Полициската акција во Вевчани искористена за дезинформации спакувани во политички памфлет (ДЕМАНТ)

Фото: скриншот од дел од постот

Во објавата што е преполна со лажни вести (наводна дискриминација по национална и верска основа),  е испуштен главниот контекст. Полициската интервенција за растурање на вевчанскиот карневал е спроведена врз основа на важечки мерки и правила за заштита од корона вирусот, односно заштита на јавното здравје

Почитувани читатели, редакцијата на „Вистиномер“ доби реакција/демант на овој напис. Демантот, онака како што ни стигна, како и нашиот одговор на него, во целост го објавуваме веднаш под текстот.

 

Во објавата што е преполна со лажни вести (наводна дискриминација по национална и верска основа),  е испуштен главниот контекст. Полициската интервенција за растурање на вевчанскиот карневал е спроведена врз основа на важечки мерки и правила за заштита од корона вирусот, односно заштита на јавното здравје

 

Пост на Фејсбук на македонски јазик на група Млади за Македонија шири невистини за состојбите во земјата, а како повод ја зема полициската интервенција во Вевчани од 13.01.2021 година.

Во објавата се наведени повеќе невистини кои се однесуваат на односот на власта кон граѓаните, при што се шират лажни вести по политичка и верска основа, но се заборава контекстот во кој се случи полициската интервенција. Притоа, се прават и генерализации кои доведуваат до дезинформации:

Режимот да ги тргне канџите од македонскиот народот! Стоп за полициската бруталност! Стоп за рушењето на македонските и христијанските традиции!

Нас Македонците не малтератираат на секој македонски и православен празник! Додека на нас ни забрануваат да одиме во божји храмови, за празниците на другите религии (курбани, бајрами, избори) ниту една мерка не важи! Албанците може да слават бајрами без органичувања, сдсмовците и интегривците може да слават избори и да се клањааат на нивните партиски божества…самопрогласените партиски месии и канибалци… а само ние не смееме да палиме свеќи и да се молиме кон Господ Бог. Ни ги затвораат црквите, ни го тепааат народот, не апсат, не прогонуваат…

Како образование луѓе, ние имаме обврска да го кренеме гласов против диктатурата на Зоран Заев и Сашо Мијалков! Борбата за Македонија е пред се борба против Сашо Мијалков и Зоран Заев!

Смрт за режимот, слобода за народот

Под ваквиот пост е залепен колаж од фотографии кои треба да ја докажат вистинитоста на постот – главната е фотографија од полициската интервенција во Вевчани, а под нејзе има и од прославата на роденденот на Али Ахмети во новата зграда на Министерството за политички систем се со цел да се појасни „дискриминацијата“ врз Македонците во однос на Албанците.

 

Секој ред – дезинформација

Од прв до последен ред и реченица во постот се вградени безочни дезинформации, а тука ќе ги разобличиме точка по точка:

Не постои режим во земјава кој треба да ги тргне „канџите од македонскиот народ“. Постои легално избрана влада до која е дојдено преку легално спроведени демократски избори.

Не постои „полициска бруталност“ во таква форма за да се зборува како за генерална појава. Дури и за време на интервенцијата не е забележана прекумерна употреба на сила.

Уште помалку постои „рушење на македонските и на христијанските традиции“. Еден пример да се најде како аргумент, барем еден.

Не постои никакво малтретирање на „нас Македонците на секој македонски и христијански  празник“, а уште помалку постои „забрана за Македонците да се посетат божјите храмови“. Уште помалку е вистина дека „за празниците на другите религии (курбани бајрами, избори) ниедна мерка не важи“. Лидерите на верските организации повеќе пати упатуваа и бараа почитување на протоколите за тие што ќе ги посетат верските објекти. Конечно, ако веќе се тера „влакно во јајцето“, во кои храмови, сега за Божик, имаше причестување за сите верници од исто лажиче?

Во постот се вметнуваат „прослави на избори на сдсмовци и на интегративци кои можеле да се клањаат на нивните партиски божества“…Се мисли на два настана, но повторно со дезинформација. Имено прославата на функционери на СДСМ по локалните избори во Штип мина со официјални деманти, но и со големи критики од опозицијата и од медиумите по неколкуте фотографии и видеа кои се појавија од просториите на партискиот штаб вечерта по изборите, а што се однесува за „интегративиците“, во контекст на фотографијата што е залепена од прославата на роденденот на Али Ахмети, не само што имаше огромни критики во јавноста, туку и беа изречени санкции од страна на официјалните органи, при што организаторот на настанот Артан Груби доби и санкција од 500 евра

Која црква била затворена и кога?

Една од најголемите дезинформации е дека „само ние (се мисли на Македонците-н.з.) не смееме да палиме свеќи и да се молиме кон Господ Бог. Ни ги затвораат црквите, ни го тепааат народот, не апсат, не прогонуваат…“ Дали една црква била затворена во земјава, дали е апсен народ, дали е прогонуван, па дури и за време на пандемијава? Дури ни за Велигден кога имаше полициска час, црквите не беа затворени. Наместо тоа, извесно време беа затворени џамиите и повторно отворени на 12 мај, со одлука на Старешинството на ИВЗ, Ријасетот.

На крај, за да се доразјасни целиот пост со дезинформации, додадена е уште една – „Борбата за Македонија е пред се борба против Сашо Мијалков и Зоран Заев! Смрт за режимот, слобода за народот!“ Каква врска имаат „борбата за Македонија“ со „борба против Зоран Заев и Сашо Мијалков“?

Целата објава што ја рецензираме, де факто, е политички памфлет, кој има за цел преку низа дезинформации да се пресмета со политичкиот противник, кој очигледно е лоциран и во севкупната власт и поименично преку имињата на Зоран Заев и Сашо Мијалков.

Притоа, како повод е искористена полициска интервенција во која не е регистрирана полициска бруталност, а која е изведена законски и легално.

 

Каде е контекстот?

Имено, во постот преполн со дезинформации (наводна дискриминација по национална и верска основа), е испуштен главниот контекст. Полициската интервенција за растурање на вевчанскиот карневал е спроведена врз основа на важечки мерки и правила за заштита од корона вирусот, односно заштита на јавното здравје.

Групирањето е забрането за секој и за сите во земјата, а медиумите секојдневно известуваат за растурања на такви групирања било по угостителски објекти, било по дворови или станови и за казни од страна на инспекциите. Ниту еднаш за време на состојбата на епидемија не се затворени, ниту цркви, ниту џамии, а политичари што кршат протоколи се забележуваат одвреме навреме во сите партии и кај сите политички групации, вклучувајќи ги и протестите што постојано ги организира најчесто ВМРО-ДПМНЕ.

 

Веднаш подолу, можете да го причитате и пристигнатиот демант на оваа рецензија, објавен како фототип:

 

Одговор на редакцијата „Вистиномер“:

 

Редакцијата на „Вистиномер“ е отворена за дебата за сите свои објави, вклучувајќи ги и проверките на факти, особено кога е во прашање јавниот интерес. Токму затоа, на веб-страницата постои посебен дел каде што сите читатели што сметаат дека треба да се направи некаква исправка во објавените текстови и имаат аргументирана причина за таквото барање, можат да го побараат истото. По разгледувањето на ваквите барања, редакцијата одлучува дали и како ќе направи промени во објавените содржини.

Но, ваквата реакција со закана за тужба без претходно да се побара исправка и без никакви валидни аргументи, редакцијата на „Вистиномер“ ја смета за крајно тенденциозна и показател за сериозен недостиг на демократска култура.

Редакцијата на „Вистиномер“ се обиде точно да го идентификува потенцијалниот тужител, со оглед на фактот што тој не е јасно утврден во документот. Но, за жал, не успеавме да откриеме постоење на ваква организација со име Здружение за заштита на човековите права „Млади за Македонија“ како посебно правно лице ниту во Централниот регистар, ниту како даночен обврзник во евиденцијата на Управата за јавни приходи. Оттука, не зачудува што во наводниот демант не е наведена ниту адресата, ниту другите информации за ваквото здружение.

Единствен валиден формално правен елемент на демантот е потписот на адвокатот, но не постои никаква потврда дека клиент на овој адвокат е правното лице кое што тој го наведува, односно „Млади за Македонија“, а не постои ниту доказ дека оваа организација стои зад Фејсбук страницата „Млади за Македонија“ и има администраторски привилегии.

Сепак, и покрај сите овие нејасностии, редакцијата  „Вистиномер“, повикувајќи се на сопствениот став дека секој има право да учествува во јавната дебата, реши да го објави овој по статус и потекло нејасен демант.

И покрај тоа што го објавуваме демантот, текстот за кој се реагира нема да биде повлечен од повеќе причини, од кои овде се осврнуваме на две:

    1. Не добивме аргументи дека наводите во нашата проверка на факти се неточни. Напротив, демантот на таа тема не ни дискутира подлабоко. Редакцијата направи повторна проверка на наводите во нашата рецензија и утврди дека тие се во согласност со фактите, како и со утврдената методологија од страна на Фејсбук, која редакцијата на „Вистиномер“ има договорна обврска да ја следи. Читателите треба да знаат дека доколку утврдевме неточности во нашата аргументација, „Вистиномер“ веднаш ќе ги извршеше неопходните корекции и ќе се извинеше ако за тоа имаше потреба. Но, такво нешто не откривме, а во тоа не ни помогна ниту пристигнатиот демант.
    2. Редакцијата на „Вистиномер“ не смета дека констатацијата оти нешто е лажна вест или дезинформација, односно неточно или невистинито во контекст на прашањата од јавен интерес, искажана на коректен и цивилизиран начин, е навредлива или клеветничка.

На крајот од овој одговор само би сакале да го свртиме вниманието на нашите читатели кон реакциите во коментарите, поттикнати од постот на страницата „Млади за Македонија“ што беше предмет на нашата рецензија. Со оглед на фактот што во постот има непотврдени и неточни референци за „полициска бруталност“, таквите дезинформации ги поттикнаа корисниците во коментарите недвосмислено да повикуваат на насилство против припадниците на полицијата:

Овие коментари сè уште, во времето на објавувањето на демантот и на овој одговор, се јавно достапни под објавата која „Вистиномер“ ја рецензираше. Треба навистина да се има нерв, додека се поттикнуваат закани за физичко насилство, истовремено да се праќа демант со закана за тужба и барање за извинување од некој друг што тоа го рецензирал навремено.

 

Редакција „Вистиномер“

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција