АНАЛИЗА: Доаѓа „ураган“ на пазарот на труд – ќе увезуваме ли работна сила?

Ветеринар, продавач, месар, келнер, возач – ова се дел од професиите за кои се нудат вработувања вo веќе објавните огласи во март. Според податоците од Заводот за статистика, на крајот од 2019-та во земјава имало 9.053 слободни работни места, пишува неделната економска анализа на Порталб. Според податоците од Агенцијата за вработувањe, кои се променливи поради понудата и побарувачката на работна сила, на почетокот од март регистрирани се 8.500 работни места. Побарувачката за различни профили расте. Фирмите се потешко наоѓаат квалификувана работна сила. Претстојат драматични промени на  пазарот на труд.

 

Пишува: Анета Додевска

 

ГЕРМАНИЈА – ПОСАКУВАНА ЕВРОПСКА „ПЕЧАЛБАРСКА“ ДЕСТИНАЦИЈА 

На крајот од 2018 та во земјава имало 8 156 слободни работни места. Една година потоа, според официјалните податоци од Заводот за статистика – 9 053. На пазарот на труд почнуваат да се менуваат улогите – бизнисот бара квалификуван и образован кадар, а невработените газди кои ќе го платат трудот.

Податоците покажуваат дека на пазарот на труд веќе се чуствува се поголем дефицит на одередени занимања, пред се поврзани со трговијата, транспортот и угостителството.

Точно е дека  фирмите, пред се оние од индустријата, се соочуваат со проблем да најдат соодветни работници. Зборуваме за квалификуван кадар кој се помалку го има. Сметам дека сега со новите законски измени што ги направи Германија, а со кои  се олеснуваат условите за заминување и работа таму, ќе се соочиме со уште поголем проблем.  Веќе треба да зборуваме и да размислуваме за увоз на работна сила, и мислам дека нема да може да избегаме од ова прашање. Во соседна Бугарија, која по влезот во Европската унија се соочи со масовен одлив на работна сила, веќе се формирани специјални агенции за „увоз“ на работна сила – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Германија и досега важеше за една од најпосакуваните европски “печалбарски“ дестинации но изминативе години стана атрактивна за стручни и образовани лица – особено за медицинскиот кадар. Сега, со новите либерализирани правила за работа во Германија, опасноста од “одлив на мозоци“ во оваа економски силна земја е уште поголема. Германскиот амбасадор им се обрати на граѓаните на Македонија преку видео-порака.

Овој закон важи не само за жителите на Балканот, туку за луѓе од целиот свет. Согласно со Законот, квалификувани стручни лица не се само лица со завршено високо образование туку и стручни лица со квалификувано стручно средно образование. Како прв чекор мора да се докаже оваа квалификација пред да се поднесе барање и да биде призната од надлежните германски служби. Со призната професионална квалификација може да поднесете барање за виза за кое ви е потребна и конкретна понуда за работно место. За да може стручните лица да имаат корист од забрзаната постапка идниот работодавач во Германија мора да поднесе соодветно барање. Кога сето ова ќе е приложено, Амбасадата ќе издаде виза – порача амбасадорот Томас Герберих.

 

ШТО НАЈМНОГУ СЕ БАРА И СЕ НУДИ НА ПАЗАРОТ НА ТРУД?

Во моментов со земјава, според видот на занимањето, најбарани се продавачите за кои има 550 слободни работни места, за општ работник има скоро 500, за хигиеничари има 420 слободни места, за ракувачи со шивачка машина за текстил 300, за шивачи има 280 слободни места, а за келнери 277. Во земјава на пазарот на труд има дури 207 слободни места за возач на камион и 177 за возач на такси.

Дефицит на кадар има и кај други занимања, па така во градежништвото има 150 слободни места за градежен работник, а се бараат и 140 шанкери, 135 готвачи, 130 бравари, 100 магационери, 90 чевларски работници и речиси исто толку програмери.

Според податоците од Агенцијата за вработување, најголем дел од слободните работни места или околу 4.800 се во Скопје, следуваат Тетово со скоро 550 слободни места, Куманово со 460, Струмица 456, Штип 370, Охрид 256 и Битола 235. Во останатите градови регистрирани се помалку од 200 слободни работни места. Интресно е дека во Кратово во првата недела од март не е регистрирано ниту едно слободно работно место, а најмалку има во Демир Хисар 3, во Пробиштип 5 и во Валандово 7 слободни места.

Ако се анализира според дејноста, на прво место со 2.222 слободни позиции е преработувачката индустрија а зад неа се трговијата, градежништвото, хотелиерството, транспортот.

Слободни работни места

  • Преработувачка индустрија                                   2 222
  • Трговија                                                                       1 465
  • Градежништво                                                           1 327
  • Хотелиерство                                                                 881
  • Транспорт и складирање                                            804
  • Административни и помошни дејности                  665
  • Стручни и научни дејности                                          292
  • Информации и комуникации                                     246

Во останатите дејности се отворени помалку од 200 работни позиции, а најмалку слободни места, конкретно 5 има енергетиката, 7 во дејности во врска со недвижен имот и 20 во секторот рударство.

Според Заводот за статистика најголем број или 4.745 слободни места има во Скопскиот плански регион, а најмалку, или 155 има во Полошкиот плански регион.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција