Училиштето „Кирил и Методиј“ во Иловица се подновува

Замената на столаријата се врши со задоцнување. Фото: Општина Босилово

Реконструкција на санитарниот јазол во училишниот двор на ОУ „Кирил и Методиј“ во село Иловица

Средствата, во износ од 200 илјади денари, ќе се обезбедат од буџетот на Општина Босилово. (Рок: април 2014 година)

 

Промена на внатрешната и на надворешната столарија и инсталирање систем за централно греење во училишната зграда и во спортската сала во ОУ  „Кирил и Методиј“ – село Иловица

Со замена на столаријата ќе се осигура енергетска ефикасност во училишната зграда и ќе се обезбеди заштеда на енергијата. Исто така, ќе се постави систем за централно греење на просториите на училиштето и на спортската сала во ОУ „Кирил и Методиј“, со што салата ќе може да се користи во текот на целата година. Средствата, во износ од 6 милиони денари, ќе се обезбедат од Банката за развој при Советот на Европа и Владата на Република Македонија, во рамки на проектот „Реконструкција на средни и основни училишта“. (Рок: јуни 2014 година)

 

Доизградба на спортска сала во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во село Иловица

За поттикнување правилен психофизички развој и спортски и натпреварувачки дух кај младите и кај возрасните, во соработка со централната власт, ќе изградиме спортска сала во ОУ „Св. Кирил и Методиј“, во рамки на проектот „145 спортски сали“. (Рок: декември 2014 година)

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Три крупни зафати во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во селото Иловица вети Љупчо Колев, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, на стр. 21 и 22 од својата изборна програма со која ја бараше довербата на граѓаните на општина Босилово на локалните избори во 2013 година. Тој порача дека ако го изберат за градоначалник до крајот на 2014 година ќе се изврши реконструкција на санитарниот јазол во училишниот двор, ќе се доизгради спортската сала, ќе се инсталира систем за централно греење во училишната зграда и во спортската сала и ќе се постави нова надворешна и внатрешна столарија.

Според утврденото, за едно ветување не може да се утврди состојбата, второто е исполнето, а за третото според резултатите на истражувањето, работата е при крај.

Обидите да се дојде до информација дека е реализирано ветувањето чијшто рок најкратко истекува, односно реконструкција на санитарниот јазол, не доведоа до резултат. На „Струмица денес“ се објавени две вести за текот на работите за партерно и хортикултурно уредување на училишниот двор во текот на 2014 година, но во нив нема информации дека санитарниот јазол е реконструиран. Исто така, опсежното прелистување на веб-сајтот на општина Босилово не нѐ доведе до информација дека тоа е сторено. Таква информација нема ниту во најновиот објавен отчет на веб-сајтот на општината, ниту во делот „Проекти“.

Што се однесува до проектот за доизградба на училишната сала, гледаме дека таа е пуштена во употреба на 3 март 2014 година, 9 месеци пред истекот на рокот наведен во ветувањето, односно тоа ветување е исполнето.

Во однос на ветувањето за промена на внатрешната и на надворешната столарија и инсталирање систем за централно греење во училишната зграда и во спортската сала на ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Иловица, рокот (јуни 2014 година) е пробиен со повеќе од две години, но работите се при крај.

Во отчетот на ВМРО-ДПМНЕ, „Отчетно“, од 20 март 2016 година, на стр. 299 пишува дека во тек е замена на прозорци и систем на греење во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Иловица. На веб-сајтот на Министерството за образование, во делот „Активности, подмени: Вести и настани“ од 20 март годинава досега нема информација дека овој зафат е завршен. На веб-страницата на Општина Босилово, пак, на 13 мај годинава е објавена информација дека се работи на промена на прозорците, а од галеријата гледаме дека работите течат и на изведбата на централно греење. На веб-сајтот на Општината најдовме и понова информација дека работите се завршени, поради што ова ветување го оценуваме како во тек.

 

ИЗВОРИ

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција