„Ова“ не е новинарство

12232014-Infomax-Orav-crop-resize

[Рецензија на новинарскиот текст „МНР под итно да реагира: Аиво Орав да се прогласи за персона нон-грата во најкраток можен рок“]

Оваа медиумска содржина не заслужува апсолутно никакво внимание. Таа е далеку под сите новинарски професионални стандарди, етички правила, под сите прагови и на најдолниот вкус…

Тогаш зошто го рецензираме „ова“? За да ја регистрираме разликата меѓу новинарството и „новинарството“. За да укажеме на мимикријата зад која се кријат медиуми кои се прикажуваат како новинарски. За да остане запишано за историјата дека во еден период во оваа земја едни медиуми создаваа псевдослика која треба да се прифати како реална. За да се илустрира како се злоупотребува слободата на говорот…

12232014-Infomax-OravЛинк до оригиналниот напис: МНР под итно да реагира: Аиво Орав да се прогласи за персона нон-грата во најкраток можен рок

Датум и време на објавување: 21.12.2014

Датум на рецензирање: 23.12.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Само на „уредниците“ и на „новинарите“ на овој медиум им е јасно зошто е објавена оваа содржина. За неа нема никаков повод, ако треба воопшто да бараме нешто за да се оправда објавувањето на „ова“. Приложениот видеолинк до една епизода од 2011 година од анимираната серија, е единствената врска за овој текст. Авторите на „ова“, очигледно, биле импресионирани од оваа цртано-документаристичка сторија. И не само тоа, тие во „јазикот“ на оваа анимасторија, виделе инспирација.

Така е создадено „ова“ кое е збирштина од навредувачки говор, говор на омраза, говор на хушкање, говор на една клаустрофобична средина, на ксенофобија, на опристрасена политичка пресметка…

За жал, и за вакви „текстови“ треба да го „трошиме“ Кодексот на новинарите, но тоа е најдобар начин ова да остане запишано, да се запамети како не треба, како најбезобразно се валка, девалвира новинарската професија

Како прво, „ова“ е мислење, коментар, и како таков формат, дури и со ваков говор, мора да биде објавен во таква рубрика, јасно обележана како таква, а не во рубрика „Актуелно“. Така вели членот 13 од Кодексот:

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

Тоа е само еден од шесте членови кои се прекршени, дека „нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство…“ (член 10); дека „ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност…“ (член 11); дека „за политиката ќе пишува непристрасно и избалансирано…“ (член 14); дека „мора да ја негува културата на говорот и етиката и дека неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста“ (член 15); дека „ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности…“ (член 16).

Навистина премногу и доста е. Да остане запишано.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција