Рецензии: Русија кажа дека нема да дозволи повторување на украинско сценарио

Rusija_Ukraina_001-crop-resize

 

Во многуте анализи што се појавија во медиумите во врска со аферата „Пуч“, најмалубројни се оние поврзани со реакциите на меѓународната јавност. Особено со реакцијата што дојде од руското МНР, кое ги изненади сите, бидејќи, од овој извор првпат имаме каква било реакција на состојби во Македонија. Овој текст тоа го „исправа“, ама на начин кој е повеќе од проблематичен – се влечат паралели со ситуации кои никако не држат. Едната е со ситуацијата со Украина, каде власта била сменета нелегитимно, па белки од Москва и тука виделе таков обид! Втората паралела е со потпишувањето на Рамковниот договор каде паралелата е уште почудна, што се признава од текстопишувачите, ама го оставаат како теза и таа добива право на граѓанство. Но, преку овој текст – ако веќе нема пронаоѓање на експлицитна поддршка за ставот на премиерот кон оваа афера – што како цел постои, тогаш менува некои официјални погледи во земјава околу два настани – Украина и Охридскиот договор.

Rusija_Ukraina_001Линк до оригиналниот напис: Русија кажа дека нема да дозволи повторување на украинско сценарио

Датум и време на објавување: 04.02.2015, 13:14

Датум на рецензирање: 06.02.2015

Рецензент: Љубомир Костовски

„Русија менува нешто во односот кон Македонија и регионот. Тоа впрочем е и стратегија на Путин – да одржува равнотежа во меѓународните односи. Случајот со Украина покажа дека едни можат да се мешаат во внатрешните работи, други не. Тоа веќе не е така и тоа се кажува во соопштението на руското МНР, смета дипломатот Драган Јањатов.“

Овој вовед од страна на дипломат најмалку може да прифатен бидејќи укажува на мешање на баби и жаби – реакциите на настаните кај нас од страна на ЕУ и на САД се резултат на фактот што земјава е официјален кандидат за прием и во Алијансата и во Унијата! Се разбира, од оваа изјава ниту малку не е јасно каде е нашата врска со Украина – каде навистина дојде до смена на власта, при што, официјален став на Македонија е дека е тоа легитимна смена, ако не се лажеме. Или во МНР едно мислат, друго пишуваат? Имено, авторите требало да ги расчистат тие дилеми за контекстот на кој се водат тезите за тие да бидат навистина јасни или, што се вели, на чисто. Инаку создаваат нелогичности и полуалузии, што сериозна тема не смее да го дозволи.

Уште помалку јасна е идејата ставот на Русија да се поврзува со вооружениот конфликт кај нас во 2001 година. Во текстот стои дека Путин го поддржал претседателот Трајковски во неговата борба за надминување на состојбите, ама се дава цитат кој, практично, иако индиректно, значи дека до Охридската спогодба не требало да дојде. И, ако сега се гледа во контекст на ставот на Русија кон Украина, па кон конфликтот во 2001 година кај нас, па се става изјавата на МНР на Русија од 31 јануари, каде се изразува страв од нарушување на состојбите во регионот преку распукување на меѓунационалните односи, се добива една конструкција која сама по себе е опасна и која загрозува некои стандарди кои се усвоени во земјава и во меѓународните односи.

Тоа е текст кој треба да биде сфатен како асоцијација и кој користи еден анонимен руски извор од дипломатијата, што е секако проблематично и згора еден новинар на московски „Комерсант“, чиј коментар не е сосем одреден и дециден. Од сето произнесено, во основа без каков било релевантен факт, текстот на крајот ја извлекува тезата – оставена во меѓунаслов – дека ние сме некаква жртва на конфликтот меѓу Западот и Истокот. Не треба многу да погодувате кои се „добрите момчиња“ во приказната и кои стојат зад „подбуцнувањата за пучот“.

Во некои подобри времиња, со професионален МНР, за ваков текст би требало да следи реакција од таа страна. Засега ја нема.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција