Трка по локација за откоп на жад во Мијанмар (Бурма) претставена како снимка од мигранти во рудникот Бор во Србија

Пост на Фејсбук преку монтирано видео од Мијанмар (Бурма) шири лажни информации дека во рударскиот град Бор во Србија има наплив на мигранти

Пост на Фејсбук преку видео од Мијанмар (Бурма) шири лажни информации дека во рударскиот град Бор во Србија има наплив на мигранти

 

Со фабрикувана објава, споделена од македонски корисник на социјалната мрежа Фејсбук се дезинформира јавноста дека група мигранти влегуваат во Србија и тоа кај рудникот Бор (!), кој, инаку, воопшто не е на самата граница со Бугарија и Романија.

Станува збор за пост, кој првично е објавен од корисник на Фејсбук во Србија и каде е претставено кратко видео за кое се тврди дека прикажува група мигранти како влегуват во Србија. Самата снимка на прв поглед делува сомнително. Се гледа „од авион“ дека тоа не се случува во Србија и дека не се работи за бегалци кои избезумено трчаат кон Бор, општина и истоимено гратче во Србија, каде се наоѓа еден од најголемите рудници на бакар во Европа, лоциран во Тимочка Краина во близина на Брестовачка Бања и Борското Езеро.

Во текстот од споделениот пост, пак, се вели дека овие мигранти „влегуваат во Србија“. Ова нема многу смисла. Најблиски земји до Бор се Романија и Бугарија (иако границата е оддалечена десетици километри), при што овие две земји се членки на Европската унија. Бесмислено е мигранти кои веќе се наоѓаат на териотијата на ЕУ, да излезат од земји на Унијата и да влезат во Србија. Нивната цел се богатите земји од Западна Европа, а не Србија. Во 2015 година, кога се случи вистинската мигрантска криза, од над милион мигранти, кои поминаа низ Македонија, на пример, помалку од стотина побараа азил тука. Сите останати заминаа кон богатите земји на ЕУ.

Впрочем, и дел од оние кои коментират под оригиналниот пост велат дека е во прашање лажна објава и дека видеото не е од рудникот Бор.

Фото: mk.wikipedia.org

Снимката е направена во рудниците за жад во Мијанмар, Бурма, каде државата дозволува луѓето да се вклучат во потрага по вакви полускапоцени камења. Видеото кое е постирано, всушност, е исечено од  подолги видеа направени на вакви локации.

Фото: принтскрин
Фото: Принтскрин
Фото: Принтскрин

Како што може да се забележи од кусиот видео клип, сите „мигранти“ во него се мажи од помлада возраст и меѓу нив нема ни жени, ни деца, ниту, пак, постари лица. Тоа не е реално, кога станува збор за движење на вистински мигранти. Исто така, никој од овие „мигранти“ со себе не носи никакви лични потребштини и покрај тоа што тргнале на долг пат. Никој нема ниту торба, ниту кеса, ниту било што друго во што би можел да ги стави своите лични работи. Напротив, некои од нив носат долги алати кои наликуваат на лопати, гребла или слично. Ова уште повеќе оди во прилог на фактот дека станува збор за трка по примамлива локација за откоп на жад во Мијанмар (Бурма), какви што можат да се видат на редица видео клипови на Интернет.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција