Рецензија: Богами, Рада не штеди на себе-скапа риба во евтина политика!

78-098700998800-09-crop-resize

„Пожолтениот“ и навидум неполитички пристап во овој текст, каде се коментира стајлингот на доскорешната пратеничка, може да се прочита на различни начини што оставаат впечаток дека е пристрасен и напишан без веродостојност, а со цел читателот суптилно да се наведе на заклучок за тоа колку „тежи“ Шекеринска.

78Линк до оригиналниот напис: Богами, Рада не штеди на себе – скапа риба во евтина политика!

Датум и време на објавување: 13.03.2014

Датум на рецензирање: 18.03.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Ако се навлезе во анализирање на вистинитоста на тврдењата дека Шекеринска се облекува во скапа гардероба и тоа претставува јавен интерес, тогаш фотографиите кои се нудат во медиумскиот производ дефинитивно не може да го потврдат тоа. Едноставно, читателот не може да биде сигурен дека на пример, гардеробата на фотографиите е од брендовите што се споменуваат, а уште помалку колкава е нивната цена.

 

НЕПРОВЕРЕНИ „ГЕНЕРАЛНИ ВИСТИНИ“

Во продолжение се неколку фотографии од скапите модни комбинации на Шекеринска. Ретко кој од нас има барем основна информација за тоа кое парче гардероба на кој бренд му припаѓа и која му е цената. Ајде обидете се да погодите што е што.

Во текстот воопшто не е направен обид да се праша Шекеринска од кои брендови е нејзината гардероба, наместо да се наведуваат читателите на загатки и погодувања. Всушност, паушалното нафрлање на брендовите е субјективно и не претставува факт, туку мислење. Кодексот на новинари налага да се прави разлика меѓу мислењето и фактот, што тука не е направено.

Како основен извор на информации се искористени фотографиите, а останатиот дел од текстот е коментаторски.

Текстот содржи низа мислења што треба да претставуваат „генерални вистини“, кои не подлежат на проверка, но, всушност, треба да се проверат или да се направи обид да се потврдат со примери:

Во Македонија малку жени, од оние кои учествуваат во политиката, можат да се пофалат дека се што гледате на нив, потекнува од ултраскапите светски марки за кои, по правило, за едно парче облека треба да се плати од петсто евра за кондури, до неколку илјади евра за ташна.

Прашање е како читателот може да знае и да се увери дека ова тврдење е вистинито. Што ако навистина, многу политичарки и политичари имаат скапа гардероба? Со ништо во текстот не се потврдува дека нема повеќе политичари што имаат скапа брендирана гардероба. Всушност, само од фотографиите не ни може да се знае од кој бренд е гардеробата на Шекеринска. Сево ова е направено во контекст на тоа да се издвои Шекеринска како единствена што носи брендирана и скапа гардероба без притоа да се понуди ниту еден доказ.

 

ФОТОГРАФИИ ВО КОМБИНАЦИЈА СО ЛИЧНИ СТАВОВИ

Со оглед на тоа што единствениот предмет на модна анализа е Шекеринска, се поставува прашањето зошто ваква анализа не е направена за повеќе лица од политичкиот живот, за да се добие една поопширна генерална слика за тоа кој што носи. Во целиот текст не е консултирана засегнатата страна, односно не е искористена ниту побарана изјава од Шекеринска.

Се изнесуваат тврдења дека секое парче од облеката на политичарката чини најмалку 1.000 евра, но таквото тврдење не е со ништо потврдено и останува на ниво на субјективен став или проценка.

Во овие износи не спаѓаат бисерни ѓердани, часовници, накит… кој чини од неколку иљади евра, па нагоре. Радмила Шекеринска, лидерката на СДСМ спаѓа во оваа џет сет категорија, жена која има неконтролиран нагон кон скапа облека и носи ташни од класата и типот на Гучи и Лансел, кои чинат од илјада до пет илјади евра. Но, да се само ташните и кондурите на Рада кои чинат илјадници евра….се што гледате на неа, секое парче чини приближно толку, ако не и повеќе.

Насловот од своја страна е пристрасен и остава впечаток дека се користи за да се наметне статус на престиж и на елитизам на Шекеринска, а за сметка на тоа да се обезвредни политиката што таа ја застапува.

Искористени се повеќе фотографии од Шекеринска на кои таа носи различни парчиња облека за кои само од фотографии и на ниеден друг начин потврдено, не може да се знае ниту од кој бренд се, ниту колку пари чинат. Оттука, со ништо не е направено веродостојно тврдењето дека станува збор за ексклузивни, брендирани и скапи парчиња облека.

Единствено понудените фотографии, во комбинација со личните ставови, не се веродостоен доказ за вистинитоста на изнесеното, односно од нив не може да се заклучи дека е вистинито она за кое се пишува односно дека гардеробата е брендирана и скапа. Не е направен обид да се земе изјава од инволвираната страна а тоа што единствено Шекеринска е земена како пример на модна анализа го прави несеопфатно портретирањето на политичарките како скапо или евтино облечени. Во насловот се забележува пристрасност и можно е тоа да е направено од повеќе причини, меѓу кои и обид за позиционирање на Шекеринска во богатите политичари и да се претстави како нескромна и фанатик по луксузот. Зад сето ова може да стои политичка позадина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција