Администрацијата на Бајден не дава воена помош за Хамас
САД и администрацијата на Бајден не го финансираат Хамас. САД испраќаат хуманитарна помош за цивилите во Газа, но таа не оди за терористичката организација која има повеќе финансиери, меѓу кои главниот е Иран. САД ја прогласи Хамас за терористичка организација и ги гони своите државјани или постојани жители кои ја финансираат оваа милитантна група
САД и администрацијата на Бајден не го финансираат Хамас. САД испраќаат хуманитарна помош за цивилите во Газа, но таа не оди за терористичката организација која има повеќе финансиери, меѓу кои главниот е Иран. САД ја прогласи Хамас за терористичка организација и ги гони своите државјани или постојани жители кои ја финансираат оваа милитантна група
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Кој ќе има храброст да ја праша америчката бајденова администрација зошто дала 23 милиони на Хамас, а сега дава многу повеќе на Израел. Кога ова ќе се одговори ќе заврши војната на Блискиот исток! Замислете САД немала никакви информации за нападот на Хамас, сето било во тајност преку тајни разговори со ИРАН?!! Замислете! Тоа го изјави Израелскиот амбасадор во Словачка. Пред месец дена се узбуркаа Словаците и се поставија на границите наводно голема навала на емигранти. После оваа светска бомба не знам кој ќе ги задржи престојните емигрантски налети!
Како што пишуваат проверувачите на факти на Фактчек, точно е дека САД му даваат воена помош на Израел, но за Палестина е дадена само хуманитарна помош за Палестинците во Газа, а не воена помош за Хамас, како што невистинито се тврди во објавата.
Палестинската милитантна група Хамас, почна изненаден напад врз цивили и воени цели во Израел на 7 октомври годинава, убивајќи повеќе од 1.200 луѓе, вклучително и 27 Американци. Оттогаш, некои постови на социјалната мрежа Фејсбук се споделуваат за да ја обвинат администрацијата на претседателот Џо Бајден за наводно обезбедување на парична помош за населението во Појасот Газа, кој е контролиран од Хамас. Хамас е квалификуван од страна на САД како странска терористичка организација.
Точно е дека Бајден одмрзна 360 милиони долари во 2021 година и почна да ги праќа во Палестина, но парите не одеа за да се финансираат нападите на Хамас врз Израел. Стејт Департментот во мај 2021 година информираше дека додава 38 милиони долари хуманитарна помош за Западниот Брег и Газа. Тоа ја искачи помошта на САД за Палестинците на 360 милиони долари таа година, што е пресврт во помошта за Газа, откако претходниот претседател на САД, Доналд Трамп, ја намали помошта за Палестинците во 2018 година.
Стејт Департментот посочи дека парите ќе се користат за да се поддржат хуманитарни организации да обезбедуваат привремено сместување, храна, здравствени услуги како и психосоцијална помош за оние кои преживеале тешки трауми.
Во тоа време, државниот секретар Ентони Блинкен рече дека помошта ќе се користи за итна хуманитарна реконструктивна помош за Газа, по 11 дневната војна меѓу Израел и милитантите на Хамас во мај 2021. Блинкен, исто така, посочи дека ќе работат со партнерите да се осигураат дека Хамас нема да има никаков бенефит од овие реконструктивни напори.
Точно е дека Америка секоја година му праќа воена помош на Израел. Според извештај од март оваа година, САД дал 124 милијарди долари за воена помош за Израел од 1946 година.
Речиси целата моментална помош од САД за Израел е воена помош. Војската на САД помага да се трансформираат израелските вооружени сили во една од технолошки најсофистицираните војски во светот, се вели во извештајот.
Што се однесува на делот од објавата што ја рецензираме во кој се вели дека Словаците се поставиле на границата поради голема навала на емигранти, стануваше збор за зголемен број на илегални мигранти кои се упатуваа кон Германија и Западна Европа. Стануваше збор за главно млади мажи од Средниот Исток и Авганистан, кои дошле преку Балканската рута, преку Унгарија и Србија, пишува Ројтерс.
Овој настан воопшто не е поврзан со конфликтот меѓу Хамас и Израел. Според Балкан Инсајт, причината поради којашто толку голем дел од мигрантите од Средниот Исток се упатени кон Словачка е документ за кој погрешно веруваат дека им дава за право да останат во ЕУ.
Си Ен Ен неодамна објави истражувачка сторија во која открива дека Хамас користи различни начини на финансирање, меѓу кои и донации во криптовалути. Исто така, Хамас е терористичка организација, а во САД е противзаконско да се финансира таква организација, што значи дека администрацијата на Бајден не само што не ги финансира, туку и ги презема сите потребни чекори за да осигури дека Хамас не користи пари ни од американските донации за цивилите во Газа.
Хамас и други терористички организации, на Фејсбук јавно ги објавуваа своите крипто паричници и им кажуваа на луѓето како да донираат, според извештај објавен оваа година од страна на Одделот за домашна сигурност на САД (Department of Homeland Security), пишува Си Ен Ен.
Имало и обвинение против човек од Њу Џерзи, кој во 2019 година на Инстаграм објавил дека само што им донирал 100 долари на Хамас. Мажот, исто така, е обвинет дека им пратил на Хамас 20 долари во биткоин и признал вина.
Голем донатор на Хамас е Иран, кој овозможува 100 милиони долари годишно за палестински терористички групи, вклучително Хамас и Исламистички Џихад, според извештај на Стејт Департментот од 2021 година. Материјали од Одделот за финансии на САД (US Treasury Department) ги посочуваат начините на кои Хамас прима ирански пари преку финансиери во Турција и Либан. На пример, финансиски оперативец во Либан, бил посредник меѓу иранските исламски револуционерни сили и Хамас, и работел со либанската група Хезболах, за да осигура дека парите биле префрлени, се наведува во извештајот на Одделот за финансии на САД.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. САД и администрацијата на Бајден не го финансираат Хамас. САД испраќаат хуманитарна помош за цивилите во Газа, но таа не оди за терористичката организација која има повеќе финансиери, меѓу кои главниот е Иран. САД ја прогласи Хамас за терористичка организација и ги гони своите државјани или постојани жители кои ја финансираат оваа милитантна група.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар