Рецензија: Ќерката на Самсоненко и синот на вицепремиерот Пешевски играле, премиерот и министри гледале

Ќерката на Самсоненко и синот на вицепремиерот Пешевски-crop-resize

 

Овој текст, кој е посветен на претставата од цртаниот филм „Фрозен“, а која ја извеле ученици од приватното меѓународно училиште „Нова“, е новинарска приказна без никакви факти и аргументи, заснована на „трач-муабети“. Текстот не ја прикажува во целост вистината и е тенденциозен и политички пристрасен. Целата приказна има цел да нагласи колку биле моќни и богати поединци од актуелната политичка гарнитура и некои странски бизнисмени во земјава, истакнувајќи дека тие за своите деца, наводно, донирале огромни суми за претставата да биде раскошна. Акцентот е ставен на сумата потрошена за костимите, за што не постои конкретен доказ. За возврат на тоа, нивните деца ги добиле главните улоги. Притоа, не се користат никакви факти и извори, што било причина и училиштето „Нова“ да испрати реакција и демант на напишаното.

Ќерката на Самсоненко и синот на вицепремиерот ПешевскиНаслов на анализираниот написЌерката на Самсоненко и синот на вицепремиерот Пешевски играле, премиерот и министри гледале

Датум и време на објавување:10.12.2014, 22:35

Датум на рецензирањe: 12.15.2014

Рецензент: Ана Анастасовска

Овој текст не се темели на никакви факти, туку само на информации од анонимен извор. Точноста на овие информации не е утврдена и не постои никаква конкретна поткрепа за нив. Единствено точен е фактот дека таква претстава се одиграла во МОБ и дека ја извеле ученици од меѓународното училиште „Нова“. За тоа кој сè присуствувал на претставата, кој задоцнил, а кој дошол навреме и колку чинеле костимите, нема конкретен доказ.

„На претставата, со пристојно, но вообичаено задоцнување, присуствувал и премиерот со неговите две ќеркички иако тие не се сè уште на училишна возраст. Гости на овој настан во организација на Нова велат дека се фрапирани од очигледно скапите костими и се што било потребно за претставата од оваа елитна школа во која учеле и учат деца на сегашни и бивши функционери и бизнисмени.“

Авторот на овој текст, кој не е потпишан никаде, користи анонимен извор, кој, наводно, бил присутен на настанот, поради што го наведува читателот да се сомнева во вистинитоста на информациите изнесени во него.

Оваа вест е несеопфатна, бидејќи, за да се задоволи минималното ниво на сеопфатност, во неа требало да има и став од училиштето. Во текстот нема информации од организаторот на настанот.

Написот не ја прикажува целосно вистината и содржи лажни информации, конкретно за сумата што била потрошена за костимите, за што сведочи и реакцијата испратена од училиштето.

Во текстот се наведува дека сумата потрошена за костимите изнесувала околу 50.000 евра и сето тоа се базира на претпоставка на анонимниот извор.

„Тие претпоставуваат дека околу 50-те илјади евра кои можеби биле дадени за костимите и другите реквизити и закуп на салата се донација од богати родители на деца кои учат таму или пак на актуелни функционери.“

Текстот е политички пристрасен и има цел да нагласи дека дел од актуелните функционери и бизнисмени се расфрлаат со пари и се луксузираат за претстави на нивните деца, што не може да се утврди како точно. Авторот, во тој контекст, ги спомнува вицепремиерот Владимир Пешевски и рускиот бизнисмен Самсоненко, кој важел за близок до директорот на УБК, Сашо Мијалков. На оваа претстава, наводно, присуствувале и премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

„Во редот на ВИП гостите, покрај премиерот и неговите ќеркички биле бизнисменот Самсоненко седнат до нашиот тајкун Орце Камчев, вицепремиерот Пешевски, а гостинка на преставата била и првата полицајка, министерката Гордана Јанкулоска. На преставата на учениците од Нова бил и американскиот амбасадор Пол Волерс.“

И овие информации се утврдуваат како неточни бидејќи во демантот јасно стои дека Јанкуловска не била на претставата.

Насловот на текстот е информативен, но е многу нејасен. Прво, секој не мора да знае кој е Самсоненко за да се истакне неговото име. И второ, нејасно е каде и што играле неговата ќерка и синот на вицепремиерот Пешевски. Можеби играле во диско или на плоштад. Во насловот не е прецизирано дека играле во претстава организирана од училиштето што го посетуваат.

Целиот текст е една голема приказна базирана на претпоставки и кажувања од анонимен извор кој, наводно, присуствувал на настанот. Текстот е тенденциозен, несеопфатен и политички пристрасен. Можеби многу подобро би било кога би бил информативен и кога би содржел точни податоци за тоа колку пари биле потрошени за претставата и кој присуствувал на настанот. Уште подобро би било кога би се направил еден осврт или критика на претставата, а не на родителите на учесниците во неа.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција