Алтеа не е лек за алкохолизам, туку чај од тревки

Фото: Принтскрин ФБ пост

Алтеа не е лек против алкохолизам туку чај од билки, а за неговото рекламирање се злоупотребени доктори, измислени се ликови и се наведуваат невистинити факти со цел да се намамат граѓаните да го купат овој чај мислејќи дека е лек

Алтеа не е лек против алкохолизам туку чај од билки, а за неговото рекламирање се злоупотребени доктори, измислени се ликови и се наведуваат невистинити факти со цел да се намамат граѓаните да го купат овој чај мислејќи дека е лек

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Алкохолизмот може да биде поразен за една недела! Алкохоличар ќе почне да се откажува од алкохол ако тој…

Потоа се споделува линк „кликнете на копчето“ кој ги води корисниците на социјалната мрежа Фејсбук на манипулативна реклама за билен чај, кој се претставува како „лек“.

За разлика од овој линк кој води до манипулативна реклама и лажно интервју со измислени ликови, кога ќе се погледне страницата на чајот, таму не се пропагира дека тој е лек туку се користи многу поскромна терминологија:

Билен напиток формулиран со одбрани состојки со намена за поддршка на организмот за луѓе кои сакаат да ја променат својата лоша навика и алкохолните пијалоци да ги заменат со здрави природни додатоци во исхраната.

Ликот во рекламата –  „македонскиот актер Владимир Поповски“, не постои ни во Македонија ни во Србија како актер. Фотографијата употребена за да се илустрира Владимир Поповски е преземена од интернет и таа е, всушност на рускиот актер Алексеј Серебријаков.

Според извештај на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, бројот на лекувани болни лица од алкохолизам се намалил од 943 во 2017 година, на 875 регистрирани случаи во 2019 година (официјален извештај за зависности, страница 13).

Се проценува дека годишно од зависност од алкохол заболуваат 23 милиони луѓе во Европа, а алкохолизмот како хронична болест секоја година зема 2.5 милиони жртви (смртни случаи). Изворот на таа статистика е на страница 9 во извештајот на ИЈЗ.

Вистиномер се обрати кај стручни лица од Клиниката за токсикологија при Клинички центар „Мајка Тереза“ и оттаму ни кажаа дека не постои чај за лекување на алкохолизам.

Нема таков чај, рече професор доктор Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија и долгогодишен лекар.

Целокупното интервју кое е фабрикувано, односно користени се измислени дијалози и невистина дека некое интервју било прекинато на телевизија, има за цел преку манипулативен маркетинг да продаде чај како лек против алкохолизам. На следниот линк може да се видат земјите во кои алкохолизмот е најзастапен по глава на жител и тоа и за мажи и за жени, со што се побива изнесеното во невистинитата реклама дека „Македонија е лидер во светската статистика“.

Во објавата што ја рецензираме невистинито се наведува и дека:

Доктор Лука Јовановски го дал лекот со кој актерот се одвикнал од алкохолот.

Нема доктор Лука Јовановски во Македонија и тоа го покажува шифрарникот на Фондот за здравство за лекари специјалисти кои работат во јавните здравствени установи. Фотографијата со која е илустриран наводниот доктор Лука Јовановски е на рускиот доктор Александар Мјасников.

Дополнително, ризикот по јавното здравје е голем, затоа што во фабрикуваниот рекламен материјал се обесхрабруваат граѓаните кои страдаат од алкохолизам да одат во клиника на рехабилитација.Измислено во интервјуто е и дека „Националниот фокус центар за дроги и зависности претставил сосема нова формула која помага во борбата против зависноста од алкохол“, односно производот што се рекламира – Алтеа.

Невистинито е и тврдењето дека „биле потребни повеќе години за да се развие оваа формула, а дури сега, по сите потребни истражувања и сертификати, можеме слободно да зборуваме за тоа и да им го препорачаме овој лек на нашите пациенти“, со оглед на тоа дека не доаѓа од вистински доктор, ниту пак станува збор за лек. Во манипулативниот маркетинг лажно се тврди дека приватните центри за рехабилитација поставувале бариери за „лекот“ како и дека аптеките не сакале да го продаваат ако маржата не им биде 500 до 600 проценти. Ништо од тоа не е точно. На крајот од невистинитото интервју се оставени и невистинити коментари за да симулираат „задоволни потрошувачи“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Алтеа не е лек против алкохолизам, туку чај од билки а за неговото рекламирање се злоупотребени доктори, измислени се ликови и се наведуваат невистинити факти, со цел да се намамат граѓаните да го купат овој чај, мислејќи дека е лек.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција