Германски адвокат без докази манипулира дека коронавирусот е заблуда

Фото: скриншот

Како текстот така и видеото во кое што се обраќа адвокатот, не содржи ниту еден доказ, туку, всушност, одразува мислење на еден адвокат, кој го доведува во прашање постоењето на ковид-19 и на ПЦР тестовите како начин за дијагностицирање на вирусот. Фуелмих, според неговата веб-страница, е специјализиран за банкарско право и право на пазар на капитал, меѓународно приватно право и медицинско право. Надвор од секоја логика е да се тврди дека не постои пандемија, после повеќе од една година битка против неа глобално ниво, со над 131 милион заразени лица и речиси 30 милиони починати

 

„Измама“, „корона скандал“, „заблуда“ … Германски адвокат Раинер Фуелмих смета дека лидерите и здравствените власти ширум светот ја довеле во заблуда јавноста дека за сериозноста на епидемијата на ковид-19 и заради тоа планира да ја тужи Светската здравствена организација (СЗО). Овие негови тврдења се споделуваат и на Фејсбук и добиваат голема видливост.

Иако во текстот неговите тврдења се формулирани како прашања, сепак, преку нив се изнесуваат еден куп манипулации, дезинформации и целиот текст преставува една голема теорија на заговор.

Но, како текстот така и видеото во кое што се обраќа адвокатот, не содржи ниту еден доказ, туку, всушност, одразува мислење на еден адвокат, кој го доведува во прашање постоењето на ковид-19 и на ПЦР тестовите како начин за дијагностицирање на вирусот. Фуелмих, според неговата веб-страница, е специјализиран за банкарско право и право на пазар на капитал, меѓународно приватно право и медицинско право.

Неговото правно образование не го прави на кој било начин експерт од областа на медицината, а уште помалку специјалист за тековната пандемија и коронавирусот, ниту, пак, е дел од било какви истражувачки проект за овој вирус.

Тој без докази ја убедува јавноста дека не постои пандемија и дека мерките како носење маска и физичка дистанца нема да помогнат. Надвор од секоја логика е да се тврди дека не постои пандемија, после повеќе од една година битка против неа глобално ниво, со над 131 милион заразени лица и речиси 30 милиони починати.

Параметрите за пандемија, како што наведува Светската здравствена организација се следните:

Пандемија е состојба кога нов вирус се појавува и се шири во светот, а на него повеќето луѓе немаат имунитет. Овие вируси предизвикуваат инфекции кај пациенти во сите возрасни групи.

Фуелмих ја доведува во прашање и ефикасноста на ПЦР тестовите, односно тврди дека позитивниот тест не значи дека некој е заразен.

ПЦР тестот за детекција на коронавирусот е одобрен од Светската здравствена организација (СЗО). Тој е молекуларен, специфичен и исклучиво детектира присуство на вирусот причинител на болеста ковид-19.

Со молекуларните тестови се врши детекција на присуство на самиот вирус или дури и само секвенца од РНК на вирусот, а во комбинација со мерењето на концентрацијата на антителата се добива увид во тоа дали организмот бил во контакт со вирусот и каков е имунолошкиот одговор на организмот во борбата со вирусот.

Според американската агенција за храна и лекови (ФДА), тестот може да покаже дали некое лице има активна инфекција со коронавирус и тој тест во најголем процент дава точни резултати.

Мерките како физичкото растојание, маските, карантинот, не се бескорисни, како што имплицира адвокатот, туку со нивното применување се спречува и се намалува ширењето на вирусот и се спречуваат илјадници смртни случаи при неконтролирано ширење на коронавирусот.

Тој тврди дека затворање, дистанцирање и барање да се носи заштитна маска, според независни студии и експерти, претставува голем ризик за јавното здравје. Притоа, тој не наведува кои се тие независни судии и експерти, ниту наведува аргументи, подетални информации или научни податоци за оваа референца.

Маските, всушност, штитат така што ги блокираат капките од заразеното лице, главно на оддалеченост до два метри, да стигнат до друго лице и да го инфицираат. Затоа се препорачува нивно носење.

Видеото што е споделено во линкуваниот напис, од интервјуто со адвокатот, е објавено на 13 ноември минатата година, односно пред речиси пет месеци. Сега, повторно се користи како дел од кампањата за ширење на дезинформации и манипулирање на јавноста.

Пандемијата со ковид-19 е и повеќе од реалност, а тоа на своја кожа го искусуваат илјадниците заболени на дневно ниво, а најмногу оние кои ги загубиле своите блиски поради оваа болест. Оттука, освен што се субјективни, ширењата на вакви теории базирани на немедицински пристап, претставуваат и опасност и се штетни за јавното здравје.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција