Наивно оправдување  за сомнежите за „шпионски игри“ на релација Белград-Скопје

Иван Стоиљковиќ Фото: Принтскрин

Тврдењето на Стоиљковиќ дека се работи само „за пропагандно дефокусирање на јавноста од некаков државен пуч и од фактот дека Талат Џафери почнал да зборува на албански јазик во парламентот“, повеќе наликува на демагогија односно негов обид да ја дефокусира истата таа јавност од обвинувањата за негова, наводна, инволвираност во аферата „српски шпион во македонското Собрание“.

 

 

Пратеникот и лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ неодамна (31.05.2017) за весникот „Дневник“ изјави:

Ова е обид за дефокусирање на граѓаните од инсталирањето на владата што дојде на власт со пучот во Собранието, од тоа дека во парламентот Талат Џафери почнал да зборува на албански јазик, но тоа нема да помине…

Зошто во медиумите што ја форсираат наводната афера со Живаљевиќ и неговото влегување во Собранието на РМ на 27 април не се пренесува и оти тој уредно и се пријавил и најавил на македонската безбедносна служба. Тие си имаат свои правила на комуникација и тоа било запазено. Таму биле и други претставници на речиси сите амбасади во Македонија, со дозволи од македонските безбедносни служби, но за нив немало никаква реакција.

[Извор: Дневник: Со моето прислушкување го покриваат пучот со Талат ЏафериДатум: 31.05.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Пратеникот во македонското Собрание и коалициски партнер на ВМРО ДПМНЕ, Иван Стоиљковиќ, одговарајќи на прашањето на весникот „Дневник“ за неодамна објавените транскрипти од разговори околу неговата, наводна,  поврзаност со српските тајни служби и улогата која таа поврзаност ја имала во политичките настани во Македонија, излезе со тврдење дека сето тоа „е со цел да се дефокусира јавноста од наводниот пуч што се случил во парламентот и од тоа дека новоизбраниот претседател на Собранието, Талат Џафери, почнал да зборува на албански јазик“. Оваа изјава звучи како наивно оправдување за многу сериозните наводи и ја оценуваме како невистинита.

Ваквото тврдење на Стоиљковиќ доаѓа по обелоденувањето на докази кои наводно потекнуваат од македонските разузнавачки служби дека тој тесно соработувал со висок претставник на БИА (српска тајна служба) и познат српски новинар (Мирослав Лазански) на медиумска пропаганда во полза на бившиот премиер Никола Груевски, како и во полза на блокадата на влезот на Македонија во НАТО.

 

ДРУЖБА ИЛИ НЕШТО ПОВЕЌЕ ОД ТОА?

И, додека Стоиљковиќ во своите контакти со српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ (БИА) не гледа ништо спорно, во документот што го објави КРИК (мрежа за истражување на криминал и корупција), наводно добиен од македонските тајни служби, меѓу другото, стои:

 Разговорите презентирани во овој службен материјал кои се однесуваат на интензивната комуникација помеѓу разузнавачот на БИА, Горан Живаљевиќ и пратеникот во Собранието на Р.Македонија Иван Стоилковиќ повторно недвосмислено упатуваат дека разузнавачот директно ги насочуваа и контролира активностите на пратеникот, а преку него посредно се обидува да влијае и врз политичката состојба во Р.Македонија.

Според КРИК, третото лице, инволвирано во овој случај е познатиот српски новинар и пратеник во српското Собрание од редовите на владеачката партија Српска напредна странка, Мирослав Лазански, кој бил донесен во Македонија со цел да направи серија написи, кои требало да се објават во српскиот печат (од каде потоа би се пренесле и во македонските медиуми) и во кои би се извршило пропагандно влијание во полза на политиката на владејачката ВМРО ДПМНЕ и на нејзиниот лидер, Никола Груевски, со идеја преку оваа пропагандна акција да се промовира руската политика на Балканот, а да се спречи приближувањето на Македонија кон НАТО. Текстовите најчесто беа објавувани во белградските весници Политика и Информер.

Инволвирањето на надворешни фактори во македонската политичка криза се тема која допрва ќе треба да биде предмет на опсервација, меѓутоа некои факти ѝ се познати на пошироката јавност: Во Собранието на РМ, за време на крвавите инциденти било забележано присуството на српскиот разузнавач, вработен во Амбасадата на Република Србија во Скопје, Горан Живаљевиќ, за што во јавноста протекоа фотографии и видео – снимки, а ваквиот дипломатски скандал Србија се обиде да го амортизира со изјави на свои највисоки фунционери, како онаа на министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ:

Не забележав дека Македонија ги повика нивните амбасадори да ги праша што прават таму… Не може да ви пречат само српските претставници, а да не ви пречат американските, германските, француските и други

Според официјален Белград, српскиот разузнавач бил присутен во македонскиот парламент за време на тепањето на пратениците со образложение дека сакал да види дали меѓу учесниците има и српски државјани, но освен него, наспроти тврдењата на Дачиќ, на Стоиљковиќ и на Живаљевиќ, нема информации дека било забележано присуството на ниту еден друг претставник на разузнавачки служби на други странски земји. Согласно меѓународните конвенции, македонската држава е должна, на барање на странски дипломатски претставник да достави информација дали во одреден настан учествувале и државјани на неговата земја. Но, според безбедносните експерти кои ги консултираше НОВА ТВ за потребите на истражувачката сторија за учеството на Живаљевиќ во настаните, тој не го сторил тоа, односно го прекршил дипломатскиот протокол и на своја рака влегол во парламентот на 27 април.

Дипломатот има право да рапортира од местото каде што е назначен, но нема право да навлезе внатрешните работи на таа држава,

е ставот на македонскиот дипломат Мухамед Халили.

Според весникот „Нова Македонија“, висок функционер на македонските безбедносни служби бил известен од српските колеги дека советникот од амбасадата на Република Србија Горан Живаљевиќ бил присутен во Собранието, на 27 Април, за време на насилниот упад во законодавниот дом, но сепак, српската амбасадорка во Скопје, Душанка Дивјак Томиќ била повикана во македонското Министерство за надворешни работи, каде МНР изразило незадоволство и загриженост за недозволеното присуство на акредитиран дипломат на Република Србија во Собранието на Република Македонија за време на насилните настани.

Беше укажано дека ваквата активност на посоченото лице не придонесува за јакнење на меѓусебната доверба и унапредување на добрососедските односи и соработка, за што двете земји се залагаат,

стои во соопштението на МНР по средбата со српската амбасадорка. Ваквиот став на македонското Министерство за надворешни работи јасно укажува на фактот дека официјално за македонските власти, присуството на Живаљевиќ во македонското Собрание на денот на крвавата тепачка на пратениците се смета за спротивно на дипломатските правила, и според тоа, било без соодветна дозвола, наспроти тврдењето на Стоиљковиќ. Иако, тој смета дека во неговите контакти со Живаљевиќ нема ништо спорно и најави тужба против прислушкувањето на неговата комуникација со Живаљевиќ, останува како контроверзна неговата инволвираност во „шпионските игри“ на релација Белград-Скопје.

 

СРБИЈА И РУСИЈА ИНВОЛВИРАНИ ВО МАКЕДОНСКАТА КРИЗА

Документите кои ги објави КРИК, кои наводно потекнуваат од македонската Управа за безбедност и контраразузнавање, оддел контраразузнавање – Сектор Балкан, содржат транскрипт на разговорите помеѓу Живаљевиќ и Иван Стоиљковиќ во периодот што им претходеше на настаните на 27 април, кога кулминираше и внатрешниот и надворешниот притисок врз тогашната опозиција, Социјалдемократскиот сојуз да се откаже од идејата да оформи ново парламентарно мнозинство со ДУИ и другите партии од албанскиот блок. Освен протестите на националистичките поддржувачи на партијата на Груевски кои секојдневно се случуваа на улиците на главниот град, одбивањето на претседателот на државата, Ѓорге Иванов да му го даде мандатот за состав на влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и засилената пропаганда на оцрнување (Тиранска платформа, двојазичност, федерализација), исторемено се засили притисокот и од званични претставници на Србија и на Русија.

Мерките формулирани во Тирана подразбираат федерализација на Македонија, ревизија на архитектурата на власта, па дури и на државните симболи. Сето тоа води кон поткопување на уставниот поредок и конечно- кон распад на државата,

беше децидно искажаниот став на руското Министерство за надворешни работи, кое беше оценето како директно мешање во внатрешните работи на Македонија.

Не помалку суптилен беше и приодот на официјален Белград, каде дури и во пропагандниот материјал на претседтелскиот кандидат Александар Вучиќ Македонија и нејзината политичка криза беа искористени за поттик односно заплашување на тамошните гласачи со таканареченото „Македонско сценарио“.

За потсетување е и фактот дека токму пратеникот Иван Стоиљковиќ како единствен претставник на Македонија и член на владеачката коалиција на чело со ВМРО ДПМНЕ минатата година потпиша договор за соработка со партијата на Путин, Нова Русија, внесувајќи ја на тој начин, на мала врата рускиот политички интерес во Македонија.

Нема сомневање дека објавувањето на транскрипти на разговорите на македонскиот пратеник Стоиљковиќ со српскиот разузнавач се поклопило со разврската на македонската политичка криза, со изборот на новиот претседател на Собранието на РМ, Талат Џафери од ДУИ и формирањето на новата Влада. Но, тврдењето на Стоиљковиќ дека се работи само „за пропагандно дефокусирање на јавноста од некаков државен пуч и од фактот дека Џафери почнал да зборува на албански јазик во парламентот“, повеќе наликува на демагогија односно негов обид да ја дефокусира истата таа јавност од обвинувањата за негова, наводна, инволвираност во аферата „српски шпион во македонското Собрание“. Поради ова, изјавата на Иван Стоиљковиќ ја сметаме за неточна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција