Нова „листа за отстрел“ на новинари и на јавни личности

FireShot-Screen-Capture-039-Агенти-кои-земаат-повеќе-од-што-заслужуваат-I-Република-Online-republika_mk__p343009-crop-resize

 

[Рецензија на текстот со наслов: Агенти кои земаат повеќе од што заслужуваат]

Не постои новинарска форма во која би можел да се смести овој производ. Станува збор за елеватор со кој јасно се пренесени пораките и мислењата нарачани од одредени центри на моќ, чија континуирана цел е да се напаѓаат, навредуваат и да се стигматизираат оние што имаат различно или спротивно мислење за актуелните случувања во општеството од актуелната власт.  А, сè со цел да се дискредитира и заплаши цела една плејада новинари и аналитичари кои се критички настроени.

Притоа, не водејќи сметка дека со лепење непримерни и со ништо аргументирани етикети, („Агенти кои земаат повеќе од што заслужуваат“) и навреди, ставајќи ги пред ѕидот на срамот со објавените фотографии, претставувајќи ги како „мета за отстрел“,  мобилизира на дејства кои можат да бидат многу сериозна закана и за нивната безбедност.

FireShot Screen Capture #039 - 'Агенти кои земаат повеќе од што заслужуваат I Република Online' - republika_mk__p=343009Линк до оригиналниот напис: Агенти кои земаат повеќе од што заслужуваат

Датум и време на објавување: 11.11.2014  15:54

Датум на рецензирање: 13.11.2014

Рецензент: Александар Писарев

 

СТЕРЕОТИПЕН ПРОИЗВОД

Категоријата на вистината е надмината и остануваат само пораки во кои можеме да веруваме според сопствениот избор. Ова е еден сегмент од мозаикот на стереотипни текстови кои треба да го убедат народот во „субверзивните“ активности на петнаесетина македонски новинари, невладини организации и на странски институции и фондации:

„Агенти кои земаат повеќе од што заслужуваат,  Бранко Геровски, Ацо Кабранов, Владимир Милчин, Љубомир Фрчковски, Сашо Ордановски, Борјан Јовановски… има уште некои на листата која и не е така мала…“.
Се конструира дискусрс во кој во државата не треба да постојат ни опозиција, ни опозициски медиуми и новинари, а ни финансиери на медиумите што ја критикуваат власта.

„Дел од горенаведените медиуми и новинари кои работат за медиумски спонзорирани главно од странските организации, главно СОРОС, на чије чело стоји еден од главните плукачи врз се што е  македонско, Владимир Милчин, постојано се жалат  дека нема слобода на медиумите.“

 

НЕ ЛУТИ СЕ, ЧОВЕЧЕ

Како во „не лути се, човече“, оној што не е задоволен од играта, се лути и поединечно почнува да ги напаѓа, етикетира и да ги дискердитира најнапред Борјан Јовановски и неговата колешка Билјана Секуловска, затоа што од страна на Алијансата на либералите и демократите на Европа тие (а, не некој друг, на пример, според изборот на медиуми блиски до власта) беа поканети да учествуваат на панел-дискусија во Европарламентот на тема „Замолчувањето на медиумите во ПЈР Македонија“. За медиумот тој настан е оценет како:

„Приватна забава со цел осуда на Македонија, без дебата на новинари, туку дебата на лобисти на една партија… „ Целта беше повеќе од јасна да се нападне сопствената земја во Е.П.“

 

ЗАБРАНА ЗА ЈАВНА ДЕБАТА

Во демократските општества, никој, вклучувајќи ги и медиумите, не може да одредува теми за кои не смее да се дискутира. Целокупниот општествен организам мора постојано да биде под критичкото око на јавноста. Затоа секое, се разбира и индивидуално, мислење треба да се почитува и да добие право на јавност. Во овој случај, тоа право им се ускратува на новинарите кои беа дел од учесниците во дискусијата во Европарламент на темата под наслов „Замолчување на медиумите во БЈР Македонија“.

„Борјан Јовановски и неговата колешка од Нова ТВ, Биљана Секуловска се „истакнаа“ на т.н. хеаринг во Европскиот парламент на тема под наслов  „Замолчување на медиумите во ПЈР Македонија… Целта беше повеќе од јасна да се нападне сопствената земја во ЕП. Замислата беше приватна забава со цел да на Македонија и се наштети… секое нивно излагање пред меѓународен фактор е исто –режим. Демократија, слобода на медиуми…“

Вреди да потсетиме дека слободата на јавно изразување на сопственото мислење е една од фундаменталните слободи на граѓаните. Во Република Македонија тоа право на граѓаните им е загарантирано со членовите 9, 10 и 16 од Уставот на Република Македонија, кои се ускладени со Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи. Тие гарантираат слобода на говорот, јавно изнесување на мислење, на јавен настап…

На безобѕирен, груб и безобразен начин, овде е направен обид тоа право да да биде ускратено.

„Извештај на Фридом Хаус беше направен врз основа на референци кои најголем дел се  од невладини организации како и  критички текстови на опозициски медиуми, но и текстови на новинарите Борјан Јовановски и Мери Јорданоска кои честопати се поврзуваат со СДСМ и Фондација Отворено Општество.“

 

„Бранко Героски, Ацо Кабанов, Владимир Милчин, Љубомир Фрчковски, Сашо Ордановски, Борјан Јовановски… има уште некои на листата која и нее така мала… Ова е група новинари, политички аналитичари и политичари од земјава кои работата за секого, само не за својатра земја… сите со иста цел – да бидат фокусирани на две работи кои не носат ништо позитивно на земјава…“

 

ФЛАСТЕР НА УСТА

Нескриено се декларира против  јавниот збор и јавно изречено мислење, а на новинарите треба да им се „залепи фластер на уста“  кога ја крикуваат власта, а ја поддржуваат опозицијата за актуелните работи во општестовто:

„Тие јавно, и нескриено говорат дека ја поддржуваат опозицијата. Таков е случај со Бранко Геровски, таков е случај со Ацо Кабаранов. … медиуми и новинари кои работат спонзоритрани главно од странските организаации главнои од СОРОС (на чие чело стои еден од главните плукачи врз се штое макеоднско, Владимир Милчин.“

Дозволете да поставиме прашање: Дали во едно демократско и плуралистичко општество е забрането јавно да се каже дека некој ја поддржува опозицијата или е забрането новинарите да ја поддржуваат? Дали експлицитно се бара сите новинари и невладини организации да бидат само на страна на власта и на страна на една партија?

Во политичката теорија и практика (и во Уставот на Република Македонија, член 16)  јасно е кажано дека граѓаните, медиумите и новинарите имаат целосно право јавно да го кажат своето мислење. Или за медиумите, новинарите и за граѓаните кои се симпатизери на опозицијата тоа не важи и тие треба „тајно“ да зборуваат за проблемите во општеството? Тогаш од каква корист би било ако своите критики и забелешки кон власта ги кажуват зад затворени врати? Опозицијата може да врши притисок врз Владата само ако  критиките ги упатува јавно и ако тие критики слободно ги пренесуваат медиумите.

 

ПРЕД ВОД ЗА СТРЕЛАЊЕ

Во галерија на петнаесетина угледни  јавни личности, кои се таксативно етикетирани како „Агенти, оцрнувачи на Македонија…“ се и Сашо Ордановски, Лидија Димова, Рамадан Рамадани, Владимир Милчин „тие беа дел од трибината на која  се жалеа дека не можат да ја срушат власта на демокртаски начин. Ордановски е еден од оние кои силно поддржуваат се што е против Македонија.“

Обвинението и постројувањето пред „вод за стрелање“ не би било комплетно ако во групата за отстрел не се најде и академската заедница, а таа, во овој случај, ја предводи професорот Љубомир Фрчкоски.

„Фрчковски пак тврдеше дека никогаш во преговарачки процес за името не станувало збор и не бил доведен во прашање идентитетот на нацијата. Тој се огласи и против уставните измени, кои ги процени како спин поради познатата динамика на секој авторитарен систем кој во отсуство на вистинскиот равој создава лажана динамика… се пожалил дека  македонската сосстојаба е во застој, се жали на диктатура…“

 

ЗАГАДЕН ПОЛИТИЧКИ ПРОСТОР

Тенденциозно новинарство за да се дискредитираат одредени домашни и меѓународни организации и личности од политичкиот и од јавниот  живот,  што не е ништо друго туку смислен и злонамерен напад со политичка заднина, спротивен на сите етички норми, стандарди и кодекси на однесување на новинарите.

„Пример за антимакедонската позиција на дел од овие имиња е и помпезната најава на весникот „Слобоедн печат“… дека до крај на октомври медијаторот во грчко македонски спор за име ќе даде нов предлог при што земјата би се нарекувала „Република Горна Македонија“…“

Ваков журналистички пристап покажува дека во Македонија нема расположение за објективен политички дијалог, кој би овозможил до крај да се спроведат неопходни промени и демократизација на општеството, не постои култура на дијалог, бидејќи над него монополот го држи елитата која е на власт заедно со своите „мегафони“ и настапува како бран на псевдоидеологија која го загадува политичкиот простор.

Гледајќи од аспект на современиот развој на демократијата, човековите права и слободи, слобода на медиумите и на плурализам на идеи, на крајот може само да заклучиме дека станува збор за  непрофесионален и пристрасен „медиумски произвиод“, кој на читателите не им дава реална слика за темата што ја обработуива. Се занимава со манипулации и со стигматизација на политичките противници. Она што според Кодексот на новинарите на Македонија не е дозволено, е и пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

Тезата која е типична за времето на едноумието, е дијаметрално спротивна на принципите на слободното и независното новинарство и правото на спротивно мислење. На слични стереотипни написи на оваа тема веќе сме укажале критички повеќепати, предупредувајќи дека тоа не е ни малку добро за македонското новинарство: Героски и Костова не ги оправдаа парите на Сорос, ќе понесат ли одговорност,  За Милчин речиси 6 милиони евра се смешни пари. Фридом хаус ги одработува парите на Сорос

Прекршен е член 16 на Кодексот на новинарите на Македонија: 

„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува взаемна солидарност и рзличност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.“

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција