Куќите во Центар ќе останат само на семејните фотографии - Нова Македонија' - www_novamakedonija_com_mk_NewsDeta

Датум и време на објавување: 4.11.2013

Датум на рецензирање: 7.11.2013

Рецензент: Александар Писарев

Вистинитост: Во вистинитоста на фактите кои се презентирани не треба да се сомневаме, сите ги знаеме и очевидци сме како пред нашите очи исчезнува старото Скопје и неговите маала и како на тој простор рапидно се зголемува цената на градежното земјиште. Авторот состојбата ја потврдува и со изјавата од референтна агенција за недвижнини. Тоа е само едната страна на „паричката“.

Извори на информации: Во текстот се спомнува само еден извор (агенција за недвижнини). За комлетна анализа на проблемот ќе беа потребни барем уште два-три релевантни и стручни извори. Тогаш ќе ја добиевме комплетна слика на она што авторот  почнал да ни кажува, но не го пренел до крај.

Содржајност: Темата за новинарски прилог е одлично погодена, но содржински не се опфатени сите важни аспекти. Авторот стигматизира само еден апсект од овој проблем, цените на градежното земјиште во старите градски јадра во Скопје, кој е доволно и содржајно обработен. Авторот самиот, со носталгија вели, дека се рушат убавите куќички за индивидуално живеење  во Дебар маало, Карпош, Кисела вода… и ја објаснува трката по профитот, кој со нивното рушење и изградба на колетивни згради го остваруваат инвеститорите.

Информацијата ќе беше многу посодржајна ако се отвореше и проблемот со нетранспарентната промена на деталните урбанистички планови, која со себе носи урбан и сообраќаен хаос и резултира со пренаселеност на одредени подрачја на градот и дивеење на урбаната „мафија“, како и отворање на социјалните, инфраструктурните, еколошките и други проблеми. Овие работи во содржината на текстот не се спомнати дури ни на маргините, така што текстот  ја нема својата целовитост и содржајност.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинално авторско дело со потпис на авторот.

Квалитет на насловот:  Насловот  го предизвикува читателот да ја погледне содржината на текстот, но можел да биде и покреативен. На овој текст му недостасуваат  наднаслов и добар поднаслов кои меѓусебно би комуницирале и на читателот  би му дале информација од „прва рака“.

Фотографија: Фотографијата со која се сакал да се илустрира текстот е безживотна, мртва, на неа нема луѓе. Не може да се каже дека ова е креативна фотографија која сама за себе зборува за темата. Во Дебар маало и Карпош во моментов се рушат неколку убави куќи што биле наменети за индивидуално домување. Тие можеле да се фотографираат во моментот на рушење со што илустрацијата на текстот би била адекватна.

Заклучок: На овој текст многу малку му недостига па да биде рецензиран како позитивен пример на истражувачки новинарски производ. Текстот излегува од стереотипите на актуленото македонско новинарство каде акцентот е ставен на голата политика и политичарите и на таблоидизација на содржините. За тоа заслужува пофалба. Темата е актуелна, животна и урбана онаква какви нема доволно во медиумите. Во текстот има истражувачки елементи, но недоволни за да кажеме дека е сеопфатна и добро сработена истражувачка сторија.

На авторот му недостасува амбиција и храброст малку да ја протресе „урбаната мафија“ која нема емоции кон старите градски јадра. Авторот го знае проблемот но не е доволно само во една реченица да констатира:

трендот на рушење куќи и градење згради за колективно живеење на нивно место не само што ќе продолжи во иднина туку ќе се  засили, за тоа се спремни ако треба да го преораат Скопје“.

Темата има повеќе аспекти. Ако веќе е отворена темата, требало да се чуе и мислењето на архитектите и на локалната самоуправа која толку лесно дозволува инвеститорите „да го преораат Скопје“, како и да се провери дали е во прашање полнењето на општинските буџети на штета на граѓаните. Требало да се поразговара и со граѓаните, социолозите, еколозите… Можело да се направи прошетка во „Маџар маало“, каде жителите покажуваат енергичен отпор кон овој тренд кој им го наметнува општината и бараат од државата друго и похумано решение.

Не се работи за моја желба, но во текстот требало да има примери како во светот и во регионот се чуваат старите градски јадра со куќи за индивидуално живеење, а, сепак, граѓаните можат да си го прошират својот животен простор (Холандија, Хрватска, Словенија па и Србија). Социолозите и психолозите последните години прават цели студии за предностите на животот во мали населби со куќи за индивидуално домување. Требало да се обрне внимание и дали на овој начин се форсира и помага депопулација на малите градови, чии жители масовно се иселуваат во Скопје и со тоа отвораат серија нови проблеми од инфраструктура, до загадување на воздухот и зголемување на криминалитетот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција