Рецензија: Бранко Црвенковски повторно ги контролира Заев и Шеќеринска

24-098765-098700-crop-resize

Уште еден, по којзнае кој пат по ред, текст за ситуацијата во опозицијата опсервиран од окото на острите набљудувачи на СДСМ-овските состојби. По низата написи за судирот меѓу актуелниот и претходниот лидер и како дека тоа ќе доведе до поделби и пропаст на партијата, ненадејната средба меѓу двајцата политичари по партискиот конгрес натера цела „чета“ медиуми, вклучувајќи го и оној каде е објавен текстот кој е предмет на резензија, да го променат курсот во нивните „анализи“. Сега, пак, се тера „старата песна“ дека Б.Ц. го контролира З.З. Самиот факт дека по нивниот состанок веднаш „в строј“ се наредија речиси десетина телевизии, весници и портали доволно покажува дека станува збор за своевиден универзален костум кој има повеќе политички, отколку реален новинарски штоф.

2Линк до оригиналниот напис: Бранко Црвенковски повторно ги контролира Заев и Шеќеринска

Датум и време на објавување: 24.05.2014, 11:36

Датум на рецензирање: 27.05.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

„ПИШИ-БРИШИ“ И „ЕТЕР-ВЕТЕР“ НОВИНАРСТВО 

Тешко е докажлива вистинитоста на овој текст зашто изнесените тврдења не се баш соодветно покриени со новинарски аргументи. Да се вели дека „Црвенковски останува да ги влече конците“, притоа имајќи го предвид епилогот од Конгресот, како и отсуството од раководните органи на, како што некои медиуми тврдеа, луѓе блиски до екс-лидерот, а без притоа да не се даде ниту еден саглам доказ или барем изјава од кредибилен и јасно наведен соговорник, е во најмала рака несериозно. Чекајте, па само пред неколку седмици „на цел глас се тропаше“ за намерата, секако сериозна, актуелниот претседател на опозициската партија да биде симнат од функцијата токму од екс-лидерот, за веднаш по нивниот неодамнешен состанок да се промени уредувачката политика на голем дел од медиумите во тоа дека „Бранко пак е кормилар“. Хм, толку од конзистентноста на „анализите“, или, пак, станува збор за „пиши-бриши“ и „етер-ветер“ новинарство.

Ваквиот пристап неминовно носи слаб содржински квалитет кој не може да се пофали со некоја новост. Веста за средбата меѓу двајцата опозиционери е два дена стара пред објавувањето на текстот, па потоа за некакви, претпоставувам политички потреби наменски е рециклирана во овој напис. А, да, не треба да се заборави background-от кој ни се нуди за тоа што сѐ актуелното раководство му должи на стариот лидер. Не велам дека фактогарфија не треба да фигурира, но претходно барем да се пласираше некаква поткрепена вест, а не „наслушување“ од, нели, веќе познатите анонимни извори.

Од друга страна, пак, употребените формулации покажуваат доза на необјективност, која дополнително е зајакната со неколкуте коментари како:

„Со ваквиот чекор најдобро се потврдува дека Црвенковски има строга контрола на партијата и дека што и да се случи сепак Шекеринска и Заев ќе му бидат негови вечни должници и затоа се под негова команда“.

 

ТЕКСТ „ПОД КОМАНДА“

Дека станува збор за „текст под команда“ говори фактот дека слични написи со безмалку идентични формулации се појавија на уште неколку медиуми. Секако, заеднички точки, покрај содржината, им беа и насловните конструкции кои, исто како и насловот на овој материјал, се сензационалистички и без информативна копмонента.

Дури и двете фотографиi искористени во текстов верувам дека не се случајно избрани – екс-лидерот придружуван од актуелниот претседател на барикади со кордон полицајци пред нив. Би рекле фотки извадени од контекст со некаква позадина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција