Почна постапката за продажба на луксузниот Мерцедес
Иако првично немаше намера да го продава, премиерот Заев, во предизборието за локалните избори се предомисли и вети дека Мерцедесот ќе се продаде и со тие пари ќе се купат амбулантни возила за клиниките. Имајќи предвид дека Владата донесе одлука со која автомобилот се отуѓи и од сопственост на МВР премина во сопственост на Владата, со што ќе почне постапката за негово продавање, може да се заклучи дека ветувањето на Заев е во тек
ВЕТУВАЊЕ: Ќе го продадеме Мерцедесот на Груевски, и со тие пари ќе купиме амбулантни возила за клиниките во Македонија.
[Зоран Заев, премиер на РМ, датум: 9.10.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на премиерот Зоран Заев, дека Владата ќе го продаде луксузниот автомобил марка „Мерцедес“, кој беше сопственост на Министерството за внатрешни работи и дека со тие пари ќе купи амбулантни возила за клиниките, почна да се реализира, односно е во тек. Ова ветување премиерот Заев го даде во предизборниот период за локалните избори кои се одржаа на 15 октомври.
Ќе го продадеме Мерцедесот на Груевски и со тие пари ќе купиме амбулантни возила за клиниките во Македонија, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на денешниот централен митинг на коалицијата „Живот за сите“ кој се одржува пред Владата во Скопје, јави порталот Пост.
Владата на 43-та седница, која се одржа на 19.12.2017 година, донесе одлука со која автомобилот „Мерцедес“, кој беше во сопственост на Министерството за внатрешни работи, се дава на трајно користење без надоместок на Влада на Република Македонија – Служба за општи и заеднички работи, со што се создава можноста ова возило да биде отуѓено и средствата добиени од тоа да бидат наменети за набавка на болничка опрема.
Веста, како што пренесе Фокус, ја објави и владиниот портпарол, Миле Бошњаковски на својот Твитер профил.
Возилото од денеска премина од сопственост на МВР во сопственост на Службата за општи и заеднички работи. Потоа ќе следува постапка за негово отуѓување, односно замена за болничка опрема, соопшти портпаролот.
Јавноста, за луксузниот Мерцедес од 600.000 евра дозна од т.н. бомби, кои ги објави СДСМ кога беше во опозиција, а истиот го набавила екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по нарачка на тогашниот премиер, Никола Груевски. По многубројните критики во јавноста, Груевски се правдаше дека блиндираното возило било набавено, бидејќи немало слично кои ги исполнува строгите безбедносни стандарди за превоз на важни личности.
За случајот со Мерцедесот, СЈО отвори предмет „Тенк“ за злоупотреба на службена положба и овластување против Јанкуловска и началникот за јавни набавки Ѓоко Поповски. Обвинението е прифатено од судот, но сè уште не е закажано судење. Со одлука на Апелација, како докази ќе се користат и прислушуваните разговори.
По промената на власта, премиерот Зоран Заев рече дека, поради намалената вредност на возилото, ќе го користат за странски делегации.
Набавната цена на „мерецедесот“ е 580.00 евра, ако го продадеме, нема да му земеме повеќе од 440.000 евра. Најверојатно ќе го користиме само за високи, меѓународни делегации. Тој е оставен во гаража, уништен, изгребан од мачки. Се надевам дека наскоро министерот за внатрешни работи ќе ги повика новинарите и ќе им покаже во каква состојба се наоѓа оваа прескапо возило – рече премиерот во интервју за МТВ, пренесе Плусинфо.
Иако првично немаше намера да го продава, премиерот Заев, во предизборието за локалните избори се предомисли и вети дека Мерцедесот ќе се продаде и со тие пари ќе се купат амбулантни возила за клиниките. Имајќи предвид дека Владата донесе одлука со која автомобилот се отуѓи и од сопственост на МВР премина во сопственост на Владата, со што ќе почне постапката за негово продавање, може да се заклучи дека ветувањето на Заев е во тек.
ИЗВОРИ:
- Пост.мк (09.10.2017) – (ВИДЕО) Заев: Ќе го вратиме Мерцедесот на Груевски и со тие пари ќе купиме амбулантни возила [Пристапено на 21.12.2017]
- Официјална веб страна на Владата на РМ (20.12.2017) – Од 43-тата седница на Владата на РМ [Пристапено на 21.12.2017]
- Фокус (19.12.2017) – Почна постапката за замена на мерцедесот за болничка опрема [Пристапено на 21.12.2017]
- Фокус (02.07.2017) – Видео: Архива „бомба“ на СДСМ: Како Груевски и Јанкулоска го договараа купувањето на луксузниот мерцедес кој чини 600.000 евра [Пристапено на 21.12.2017]
- Република (10.12.2015) – Груевски: Народот јасно гледа се и знае да цени и суди [Пристапено на 21.12.2017]
- Академик (24.01.2017) – СЈО: Отворени две нови истражни постапки под работен наслов „Тарифа“ и „Тенк“ [Пристапено на 21.12.2017]
- Плусинфо (06.06.2017) – Заев: Нема да се урива „Скопје 2014“, „мерцедесот“ на Груевски е изгребан од мачки [Пристапено на 21.12.2017]
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар