Адренохромот не се добива од крвта на мали деца

Модел, молекул на адренохром Фото: pixabay.com

Нема никакви докази дека адренохромот е дрога која се добива од крвта на претходно мачени деца и дека се користи за подмладување, како што тврдат поддржувачите на оваа теорија на заговор. Во реалноста станува збор за синтетичка супстанца која е лесно достапна и се добива во лабораторија. Вистината е дека адренохромот се добива со оксидација на адреналин и не е точно дека деца се жртвуваат за да се добие оваа состојка од нивната крв

Нема никакви докази дека адренохромот е дрога која се добива од крвта на претходно мачени деца и дека се користи за подмладување, како што тврдат поддржувачите на оваа теорија на заговор. Во реалноста станува збор за синтетичка супстанца која е лесно достапна и се добива во лабораторија. Вистината е дека адренохромот се добива со оксидација на адреналин и не е точно дека деца се жртвуваат за да се добие оваа состојка од нивната крв

 

 

Рецензираме објава на Фејсбук во која е изнесена конспиративна, тотална измислица дека најскапата дрога на светот е адренохром која се правела од детска крв откако децата претходно биле мачени.

Најскапата дрога во светот Adrenohrom
Се прави од дечја крв после Мачење на деца до 8 години
Prezemeno od Google
ДЕМОН КРАТИЈА
Влезете во нивното семејство
Да ви биде подобро, стои во објавата што ја анализираме.

Теоријата на заговор за екстракција на адренохром од деца, е актуелна од поддржувачите на Кју анон движењето во САД. Според оваа теорија на заговор, адренохромот е супстанца која е еликсир на младоста и мора да се извлече од жив организам, а потоа жртвата да почине. Се тврди дека богати луѓе и елитисти ширум светот, киднапираат и мачат деца за да го земат адренохромот од нивните тела додека се живи, а потоа го консумираат за да останат млади.

Теоријата на заговор за адренохром се шири од поодамна, но пораст на интересот за неа се забележува од март 2020 година и пандемијата на ковид-19. Познатите личности кои објавуваа фотографии на кои се затворени дома и изгледаат не баш уредни за пред камера, беа споделувани на социјалните мрежи со обвинувања дека страдаат од повлекување од адренохром.

Иако никогаш со докази не е потврдено дека постои некаква пракса да се екстрахира адренохром од деца, сепак наративот не престанува да циркулира на социјалните мрежи.

Според најголемата медицинска библиотека во светот, Националната библиотека за медицина во САД,  адренохромот е хемиско соединение со молекуларна формула C9H9NO3, кое се добива со оксидација на адреналин (епинефрин). Се користи како лек во форма на негови деривати за лекување на загубата на крв како хемостатик. Во лабораториите се синтетизира со помош на сребрен оксид кој се користи како оксидирачки агенс. Нема докази дека оваа супстанца се користи за подмладување, ниту пак, дека има халуциноген ефект.

Ниту една научна студија, клиничко испитување или официјална здравствена агенција не го поврзува адренохромот со подмладувањето. Вистината е дека адренохромот се добива со оксидација на адреналин и не е точно дека деца се жртвуваат за да се добие оваа состојка од нивната крв.

Адренохром нашироко се употребува за да се намали загубата на крв кај отворени рани и повеќето продавачи потенцираат дека е синтетички.

Адренохромот е достапен за истражувачите во синтетичка форма. Санта Круз Биотехнолоџи, фирма во Калифорнија, продава синтетички адренохром за 55 долари за 25 милиграми.

Сите продажби се за лаборатории кои имаат сертификати да ја купуваат оваа хемиска состојка. Како што пишуваат странски проверувачи на факти, да се извлече адренохром од живо човечко битие, би претставувало многу комплицирана процедура, со многу чекори за прочистување и операции.

Да се зема од живи луѓе не е логично, бидејќи е малку веројатно дека надбубрежната жлезда на детето би можела да даде повеќе од половина милиграм, дури и кога би имало процес за негово извлекување од бубрежната жлезда и прочистување заради отстранување на ткивото,вели доктор Мителман од УКЛА за „Лид сторис“.

Идејата дека супстанцата мора да се извлече од жив организам за да има својства против стареење, се базира на филмот  „Страв и омраза во Лас Вегас”, во кој еден од протагонистите продава адренохром и вели дека за да има ефект адренохромот мора да се извади од жив човек.

Сепак, освен во филмовите и во книгите, нема научна поткрепа за тоа дека адренохромот е еликсир на младоста.

Нема никакви докази дека адренохромот е дрога која се добива од крвта на претходно мачени деца и дека се користи за подмладување, како што тврдат поддржувачите на оваа теорија на заговор. Во реалноста станува збор за синтетичка супстанца која е лесно достапна и се добива во лабораторија. Вистината е дека адренохромот се добива со оксидација на адреналин и не е точно дека деца се жртвуваат за да се добие оваа состојка од нивната крв.

Според сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција