Рецензија: Фото: Кога премиерот Груевски ќе се опушти на свадба

pg-0000987-00000876-crop-resize

Основниот проблем на овој медиумски производ е тоа што е паушален и пропаганден. Потребна е и сериозна ревизија за тоа дали настанот што се обработува е вест-вреден. Како извор на текстот се користи фотографија од која авторот изнесува низа заклучоци за карактерот на функционерот. Од ваквиот пристап се добива впечаток дека единствената причина поради која написот е објавен е да се претстави личноста на премиерот како позитивна, што се темели на слаб аргумент дека тој се фотографирал со музичари.

pgЛинк до оригиналниот напис: Фото: Кога премиерот Груевски ќе се опушти на свадба

Датум и време на објавување: 05.01.2014, 11:14

Датум на рецензирање: 06.01.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс 

Вистинитост: Дилемата е дали е воопшто вест-вредно што функционерот се фотографирал со музичари на свадба и како од тоа може да се заклучи дека тој се „опуштил“. Уште поголем проблем во поглед на вистинитоста се тврдењата дека „премиерот по ништо не се  разликува од останатите граѓани“. Во текстот се користат низа клишеа, коментари и субјективни перцепции, со јазик и дискурс кој е излитен и шаблонски. Факт е дека од оваа фотографија не може да се дојде ниту до впечаток дека Груевски се опуштил, ниту дека „ужива во сите работи, како и останатите граѓани“.

Извори на информации: Изворот е фотографија од свадба, а сето останато во текстот е коментар. Текстот нема факти, ниту, пак, е вест-вреден. Самото појавување на Груевски на некоја фотографија, па дури и на свадба, не кажува ништо за неговиот карактер, ниту позитивно, ниту негативно.

Содржајност: Кога ќе се прочита текстот не може да се дојде до ниту една корисна информација, бидејќи во него единствениот факт е тоа што Груевски се фотографирал на свадба со музичари. Содржински станува збор за „празен“ текст, оскуден и по обемност и по факти, а богат со коментари.

Пристрасност: Дури и во ваков свадбено-забавен контекст, евидентна е потребата на авторот да извлече заклучоци кои со ништо не може да ги покрепи како, на пример, дека „како и сите и Груевски сака да се забавува, а доказ за тоа е и оваа фотографија на една свадба на која гостин бил и Груевски кој немал ништо против да се фотографира со музикантите кои ги забавувале присутните“. Овој коментар е паушален и заедно со целиот контекст упатува на политичка наклонетост на авторот да го претстави Груевски како човек близок до народот, со можна крајна читателите да се поистоветат со него. Обидот да се стори ова врз база на една фотографија е пропаганден.

 Коментирање: Текстот е коментар, собено поднасловот:

„Ова уште еднаш покажува дека зад сериозниот лик на премиерот се крие човек кој воопшто не се разликува од останатите граѓани. Како и сите, и тој сака да се забавува а доказ за тоа е оваа фотографија направена на една свадба на која гостин бил и Груевски кој немал ништо против да се фотографира со музикантите кои ги забавувале присутните.“

„Дека премиерот ужива во истите работи како и сите граѓани на Македонија, покажа и неговото последно гостување во емисијата Опуштено“.

Секој пат кога читателот ќе прочита реченична конструкција во која се вклучени „сите граѓани“, „народот“, „јавноста“,треба со резерва да ги земе ваквите констатации, со оглед на тоа што граѓаните имаат најразлични ставови.

Оригиналност/Плагијат: Текстуалниот дел е автентичен и тој претставува целосен коментар на непотпишаниот автор, додека фотографијата што се коментира е атрибуирана на друг портал, кој, пак, ја презел од Фејсбук.

Квалитет на насловот: Насловот е сензационалистички и наведува на погрешно толкување, а она што може да се види од фотографијата е дека станува збор за вообичаено фотографирање на свадба.

Фотографија: Фотографијата е основен извор за текстот и таа е неподатлива за она што авторот го коментира во текстот. Се добива впечаток дека коментарите се клише за да се створи слика за карактерот на премиерот.

Заклучок: Функционерите се откажуваат од дел од својата приватност кога стапуваат на позициите и за јавноста е интересно да види како тие се однесуваат во секојдневните приватни настани, но фотографијата која се зема како извор е премногу оскуден доказ за сите карактерни особини што авторот на текстот му ги припишува на функционерот . Тенденцијата што се забележува е Груевски да се претстави како едноставен човек, само зашто се нашол пред објективот со музичари. Ова не е никаков аргумент за тоа дека тој „по ништо не се разликува од останатите“. Текстот е всушност краток коментар на субјективните перцепции на авторот со можна пропагандна и политичка заднина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција