Адренохромот се добива во лабораторија, а не од деца жртви на трговија

Илустрација на молекула на адренохром Фото: pixabay.com

Иако никогаш со докази не е потврдено дека постои некаква пракса да се екстрахира адренохром од деца, сепак наративот не престанува да циркулира на социјалните мрежи. Вистината е дека адренохромот е состојка којашто се добива со оксидација на адреналин и не е точно дека деца се жртвуваат за да се добие оваа состојка од нивната крв, туку се создава во лабораторија

Иако никогаш со докази не е потврдено дека постои некаква пракса да се екстрахира адренохром од деца, сепак наративот не престанува да циркулира на социјалните мрежи. Вистината е дека адренохромот е состојка којашто се добива со оксидација на адреналин и не е точно дека деца се жртвуваат за да се добие оваа состојка од нивната крв, туку се создава во лабораторија

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека супстанцата адренохром се добива од деца жртви на трговија и дека светската елита ја користи за подмладување. Ова не е точно.

Да ли знаете што е Адренохром ?

Адренохромот е моќниот хормонски претходник на адреналинот што го лачи телото во големи количини во моменти на интензивен страв, лутина или согледана како опасност по живот.

Децата жртви од трговија се најголемиот извор на адренохром дрога која ја користи елитата.

Ресурси Милениум Рапорт: https://themillenniumreport.com/…/trafficked-children…/

Да ли знаете дека и на наши Балкански простори е многу застапена …

Наскоро екпертите на WRC Тимот ке објават статија како Адренохромот од Словениа се проширува низ Балканот …, пишува во постот. 

Во објавата што е предмет на рецензија се споделува дезинформација, којашто често може да се забележи на социјалните мрежи, а тоа е теоријата на заговор за адренохром за кој се тврди дека е афродизијак добиен од крвта на деца жртви на трговија.

Теоријата на заговор за оваа супстанца тврди дека политичарите од „длабоката држава“ и холивудската елита се вклучени во голема мрежа за киднапирање деца, која го собира хемиското соединение адренохром од сексуално злоупотребувани деца подложени на сатанистички ритуали.

Ова тврдење за адренохромот, кое е целосно неосновано, го шират припадниците на движењето Кју Анон, кои велат дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп води тајна војна против елитните педофили кои го обожаваат сатаната и се наоѓаат во владата, бизнисот и медиумите.

Теоријата на заговор за адренохром потекнува од поодамна, но пораст на интересот за неа се забележува од март 2020 година и пандемијата со ковид-19. Познатите личности кои објавуваа фотографии на кои се заглавени дома и изгледаат не баш „стокмени“ за камера, беа споделувани на социјалните мрежи со обвинувања дека страдаат од повлекување од адренохром.

Иако никогаш со докази не е потврдено дека постои некаква пракса да се екстрахира адренохром од деца, сепак наративот не престанува да циркулира на социјалните мрежи.

Ниту една научна студија, клиничко испитување или официјална здравствена агенција не го поврзува адренохромот со подмладувањето. Вистината е дека адренохромот се добива со оксидација на адреналин и не е точно дека деца се жртвуваат за да се добие оваа состојка од нивната крв.

Според најголемата медицинска библиотека во светот, Националната библиотека за медицина во САД, адренохромот е хемиско соединение добиено со оксидација на адреналин којшто е хормон на стрес, а неговата главна примена во медицината е да го запре крварењето со предизвикување згрутчување на крвта во отворените рани. Во лабораториите се синтетизира со помош на сребрен оксид кој се користи како оксидирачки агенс. Нема докази дека оваа супстанца се користи за подмладување, ниту пак, дека има халуциноген ефект.

Според описот од PubChem, база на податоци за хемиски молекули што ја одржува Националниот центар за биотехнолошки информации, адренохром е хемикалија произведена со оксидација на адреналин. Наспроти недокажаните измислици, кои се споделени во постот, вистината е дека  адренохромот е хемиско соединение со молекуларна формула C9H9NO3, кое се добива со оксидација на адреналин (епинефрин). Се користи како лек во форма на негов дериват за лекување на загубата на крв како хемостатик. Тврдењата дека има својства против стареење немаат никаква основа во реалноста и фактите.

Адренохромот е достапен за истражувачите во синтетичка форма. Идејата дека супстанцата мора да се извлече од жив организам за да има својства против стареење, се базира на филмот  „Страв и омраза во Лас Вегас”, во кој еден од протагонистите продава адренохром и вели дека за да има ефект адренохромот мора да се извади од жив човек.

Сепак, освен во филмовите и во книгите, нема научни поткрепи за тоа дека адренохромот е еликсир на младоста.

Во објавата се спомнува дека адренохромот е застапен и на Балканот, но за ова нема никаков доказ. Теоретичарите на заговор адренохромот го поврзуваат со познатата Србинка, концептуалната уметница Марина Абрамовиќ чија ексцентрична природа е добро позната на светската јавност. Во овие заговорнички кругови се тврди дека на нејзините забави, каде присуствува холивудскиот џет-сет, гостите се дрогираат со најскапата дрога во светот – адренохром. Но, сепак, не постојат никакви докази против неа кои прикажуваат дека уметницата е поврзана со каква било активност која вклучува трговија со деца.

Поради сите горенаведени податоци, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Нема никакви докази дека многу познати личности користат адренохром за да останат млади. Всушност, супстанцата е еликсир на младоста само во теориите на заговор, додека во реалноста станува збор за синтетичка супстанца која е лесно достапна, се добива во лабораторија и нема потреба за нејзиното добивање да се „мачат деца“.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција