Рецензија: Заев и Шеќеринска на рапорт во Брисел

b-0000009821-000987-crop-resize

„Нов текст, позната содржина“ – така накусо би можел да се нарече овој обид од новинарски производ, кој слично како неговите претходници, а како што тргнало и неговите следбеници, нема за главна цел да информира, туку да ја претставува „машата“ на политички орган за пресметка со опозицијата. Написот не им „робува“ на професионалните стандарди, туку, очигледно, на партиските цели на тој или тие кои го нарачале.

Врската меѓу мотивот за пишувањето и објавувањето на текстот и „центарот“ е јасна и е невозможно, а да не се види, бидејќи пласираните тези сами ја покажуваат. Имаме анонимни извори, несоодветно поткрепени заклучоци и секако формулации кои како да сакаат да ни кажат дека опозицијата, а не власта ја води земјата.

bЛинк до оригиналниот напис: Заев и Шеќеринска на рапорт во Брисел

Датум и време на објавување: 06.01.2014,   10:35

Датум на рецензирање: 08.01.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Се тргнува од основата, која е вистинита, за средба меѓу опозицискиот двоец и европски дипломати во Брисел. Оттука натаму вистинитоста станува дискутабилна. Треба многу, многу сериозни аргументи кои би го оправдале тврдењето:

„Првата е наметнатиот проблем за името од страна на Грција, на која според добро информирани извори Брисел ќе побара СДСМ да продолжи да прави притисоци на најразличен вид за името, како што веќе ветувала Радмила Шекеринска уште во времето кога Бранко Црвенковски беше шеф на државата“.

Оваа формулација, која не е поткрепена, не само што ја оцрнува опозицијата, туку и Брисел, бидејќи според напишаното, ЕУ ептен притиска за прашањето за името. Дилемата, која останува неодговорена, е ако е тоа така и ако станува збор за непринципиелно лобирање на Брисел, па дури и преку опозицијата, кое би „било на штета на идентитетот на државата“, тогаш зошто воопшто претставници на ВЛАСТА одат на состаноци во седиштето на Унијата, паралелно, непрестано повторувајќи дека Македонија не отстапува од евроинтеграциите? Зошто властодршците со своето присуство во Брисел, би го легитимирале ова „темно“ сојузништво меѓу СДСМ и ЕУ? Од приложеното произлегува дека Европејците своите идеи за името ги туркаат само преку опозицијата, а тоа истото ама баш никако не го прават преку владата. Премиерот, самиот, неколкупати има изјавено дека тој бил под силен притисок однадвор за да се надмине спорот за името.

Извори на информации: Само на едно место се споменуваат извори и тие се, како што се вели, дипломатски. Сите други информации, почнувајќи од „СДСМ да продолжи да прави притисоци на најразличен вид за името“ па се до „ќе биде побарано СДСМ да не поставува нерационални барања за да си создава алиби“ немаат каков било извор.

Содржајност: Пласираните „информации“, настрана нивната вистинска тежина и вистинитост, го прават овој, а и сличните текстови, интересни за публиката. Но, тоа само по себе не подразбира дека понуденото изобилува со содржина.

Пристрасност: Неспорно ја има. Во текстот провејува силна наклонетост. Нема ниту „б“ од балансираност.

Оригиналност/Плагијат: Авторот, како по правило кога станува збор за вакви текстови, е неименуван. Повеќе „мириса“ на редакциски напис, отколку на тоа дека зад него стои еден, единствен автор.

Квалитет на насловот: Насловот е тенденциозен, бидејќи употребениот стил наведува на одредена понизност на опозиционерите во однос на европските дипломати. Се добива впечатокот дека едните се одговорни кон народот, додека другите се сервилни кон Брисел.

Фотографија: Повеќе илустративна, отколку информативна е употребената фотографија на која, од некој партиски собир од минатото, се наоѓа споменатиот „опозициски тандем“.

Заклучок: Ова е материјал со слаб квалитет, со јасно отсуство на извори и со прецизна цел медиумски да „оцрни“ посета на претставници на политичка партија на Брисел. Дека задачата била таква говорат и серијата текстови кои беа објавени по бриселските средби и кои, исто така, под „негативна“ лупа го ставија присуството на опозицијата во седиштето на ЕУ.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција