Весна Петрушевска: Артистот секогаш треба да е на спротивната страна на власта

Фото: „Отворено“ - 24 Вести, скриншот

 

Актерката Весна Петрушевска во емисијата „Отворено“ на телевизијата „24Вести“, на прашањето: Како може политиката да го уништи уметникот, изјави:

Артистот секогаш треба да е на спротивната  барикада. Мислам, никогаш не треба да се согласува со тоа што е во моментот на власт. Сериозно, сметам дека треба секогаш  да има коментар на тоа што се случува… Ако го поддржуваш тоа што се прави, макар да било и добро, тебе ќе те есапат како поданик и како симпатизер на одредена политичка партија. Но, сè додека имаш коментари, тие не можат да се истрошат ама баш никогаш,  ти си артист, ти си глумец. Јас тоа го правам секојдневно. Особено во „Министерка“ (театарска претстава н.з.) тоа го правам постојано. Значи, секогаш давам коментар на она што се случува и  баш чекам некој да дојде и да ми каже дека тоа не треба, но досега тоа не се случило…Значи сериозно и затоа има толку публика … И ако тој таму момент не го искористам како што треба до крај и не искоментирам  за ајкулите, за галиите, тркалото, за лавовите без мадиња и не знам за уште милион други варијанти, значи навистина нема да заспијам мирно…

  [Извор: 24 Вести , емисија „Отворено“ (од 28,36 до 29,50 минута од видеото) Датум: 28.12.2015]

Образложение:

Оваа изјава на Петрушевска е контрадикторна со тоа што таа јавно го зборуваше пред три години. Имено, на 06.02.2013 година на предизборниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ ( за време на локалните избори), Петрушевска  промовирајќи го кандидатот за градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, рече:

Моето име е Весна Петрушевка, родена во Скопје. Потекнувам од старо скопско семејство. Мојот дедо Митре е еден од првите златари во Старата турска чаршија. И со задоволство, прв пат во животот, можам да ја изразам мојата поддршка, кон овој скромен, убав, отворен човек, пред се работлив. Не претпочита да биде позер, не ја почитува козеријата, отворено зборува со сите. Не е одважен, секогаш има време за вас и просто ги поттикнува другите да работат како него. Тој е тимски играч, знае да препознае што е добро, знае да уважи критика кога се упатува кон него и знае што значи да биде татко на градот. Тоа што сакам, она што е важно да ви го соопштам, е сите што сме овде денеска, без разлика што сме глумци, јавни личности, само сакам на медимите да ви порачам. Моето име и презиме, мојот углед, мојот талент, не може да го купи ниту едне политичар. Доаѓам овде со потполно чиста совест, чисто срце, да му изразам поддршка на овој голем иден татко на градот Скопје. Да го поздравам Греувски, кој е мој пријател и особено го почитувам и прв пат ова јавно го кажувам. И секако да ви порачам дека само ќе го истрчаме овој круг и просто нема да има потреба од втор. И се надевам дека уште многу работи ќе направи градоначалникот и ќе остане таков каков што е: убав, голем, насмеан, отворен, добродушен лик. Господине Трајановски јас ви ја посакувам сета среќа на овој свет за локалните избори. Јас сум со вас. [Пристапено на: 07. 01.2016]

Оттука јасно се гледа дека во изјавата на Петрушевска, дадена во емисијата „Отворено“, има драстична промена на нејзините ставови од 2013 година кога „со потполно чиста совест, чисто срце“,  му изрази поддршка на скопскиот градоначалник (од редовите на владејачката партија).

Така што,  нејзиниот исказ дека „Артистот секогаш треба да е на спротивната  барикада“, во најмала рака е недоследен.

 Линкови:

 

Оценето од: Владо Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција